ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА ЗА МАНАСТИРОТ „СВЕТА БОГОРОДИЦА“ ВО СЛИВНИЦА ОД Д-Р ВЕРА СТОЈЧЕВСКА-АНТИЌ И СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ-КАТИН
Според Евангелието од Лука, Господ го испратил својот ангел Гаврил во Галилеја, во градот Назарет, при девојката Марија, свршена за Јосифа, од родот Давидов, и ѝ рекол: „Радувај се благодетна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените!” Оваа вест е искористена во многу химнографски дела посветени на раѓањето на Исус Христос и зачнувањето на Дева Марија.
На уплашената Марија ангелот и објаснил дека таа ќе роди голем син од Севишниот, кој ќе го добие престолот Давидов. Тоа ќе се случи, според Лука, на следниов начин: „Светиот Дух ќе слегне на тебе со силата на Севишниот ќе те осени, па затоа и роденото ќе биде свето и ќе се нарече Син Божји.”
Се ова се случува за да се исполни и докаже она што го прорекол Исаија: „Ете, Деви-цата ќе зачне и ќе роди Син, и ќе го наречат Емануел, што во превод значи „Бог е со нас”.
Според Евангелието од Лука, царот Август токму во тоа време, пред да се породи Марија, издал наредба за целосен попис на населението. Секој требало да отиде во својот град да се запише. Јосиф заминал за Јудеја, во градот Давидов, наречен Витлеем, зашто потекнувал од племето Давидово. Марија и Јосиф сигнале таму.
Бидејќи за нив немало место во гостилницата, Марија се породила во пештерата (јасли) кај овчарите. Самата го повила првенецот и го положила во јаслите. Таму спиеле овчарите кои го паселе стадото во околината.
Во тој момент тие биле надвор од јаслите и наеднаш ги осветлила Господова светлина, се појавил ангел меѓу нив, кој рекол: „He плашете се! Еве, ви соопштувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе, зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, кој е Христос Господ и еве ви знак, ќе најдете повиен младенец, како лежи во јасли.” По небесната прослава овчарите се свестиле и потрчале во Витлеем да го видат Младенецот. Во јаслите биле Марија, Јосиф и Младенецот повиен.
Кога се родил Исус Христос во Витлеем Јудејски, за времето на царот Ирод, во Еруса-лим пристигнале тројца мудреци од Исток и изјавиле дека ја виделе новопојавената ѕвезда на Младенецот и дека тргнале да го бараат него, за да му се поклонат. Тогаш царот Ирод се исплашил, дознал од мудреците дека Младенецот се родил во Витлеем и дека ќе се расчуе неговото име во светот.
Ги испратил мудреците да одат по ѕвездата што се појави на небото и им порачал да се вратат и да му соопштат каде точно се наоѓа Новородениот. Мудреците пристигнале во Витлеем, ја нашле пештерата, му се поклониле на Младенецот, ги отвориле ковчежињата и го дарувале новороденчето со злато, ливан и смирна. Потоа си заминале по друг пат, не по оној по кој дошле за да го избегнат Ирод.
Кога Ирод сфатил дека мудреците го излагале, се разлутил и наредил да ги убијат сите бебиња во Витлеем што се до две години. И навистина, се исполнило кажаното од пророкот Еремија: „Глас се слуша во Рама, плач и ридање, и пискот голем, Рахила плаче за своите деца и не сака да се утеши, зашто ги нема”.
Господ му јавил преку својот ангел на Јосифа да го напушти Витлеем и ноќта да замине за Египет, каде што целото тричлено семејство престојувало сѐ до смртта на Ирод. Потоа Господ им наредил да заминат во Израел, но Јосиф се плашел дека таму постои опасност од синот на Ирод – Архелај. Втората вест што ја добил го насочила кон Галилеја. Се населиле во градот Назарет за да се исполни пророкуваното дека Младенецот ќе се нарече Назареец.
Марија, мајката на Исуса, се јавува во новозаветните евангелија, посебно во Евангелието од Јован, на свадбата во Кана Галилејска и на самото распнување на Исуса. На свадбата во Кана бил присутен Исус Христос со учениците и со мајка си Марија. Таа го опоменала синот дека домаќините немале повеќе вино. Исус им наредил на слугите да ги наполнат со вода седумте камени садови, во кои водата се претворила во вино. При крстот Исусов стоеле мајка му Марија, Марија Клеопова и Марија Магдалена. Исус се грижел за својата мајка до крајот на животот и им порачал на мајка си и на ученикот Јован Богослов: „Жено, ете ти син!”. Потоа му рекол на ученикот: „Ете ти мајка!”. Од тој час Јован ја зел кај себе Марија.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН