Коментари

Битката за Невеска

kleopatra-33

kleopatra-33
Клеопатра

Во текот на Илинденското востание 1903 година, до масовно дигање на народот дошло и во другите реони на Битолскиот револуционерен округ. Во Костурскиот револуционерен реон востаничките акции особено биле интензивни во Пополе, Корешта и Клисурско. Во овој дел од Македонија на 4 август востаниците го зазеле гратчето Клисура и го држеле во свои раце се` до 27 август. На 12 август еден востанички одред од 700 души го освоил и градчето Невеска.

Костурчани кои најмногу го посакувале востанието, најдоцна ја добија пораката од Главниот штаб. Прогласот од 26 јули со кој за ден на востанието бил определен 2 август, на празникот Илинден, тие го добиле на ден Илинден над село Дреновени. Веста за почетокот на востанието било поздравено со громогласно ура на востаниците, кое, по краткиот говор на Чакаларов, се слеало со ехото на соседните планини и ги затреперило срцата на жителите на Горно и Долно Дреновени. Половина час подоцна брзи курири го разнеле по селата повикот од Горското началство, составен набрзина од Лазар Поп Трајков, а препишан во стотина примероци:

„Востанието е објавено денес. Македонија е во отворена борба со тиранинот. Отаде Вич борбата е започната од денес наутро. Ги повикуваме сите способни да носат оружје, по утврдениот редослед, да влезат во редовите на борците! Да живее борбата за слободна Автономна Македонија! Да живеат борците!  

Првиот ден поминал во мобилизација на вооружените сили. Во текот на ноќта одделни одделенија ги прекинале телефонско – телеграфските линии и го изолирале градот Костур. Вториот ден биле преземени безуспешните напори за да се започне поход на градот Костур, иако уште првиот ден биле испратени востаниците преоблечени во селска облека за да предизвикаат пожари, кои требало да бидат сигнал за напад на вооружените сили на соседните села Апоскеп, Жупаништа и Тихолишта. Раздвижувањето на аскерот го натерало раководството на востаниците да се откажат од планот за напад на Костур.

Сепак, набрзо потоа, востаниците ќе ги извојуваат своите први победи и ќе ги ослободат градовите Клисура и Невеска. Заземањето на овие два града претставувало крупна победа на востанието во Костурско.

Добро обучените востаници во Костурскиот востанички реон покажале на почетокот на востанието висок степен на борбена ефикасност и со минимални загуби постигнале големи воени победи. Ова е особено важно ако се знае дека тие се случуваат откако по првичната збунетост, турската војска необично брзо се консолидира и концентрирала големи сили во текот на август, по што петнаесетилјаден турски аскер презел контраофанзива.

Од војнички аспект, особено ослободувањето на Невеска, кое броело околу 6.000 жители, било едно од поголемите воени победи во текот на востанието. Градчето било нахиски центар на југозападниот дел на Леринската околија и во него бил сместен турскиот мудур. Местото имало телефонско-телграфска станица и гарнизон со околу 70 војници. По започнувањето на востанието, протераните турски војници од околните села се прибирале во Невеска, така да бројот на војниците во градчето се зголемил на околу 250. Поголем дел од турските војници кои не можеле да се сместат во касарната, биле сместени во шатори, надвор од градот.  

Ослободувањето на Невеска, како и ослободувањето на Клисура, било дело на здружените востанички чети од Костурскиот и Леринскиот востанички реон. Врз основа на разработениот план кај селото Псодери, операцијата за ослободување на Невеска била изведена под команда на искусниот војвода Васил Чакаларов, а во содејство со војводите Лазар Поп Трајков, Иван Попов, Никола Андреев, Никола Мокренски (Алај – бег) и др. Во нападот учествувале околу 700 востаници кои од четири страни настапувале кон градот. Додека војводата Чакаларов ги следел и раководел со дејствијата од соседната височинка од каде имал преглед и услови да интервенира доколку акцијата биде загрозена од турскиот аскер, првата група востаници настапувала од север од страната на село Бел Камен, втората од исток и југоисток од страната на селото Зеленич, трета од запад од страна на село Елово и четвртата од југоисток од страна на селото Прекопана. Концентрацијата на силите траеле во текот на денот и ноќта, а четата на Иван Попов успеала незабележано да се доближи на само 600 метра од шаторите на аскерот.

Нападот го започнал со силен оган во три часот наутро леринскиот одред кој напаѓал од северната страна на Невеска. Четирите одделенија на војводата Иван Попов, со прецизна стрелба оневозможиле турските војници да дојдат до оружјето, а други три се доближиле до војниците. Забележувајќи дека од спротивната страна нема стрелба, турските војници избегале во панично бегство во правец на Зеленич, оставајќи го оружјето и опремата. Веднаш потоа војводата Попов, од северната, а Андреев од јужната страна влегле во градот.

По влегувањето во градот востаниците наишле на отпор од турските војници во касарната. Но, откако увиделе дека долго време нема да издржат, турските војнци избегале. Востаниците во касарната заплениле 37 модерни пушки маузер, 6.000 куршуми, воена опрема, шинели и друго, по што ја запалиле.

Иако мудирот навреме избегал, последниот објект кој бил освоен во Невеска бил мудирлукот. Во борбите за овој објект биле убиени тројца, а заробени седумина заптии, меѓу кои и баш-чаушот Сулејман. Со оваа акција борбата за Невеска била завршена, а на мудирската кула било истакнато востаничкото знаме.  

По завршувањето на борбите, во текот на вечерните часови, костурските востаници се повлекле од градот, додека леринските, предводени од Ѓорѓи Поп Христов, останале уште два дена, со цел да помогнат за воспоставување на Привремена управа во градот.   

На 27 август 1903 година, турската војска која броела околу 15 илјади луѓе, во две колони се упатила кон Невеска. Главната колона, со сила од 10 илјади војници, настапувала со забрзан марш од правецот на Клисура и селото Загоричани, а другата колона која броела околу 5 илјади војници настапувала од правецот на Лерин и селото Бел Камен.   

Согледувајќи ја новонастанатата ситуација, во согласност со стратегијата за водење на вооружената борба и за да се избегнат непотребните жртви, востаниците решиле без борба да се повлечат од Невеска. И покрај брзата интервенција на османлиската војска, извлекувањето на востаниците било успешно спроведено со што бил избегнат судирот со турскиот аскер. Главнината на востаниците се повлекла на југ, кон Емборската Планина во Кајларско, а помалиот дел од силите се упатил кон Корештата, во Костурско.

Со цел да се избегне судирот со големите турски единици, повлекувањето се одвивало со забрзан марш. Востаниците успеале да ги избегнат судирите, иако турската војска ги имала запоседнато сите позначајни врвови и планински преслапи, па дури за да се стесни просторот за маневар и засолнување на востаничките сили таа спровела систематско сечење и палење на шумите. Но, ни тие мерки не ги дале очекуваните резултати. Главнината на востаниците, без поголеми загуби, се извлекла од обрачот.

Блескавите војнички победи за жал не биле крунисани со поголеми политички ефекти. И овде, како и во Крушево со Крушевската Република, забележително е формирањето на револуционерна власт во ослободените краишта, особено во Клисура и Невеска, што претставува уште еден придонес во остварувањето на државотворните стремежи на македонскиот народ.

(извор: В. Стојчев, „Широк одзив“, Одбрана бр.93, 2004, стр.37 – 39 )

Најново од: Коментари

Ламбе Арнаудов: Автономија за Пирин. Бугари во Устав. Решен проблем!

Престанете да купувате Бугари во Македонија. Човечката димензија не ја менувајте со пазарна. Тие што сте, колку сте и малу да сте, ние ве прифаќаме како апсолутни и рамноправни граѓани и со нашиот Устав ви ги гарантираме сите човечки права и граѓански слободи! Овие денови што минуваат, исполнети со исклучителна агресија на говор на омраза […]

Ѓорѓија не бил сериски убиец, туку обичен пијаница!

Не е првпат наши интерпретатори и музички групи, поради едни или други причини, да ги менуваат текстовите на нашите народни песни. Честопати некои од овие промени влијаат и врз самата содржина на текстот, правејќи ја апсурдна. Овде ќе наведеме два драстични примера. Првиот се однесува на убавата народна песна „Мајка на Марика думаше“, во чиј […]

Разумот има најголема вредност кога ќе се употреби навреме

Украинскиот претседател Володимир Зеленски деновиве изјавил дека „Украина е подготвена за вистински одлуки и чекори кон деескалација“ за да се приближи крајот на војната со Русија. Оваа изјава е повод за пошироко размислување за одговорноста на лидерите и за можностите за договор што се пропуштаат пред оружјето да го преземе зборот. Разумот има најголема вредност […]

Бугарија претера, Европа молчи

Бугарите претераа со Ива, Самоил, Бендиков, Спаска… Што е многу, многу е. Тотално претераа и нема граници глупоста на Бугарија, а воедно никаков укор или дисциплинска мерка од Европа, сега и последниве 100 и кусур години. Кучињата лаат, караванот си врви. Овие Бугарите ни мртвите не ги оставаат на мир, а за живите да не […]

На кој јазик зборуваме, на кој јазик се разбираме?

Јазикот е многу повеќе од средство за комуникација. Во него живеат историјата, душата и погледот на светот на еден народ. Но што се случува кога сопствените зборови сè почесто ги заменуваме со туѓи, дури и кога имаме соодветни македонски изрази? Мајчиниот јазик ги обликува нашите најрани мисли, нè поврзува со предците и го зацврстува нашиот […]

Дедо Божин од Аматово грците го преименувале во Христо, но македонскиот корен не му го искорнале

Пишува Драги Трајков Со менувањето на македонските имиња, презимиња и топоними и со наметнувањето на грчкиот јазик како единствен во училиштата, грчките власти се обидувале да го избришат македонскиот идентитет, но дедо Божин го зачувал својот корен. Македонците се како пирејот: колку и да ги газиш и корнеш, коренот останува жив и повторно никнува, таков […]

1881 година: Големите сили предупредиле против бугарски упади во Македонија

Документот од 1881 година сведочи дека Македонија била именувана во меѓународната дипломатија многу пред Тито да стане претседател на СФРЈ. Таен трицарски сојузен договор помеѓу Германија, Австро-Унгарија и Русија: трите сили ќе ги одвраќаат Бугарите од секое упаѓање во соседните подрачја, особено во Македонија Дополнителен протокол кон Трицарскиот сојуз: Големите сили предупредиле против бугарски упади […]

Гоце почива во слободна Македонија – го чуваме ли заветот за кој го даде животот?

Пред 80 години, на 10 октомври 1946 година, посмртните останки на Гоце Делчев биле положени во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје, со највисоки државни и воени почести. Но дали денес, покрај неговото почивалиште, го чуваме и значењето на неговата жртва? Што чувствувале луѓето што на 10 октомври 1946 година го пречекале Гоце во […]

To top