Коментари

Во 1895 г. идејата за самостојност и сувереност ќе стане основен принцип на ВМРО

Tihomir Karanfilov-001

Tihomir Karanfilov-001
Тихомир Каранфилов

Формирањето на Внатрешната македонска револуционерна организација на Македонија на 23 октомври 1893 година, како и формирањето на „Македонскиот комитет“ во март 1895 година во Бугарија, чија цел е извојување на политичка автономија за Македонија и Одринско, влијаело врз политиката на бугарската влада спрема Османската империја. Стравот дека Македонија може да биде изгубена засекогаш, доведува да дојдат до израз поекстремните и поагресивнит средства на бугарскиот државен и политички апарат, кој започнал да применува комбинирани средства за притисок врз Османската империја.

Во 1895 година, во сите поголеми градови биле организирани поголеми митинзи на кои се барало спроведувањето во сила на чл. 23 од Берлинскиот договор. Исто така, по обединување на македонските друштва во Бугарија, од кои, на Конгресот во март 1895 година, бил формиран „Македонски комитет“, бугарските власти ги вложуваат сите сили преку него да го наметнат своето влијание врз македонските организации.

Во пролетта на 1895 година биле мобилизирани старите арамиски војводи и од регрутираните четници биле создадени четири покрупни одреди и неколку помали чети со околу 600 лица. Кон крајот на јуни, со однапред определена цел, одредите биле префрлени во Македонија. Нивната задача била да предизвикаат востание. Меѓутоа, освен одредот на Борис Сарафов, кој на 12 јули на препад го освоил градот Мелник и го држел неколку часа во свои раце, другите уште на границата биле разбиени. Со тоа, во 1895 година била завршена целата четничка акција поддржана од бугарскиот двор и влада, тенденциозно наречена „Мелничко востание“.

Додека за македонскиот народ оваа акција ќе има тешки последици, за Бугарија резултатите биле повеќе од добри. На меѓународен план се сфатило дека при поставување и разгледување на македонското прашање Бугарија е фактор за кој мора да се води сметка, а од друга страна оваа акција му помогнала на Фердинанд да биде признаен од Русија, за кнез на Бугарија.

Внатрешната македонска револуционерната организација, исправена уште во почетокот на својата дејност пред еден стран надворешен фактор, кој го сопирал нејзиниот непречен развој, зела категоричен одбоен став спрема влегувањето на вооружените чети. Во текот на август 1895 година ЦК на Револуционерната организација му испратила писмо на „Македонскиот комитет“, во кое категорично се барало: „Македонскиот комитет во иднина да не испраќа никаква чета ниту одделни вооружени групи во Македонија и Одринско, бидејќи тие носат само зло и го пречат спокојното организирање на народот и засилувањето на Организацијата“.

Гоце Делчев (1872 – 1903), еден од предводниците на македонското национално-ослободително движење, кој во овој период дејствува на револуционизирање на македонските народни маси и за нивно сплотување во редовите на Внатрешната македонска револуционерна организација, како и за трасирање на патиштата во борбата за национално и социјално ослободување на македонскиот народ, ќе реагира на влегувањето на четите. Во писмото од 17 октомври 1895 година испратено до Ефрем Каранов (македонски деец од Кратово – учествува во формирањето на Македонското друштво во Ќустендил во 1895 година), Делчев реагира на влегувањето на четата на штипјанецот Александар Чакаров и ја образложува суштината на македонското ослободително дело, принципите на самостојната и самобитната македонска борба за слобода. Во него, тој меѓудругото ќе напише: 

„Господине Каранов, нема посвета, но и поделикатна должност од оваа со која сте се нагрбиле. Зборот ми е за претседателската должност во Ќустендилското друштво. Таа е света, зошто сте поставени да раководите едно друштво чија цел е света: да избави милиони луѓе од канџите на тиранијата; да поправи судбината на толку несреќни души. Деликатна е пак затоа, бидејќи една мала грешка, една необмислена ништожна постапка влече по себе затварање по влажните зандани, бесилки, залудно пролевање свежа и млада крв и сл. Малкумина се оние кои се натоваруваат со таа толку тешка должност, па не може и секој да се нагрби, зашто тука станува збор за избавувањето или за уште полоша судбина на цел еден народ. Таа должност, колку поголема признателност му донесува на оној што ја извршува добросовесно, промислено и разумно, толку, и дури повеќе проклетства народни добива оној што лесно гледа на секоја една иницијатива што се однесува на поставената цел. Ќустендилскиот комитет благодарение на географската местоположба би можел да направи за постигнувње на целта многу повеќе отколку сите заедно собрани комитети во внатрешноста на Бугарија. Ќустендилскиот комитет претставува еден брод по кој одат други и чија задача е да бара, бидејќи е поблиску до брегот, спасоносен пат, за да можат сите бродови да стигнат до брегот. Меѓутоа, колку е поблиску до брегот, толку е поопасно, бидејќи на непознат пат постои опасност од удирање на некоја подводна карпа и распарчување на илјада парчиња. Тука веќе зависи од искуството и разумното управување на капетанот. Далеку сум од мислата да се искажам дали Вие сте достојни да го управувате споменатиот брод, зошто јас ниту ве познавам лично, ниту пак ги знам Вашите дела. Нека не Ве чуди, …дека, без да се познаваме, си дозволувам да Ви пишувам. Ни најмалку да не ве чуди, зошто подолу сами ќе разберете што ме натера да Ви пишам.

Пред неколку недели г-дин Чакаров се јавил со офицерска униформа (чин поручник) во Виница со намера да прогласи внатрешно востание! Благородно намера! Нема поспасоносен лек од оној со кој се зафатил Чакаров. Ослободувањето на Македонија лежи во внатрешното востание. Оној што мисли дека Македонија ќе се ослободи поинаку, тој се лаже и себеси и другите. Но кои се тие што ќе се кренат сега на востание? Г-дин Чакаров ли? Ако востанието може да се крене со 1-40 лица, тогаш Македонија одамна требаше да биде слободна државичка. Но бидејќи тоа е невозможно, а треба луѓе, тогаш што да се прави? Треба тој народ да се разбуди од петвековниот длабок сон, кој што го направил Македонецот доста дебел во свеста за човечка правина. И тоа ако не целиот народ, тогаш барем еден дел од него, па тогаш, наместо г-дин Чакаров да бара 40 лица, ќе го бараат него 400, за да застанат под неговото знаме. Ако не стане така и ако се прогласи востание, жално ќе биде за народот, а тешко и горко за виновникот. Жално е, зошто залудно ќе се изгубат најмлади сили (едни по зандани, други по бесилки), ќе се  остават невини Македонки, на самоволието на скотските и жестоки страсти на дивјаците и најпосле ќе се остават под јатаганот на Азиецот 5-годишни деца и 70-годишни старци и за сето тоа виновникот ќе биде одговорен и пред својата совест, и пред народот, и пред историјата. Го мисли ли тоа Ќустендилско комитет во согласност со Чакаров? Јас Ви се обраќам и Вам, зошто и според тврдењето на Чакаров тој бил испратен од Вашиот комитет (а пак на други им рекол дека е испратен од Главниот).  (Чакаров) влегува да прогласи востание, и тоа со кого и со што ?! Со 30 пушки, 7 бомби и 3 кутии динамит! Мислел ли, неговото господство, во случај да најдеше 40 души и да ја извршеше задачата, каков ќе беше резултатот? Предвидуват ли оние кои го испратија дека ќе беа извалкани, ако не и потопени, од крвта на своите поробени браќа? Ама остроумна мисла? Ама ослободителна идеја? Еден човек со 40 души да прогласи востание! … Ама план? Да не се родил некој бугарски Одисеј? Или да се лажеме еден со друг, да го лажеме простиот народ, додека сосема не се разочара и дури да ја изгубиме довербата на народот. Верувал ли, неговата милост на своите зборови што му ги кажувал писмено или усно на Г. Иванов: “Ќе кренам внатрешно востание, па штом ќе се развее знамето, Русија, о славна Русија, во истиот миг ќе навлезе во Македонија и ете ти, ние сме ослободени “(?? !!). Така ли мисли тој, така ли мислите и Вие, па најпосле така ли треба да се воспитуваат востаниците? Ако им давате такви голи надежи на востаниците, знајте дека и најпрвиот херој во извесни моменти ќе дојде до најголемо разочарување. Не, така со ништо не помагаат лагите, особено оваа. Трудете се да се искорени оваа слабост (очекуваната помош од рускиот тиран) и од најзаблудениот страшливец, па наместо неа нека се оживее непобедлива сила на самоувереност и решителност и тогаш, верувајте, секој еден ќе се бори докрај со најголема суровост. Работете, работете, господа, но малку повеќе да има тука разум. Доста е толку за оваа, а да Ви кажам за она што ме натера најмногу да Ви пишам.

Господин Чакаров при своето враќање во Ќустендил се пофалил некому (ако не се лажам на тајната пошта) дека ќе му се одмазди на Георги Иванов, затоа што не тргнал со неговиот ум – да кренат востание. Но знае ли тој дека луѓето, колку и прости да се (сепак Георги е едно од доста свесните момчиња), не се повлекуваат така лесно – неподготвени. И да ви кажам ли дека благодарение на тоа се избегнати се залудните крвопролевања кои ги предвиде ограничената проникливост на Чакаров и на оние кои го пратиле. И не е виновен Георги дека Чакаров не можеше да крене востание. Вие, колку што знам, го познавате многу добро Георги, сте ја разбрале неговата чесност и патриотизам. Како може тој да се согласи на востание, кога не гледа никаков успех во него и ништо друго во Чакаров освен лаги (ако сакате може да се испратат писмата и Вие ќе видите до каде одел Чакаров). Не е чудно дека тој сака да го оцрни пред вас Г. (како што направи пред некои штипјани и виничани, обвинувајќи го дека тој (Георги) зел од Ќустендилската комитет 30 наполеони), па не е чудно, како што и сам Георги претполага, да го нарече во Ќустендил подлец, лажливец, интригант, ако не и предавник; но наместо да го слушате, зошто Георги си е истиот, надахнат со патриотизам и силно предаден на татковинскиот долг, прашајте го какво му било однесувањето како бунтовник и што правел низ селата, каде што го криеле. Ако тој сакаше да принесе поголеми корист за татковината, за слободата за која срце толку силно му бие, тој ќе ме слушаше мене да остане оваа зима за да се вовлече и да се зафати со една засилена агитација, и ете ти напролет не 40 лица, туку 4000. Но тој, наместо да го направи тоа, оди да ги пеисилува селаните полошо и од најлошите спахии и наместо да живее скришно и скромно, оди да бара хигиенска соба и раскошни јадења. Така ли треба да постапува еден бунтовник за да се здобие со симпатиите на луѓето и да ја развие во нив мислата дека тој е нивниот спасител? Не само тоа, туку тој е гледал само и само да се покаже пред стар и млад, машко и женско, дека има офицерска форма и дека е произведен во чин поручник, па кој и да дојдеше во Виница, носеше известување за тамошното негово престојување. Благодарение, што не се најде некоја подла душа, зошто инаку ќе се исполнеа  скопските зандани со селани на чело со херојот. Поплаки многу доаѓаа овде, но бидејки Георги ме извести дека Ви напишал, затоа и не Ви пишав.

Да го оставиме веќе тоа – поминало, не се враќа, а само треба да послужи како лекција. Едно само ќе заборавев, што е најважно и за најголемо осудување, а тоа е дека Чакаров не го остави внесениот материјал овде, туку го изнесе.

…Само површно ќе ве запознаам со работите во Македонија, со кои верувам дека сте запознат, ако не од Чакаров, тогаш барем од Главниот комитет.

Во Македонија се развива систематска агитација за едно општо внатрешно востание, која што има земено големи размери и нема катче во Македонија што не е опфатено. Населението се подготвува во едно блиско време за востание, затоа должност е на секој еден родољубец да помогне колку што може повеќе, а уште повеќе на комитетите со таква цел, особено пак на Ќустендилскиот, кој би можел во сè да помага. Немојте да мислите дека штом Чакаров не може да подигне востание во Кочанско, нема луѓе. Како пречка за извршување на неговата задача се јави нашиот комитет, кој го убеди Георги да не се согласи со Чакаров, бидејќи во спротивен случај многу ќе му се попречеше на општото востание. Луѓе има многу, но за жал страдаме од недостатокот на најнеопходното за едно востание: без оружје сме и Вие, ако сакате да ни помогнете, помогнете ни во тоа, пратете колку што се може повеќе оружје. Јас му пишав на Главниот комитет, од кој не сум добил одговор. Секој вика: пушка, пушка и пак пушка. Подгответе ни оружје, барем 500 пушки, доведете ги до бугарски Ветрен, до куќата на Петре П. Димитров, и ние сами ќе си ги внесеме. Нашата надеж да не снабдите со оружје е силна, чекаме одговор веднаш штом ќе го добиете ова.

И еден друг товар му лежи на Ќустендилската комитет, кој што се состои во препраќањето на 60-70 примероци од весниците во Штип, од каде ќе се испратат во другите места на Македонија. И нив (весниците) ќе ги донесувате до бугарскиот Ветрен, до истата куќа, од каде ќе ги зима нашата тајна пошта – воопшто се што има за испраќање, праќајте преку горната куќа. Писмата да бидат адресирани директно до Штип.

Имајте доверба во Ѓорѓи Иванов.

…. Верувам дека сте свесни за штетата од разгласувањето на внатрешното подготвување, врз основа на што и се надевам дека не ќе излезе ни збор од Вашата уста. Ако нешто се сомневате во моето име, пријавете се за податоци од Главниот комитет во Софија. Не е чудно по неколку недели скришно да се вовлечам во Ќустендил.“

Писмото на Гоце Делчев покажува дека четничката акција во 1895 година му овозможила на Организацијата да сфати мошне брзо за илузорноста на надежите во несебична помош на бугарската држава. Од тој момент идејата за самостојност и сувереност ќе стане основен принцип на Внатрешната револуционерна организација. Односно, таа идеја ќе стане основно идејно-политичко оружје, длабоко проникнато во свеста на членството на револуционерната организација што ќе дојде до израз и во одлуките на Солунскиот конгрес од 1896 година.

Внатрешната организација изразила решителен став да не допушта никакво мешање од страна во нејзините внатрешни работи, предупредувајќи дека спрема оние што нема да се сообразат со ова нејзино барање ќе биде безмилосна.

Сепак, последиците од оваа акција во источна Македонија биле далекусежни за македонскиот народ. Таа значела и почеток на вооружените интервенции на балканските држави во Македонија.

(извор: – Гоце Делчев, преписки, “Илинден” 1903-1926. Софија. 1926, стр. 15-20.)

Најново од: Коментари

Ламбе Арнаудов: Автономија за Пирин. Бугари во Устав. Решен проблем!

Престанете да купувате Бугари во Македонија. Човечката димензија не ја менувајте со пазарна. Тие што сте, колку сте и малу да сте, ние ве прифаќаме како апсолутни и рамноправни граѓани и со нашиот Устав ви ги гарантираме сите човечки права и граѓански слободи! Овие денови што минуваат, исполнети со исклучителна агресија на говор на омраза […]

Ѓорѓија не бил сериски убиец, туку обичен пијаница!

Не е првпат наши интерпретатори и музички групи, поради едни или други причини, да ги менуваат текстовите на нашите народни песни. Честопати некои од овие промени влијаат и врз самата содржина на текстот, правејќи ја апсурдна. Овде ќе наведеме два драстични примера. Првиот се однесува на убавата народна песна „Мајка на Марика думаше“, во чиј […]

Разумот има најголема вредност кога ќе се употреби навреме

Украинскиот претседател Володимир Зеленски деновиве изјавил дека „Украина е подготвена за вистински одлуки и чекори кон деескалација“ за да се приближи крајот на војната со Русија. Оваа изјава е повод за пошироко размислување за одговорноста на лидерите и за можностите за договор што се пропуштаат пред оружјето да го преземе зборот. Разумот има најголема вредност […]

Бугарија претера, Европа молчи

Бугарите претераа со Ива, Самоил, Бендиков, Спаска… Што е многу, многу е. Тотално претераа и нема граници глупоста на Бугарија, а воедно никаков укор или дисциплинска мерка од Европа, сега и последниве 100 и кусур години. Кучињата лаат, караванот си врви. Овие Бугарите ни мртвите не ги оставаат на мир, а за живите да не […]

На кој јазик зборуваме, на кој јазик се разбираме?

Јазикот е многу повеќе од средство за комуникација. Во него живеат историјата, душата и погледот на светот на еден народ. Но што се случува кога сопствените зборови сè почесто ги заменуваме со туѓи, дури и кога имаме соодветни македонски изрази? Мајчиниот јазик ги обликува нашите најрани мисли, нè поврзува со предците и го зацврстува нашиот […]

Дедо Божин од Аматово грците го преименувале во Христо, но македонскиот корен не му го искорнале

Пишува Драги Трајков Со менувањето на македонските имиња, презимиња и топоними и со наметнувањето на грчкиот јазик како единствен во училиштата, грчките власти се обидувале да го избришат македонскиот идентитет, но дедо Божин го зачувал својот корен. Македонците се како пирејот: колку и да ги газиш и корнеш, коренот останува жив и повторно никнува, таков […]

1881 година: Големите сили предупредиле против бугарски упади во Македонија

Документот од 1881 година сведочи дека Македонија била именувана во меѓународната дипломатија многу пред Тито да стане претседател на СФРЈ. Таен трицарски сојузен договор помеѓу Германија, Австро-Унгарија и Русија: трите сили ќе ги одвраќаат Бугарите од секое упаѓање во соседните подрачја, особено во Македонија Дополнителен протокол кон Трицарскиот сојуз: Големите сили предупредиле против бугарски упади […]

Гоце почива во слободна Македонија – го чуваме ли заветот за кој го даде животот?

Пред 80 години, на 10 октомври 1946 година, посмртните останки на Гоце Делчев биле положени во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје, со највисоки државни и воени почести. Но дали денес, покрај неговото почивалиште, го чуваме и значењето на неговата жртва? Што чувствувале луѓето што на 10 октомври 1946 година го пречекале Гоце во […]

To top