Горан Калоѓера на својот ФБ напишал: Еднаш, еден храбар и интелигентен Македонец напиша: Македонците се народ, а нивната татковина е Македонија.
Историјата потврди дека тој бил во право.
Затоа, мора да се каже и напише по илјадити пат: Македонија им припаѓа на Македонците; македонскиот јазик е јазик на Македонците од памтивек; македонскиот етнички идентитет е неоспорен; а македонската територија била распарчувана од соседи кои, сè до денес, имаат аспирации кон Македонија.
Не верувајте никому – ниту на празните фрази на политичката елита, ниту на неинформираните европски бирократи – туку едноставно стојте цврсто на сопствената земја и потпирајте се на самите себе.
Каков и да биде исходот, полошо не може да биде! Завршен цитат.
Ја поделија Македонија — сега ли ќе ѝ ги поделат и историјата и наследството?
Од Букурешт во 1913 година, прва светска војна, втора светска војна до денешните европски условувања, Македонија се соочува со истото политичко прашање: со кое право соседните држави одлучуваат за нејзиното име, ја присвојуваат нејзината историска меморија и располагаат со наследството поврзано со нејзината земја?
Во 1913 година, со Букурешкиот договор, беше утврдена поделбата на најголемиот дел од Македонија меѓу Грција, Србија и Бугарија. Македонскиот народ не доби своја држава, ниту можност сам да одлучува за својата иднина. Границите пресекоа населени места, разделија семејства и ги оставија црквите, манастирите и културните средишта под различни државни власти.
Но поделбата не заврши на картата. Во децениите што следуваа, соседните национални политики настојуваа да го вградат македонското минато во сопствените историски приказни. Поделената Македонија стана простор за спротивставени присвојувања: чии се историските личности, чии се ракописите, чии се црквите и кој има право да зборува во името на луѓето што живееле и создавале во Македонија?
Ја поделија земјата, а потоа посегнаа и по историјата, културата и културното наследство. Но државната граница не е тапија врз минатото.
Од поделена земја до условена европска иднина
Повеќе од еден век подоцна, Република Македонија постои како самостојна држава. Сепак, нејзиното право сама да го определува својот политички и историски идентитет продолжува да биде предмет на соседни условувања.
Спорот со Грција околу името со години го оптоваруваше меѓународното интегрирање на Македонија. Преспанскиот договор од 2018 година ја донесе промената на уставното име, претставувана како пресуден чекор кон отворање на евроатлантскиот пат. Но европската перспектива повторно се соочи со пречка — овојпат со бугарските барања.
Македонија е кандидат за членство од 2005 година, а првата меѓувладина конференција за пристапните преговори се одржа во јули 2022 година.
Денес уставните измени, со кои треба да бидат вклучени и Бугарите, остануваат услов за следниот чекор во пристапниот процес. Тоа е формално поставениот услов; политичкото прашање е пошироко: зошто европската иднина на Македонија постојано мора да се договара низ спорови за идентитетот, историјата и односите со соседите?
Правата на секоја заедница треба да бидат заштитени. Но нивната заштита не смее да се претвора во инструмент за наметнување туѓо толкување на македонската историја.
Ако европскиот пат се мери со реформи, нека се оценуваат реформите. Ако се условува со прифаќање соседни историски позиции, тогаш нека се каже отворено дека политичката моќ добила предност пред европските начела.
Македонските граѓани имаат право да прашаат: колку отстапки се потребни и кој гарантира дека по секоја направена отстапка нема да следува ново барање?
Наследството како дипломатска валута
Во таквата политичка атмосфера, предавањето на останките што му се припишуваат на цар Самуил од Грција на Бугарија и договорот за црковните реликвии добиваат значење што ги надминува музејските протоколи.
На 3 октомври 2026 година во Солун беа потпишани протоколи со кои Бугарија ги добива останките, а на грчката држава ѝ предава 48 црковни реликвии земени од бугарската војска за време на Првата и Втората светска војна.
За Атина и Софија тоа е дипломатски успех. За Македонија отвора прашање што свечените церемонии не можат да го замолчат:
Каде е македонскиот глас кога се одлучува за наследство поврзано со Преспа, Охрид и духовните средишта на Македонија?
Пренесувањето на останките во Софија е современ државен и политички чин. Тоа не може само по себе да ја реши научната расправа за нивната идентификација, ниту да ги избрише историските врски на Самуиловата држава со Преспа и Охрид.
Не може со свечен говор да се утврди потеклото на еден предмет. Не може со приемно-предавателен протокол да се избрише местото од кое бил однесен. И не може со денешна дипломатска спогодба да се прогласи исклучива сопственост врз Македонското средновековно минато.
Македонското наследство не е монета за поткусурување меѓу Атина и Софија.
За секој предмет мора да се знае од каде потекнува, кога и под кои околности бил однесен, кој го чувал и врз каква основа денес се предава. Особено мора да се разјасни дали меѓу предметите опфатени со договорите има старини од Охрид или од други места за кои македонските институции располагаат со документација.
Молкот не е државна политика
Македонија не смее да остане само набљудувач додека другите го распоредуваат наследството и му даваат политичко значење.
Потребен е документиран попис, споредување на архивските и музејските инвентари, објавување на доказите и образложени барања за враќање. Таму каде што постои основа, треба да се отвори и прашањето за обештетување.
Охридските старини испратени на „привремено чување“ заслужуваат одговор: колку трае тоа „привремено“ и кој ќе ја преземе одговорноста за нивната судбина?
Старите ракописи, црковните реликвии и археолошките наоди имаат потекло. Нивното изложување во туѓ музеј не го менува тоа потекло. Ниту долгото задржување го претвора одземањето во неспорно право.
Денес архивите стануваат подостапни, документите можат да се споредуваат, а историските тврдења да се проверуваат. Секое присвојување треба да се соочи со доказите, наместо да се штити зад државниот авторитет.
Европа мора да одговори
Европската Унија не смее да дозволи пристапниот процес да стане простор во кој членките ја користат својата предност за да наметнуваат национални историски и културни толкувања на земја кандидат.
Од Македонија треба да се бара владеење на правото, борба против корупцијата, функционални институции и заштита на човековите права. Тоа се обврски што државата мора да ги исполни. Но европската перспектива не смее да стане средство за притисок врз македонската историска меморија.
Букурешт ја подели Македонија. Европа денес не смее да ја продолжува логиката според која посилниот одлучува, а Македонците треба да прифатат.
Од Атина и Софија треба да се бара јавност на договорите, почитување на потеклото на предметите и соочување со документираните неправди. Од македонските институции треба да се бара дејствување, одговорност и истрајност.
Ја поделија Македонија, но со тоа не добија право да ја поделат и вистината за неа.
Што треба да се врати и за што треба да се обезбеди обештетување?
- Црковните реликвии од Охрид: митрата, жезолот, плаштениците, крстовите, путирите, иконите и реликвијарите.
- Старите евангелија, словенските ракописи и другите однесени книги и документи.
- Археолошките наоди од Требеништа: златните маски, златната рака, накитот, шлемовите, садовите и другите гробни прилози.
- Ракописите и верските предмети од Косиница и манастирот „Свети Јован Претеча“, кај Сер, што сè уште не се вратени.
- Конфискуваниот имот на македонските Евреи: куќите, становите, дуќаните, деловниот имот и трговската стока.
- Одземените еврејски пари, заштеди, накит, покуќнина и лични предмети, како и средствата наплатени преку присилните давачки и добиени од присилната продажба на нивниот имот.
- Другите документирано одземени културни и економски добра.
Сè што е одземено треба да се врати, а за она што не може да биде вратено — да се обезбеди соодветно обештетување. За докажаното уништување и ограбување треба да се бара одговорност, признавање на неправдата и извинување. Македонското наследство има потекло, а Македонија има право и обврска да го брани.