Постојат моменти кога секој од нас треба да се запраша: каква Македонија ќе им оставиме на нашите деца и внуци? Држава во која ќе сакаат да живеат и да создаваат, или роден крај во кој ќе се враќаат само за празници, со куфер во раката и тага во срцето?
Тоа прашање треба да нè собере на иста маса. Во време на геополитички превирања, соседски оспорувања и долго чекање на европскиот праг, на Македонија ѝ се потребни разум, државничка мудрост и обединување.
Имаме татковина со која треба да се гордееме и наследство што сме должни да го чуваме.
Од античка Македонија на Филип и Александар Македонски, преку цар Самуил, до Илинден и АСНОМ — нашата историја носи сведоштва за државност, слободарски стремежи, жртви и истрајност.
Ги имаме светите Кирил и Методиј, свети Климент и свети Наум, чиј духовен и просветителски завет ги надминува нашите граници. Ја имаме Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Плаошник, Бигорскиот манастир, Лесново и Трескавец, со нивните икони, фрески и ракописи.
Го имаме Охрид — бисерот на Балканот, каде што историјата, езерото и духовноста се неразделни. Ги имаме Хераклеја, Скупи, Стибера, Баргала, Лихнид, Исар–Марвинци и Вардарски Рид. Го имаме Стоби, со остатоците од една од најстарите познати синагоги на Балканот, од II век, и Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија во Скопје, отворен како четврти центар од ваков вид во светот.
Ги имаме Шарената џамија во Тетово, Мустафа-пашината, Султан Муратовата и Јахја-пашината џамија во Скопје — значајни споменици на нашето културно и духовно богатство.
Ги имаме националните паркови Шар Планина, Пелистер, Галичица и Маврово, езерата и реките, селата и градовите. Ги имаме македонскиот јазик, песната, ората и обичаите, спомените на предците и нивната надеж дека потомците ќе живеат послободно и подобро.
Нашите корени се и во Пиринска и Егејска Македонија, во Мала Преспа и Гора, каде што живеат наши браќа и сестри. Со нас е и дијаспората, која од Европа до Америка, Канада и Австралија ги чува македонското име, јазикот и традицијата.
Каде и да живееме, нè поврзува истата љубов кон Македонија. Таа врска треба да ја негуваме, а на децата и внуците на иселениците да им покажеме дека овде имаат дом и отворена врата.
Толку многу сме наследиле. Должни сме тоа богатство да го сочуваме и да му дадеме иднина.
За тоа ни се потребни меѓусебна почит и одговорност кон сопствената држава.
Демократијата живее од различни мислења. Нека има политички натпревар, критика и жестока расправа. Но кога навредата го заменува аргументот, кога припадноста станува поважна од човечкото достоинство, а државниот неуспех се посакува како сопствена победа — губиме сите.
Нашите деца заслужуваат училишта што даваат знаење, институции во кои ќе веруваат и можност чесно да работат. Заслужуваат да чувствуваат дека во Македонија има место за нивната иднина.
Затоа обединувањето мора да се преточи во дела: заеднички државни позиции, заштита на наследството и природата, посилни институции и поврзување со знаењето и искуството на дијаспората. Во тој напор има место за секој граѓанин што ѝ посакува добро на Македонија, без оглед на етничката или верската припадност.
Нашата европска иднина ја посакуваме со својот македонски јазик, култура и достоинство. За правдата, сигурноста и подобриот живот мора да работиме секој ден — во судницата, болницата, училиштето и во односот на институциите кон човекот.
На Македонија ѝ се потребни испружени раце меѓу сопствените граѓани. Секој од нас може да ја намали жестината на зборовите, да го сослуша другиот и да придонесе за враќање на довербата.
Еден ден нашите внуци ќе нè прашаат што сме направиле кога било тешко: дали сме ги продлабочувале поделбите или сме помогнале да се надминат? Да се потрудиме да им одговориме гледајќи ги право во очи.
Македонија ни е наследство од предците и одговорност пред потомците. Да се обединиме околу аманетот да ја чуваме и да создадеме иднина достојна за нашите деца и внуци.