Престижниот магазин „Time Out“ го рангираше Охрид на врвот на листата на најубави европски дестинации, истакнувајќи го неговиот безвременски шарм, стотиците цркви и недопрената природа.
Повеќе од еден милион туристи годишно ја посетуваат италијанската област Ломбардија за да го видат езерото Комо и неговите блескави вили. Иако Италија е секогаш добра идеја за патување, низ целиот континент постојат десетици други прекрасни езерски пејзажи кои чекаат да бидат истражени, а многу од нив нудат многу помалку метеж.
Едно од тие места е Охридското Езеро, масовно потценет воден скапоцен камен кој се протега меѓу Македонија и Албанија, а кое патеписците на магазинот „Time Out“ штотуку го прогласија за најубаво место во Европа.
Додека езерото Комо привлекува светски ѕвезди и огромни толпи народ, Охридското Езеро – едно од најстарите и најдлабоките во Европа – нуди потивка и поприфатлива алтернатива, без притоа да заостанува во поглед на сценографијата. Замислете кристално сина вода, планински врвови во заднината и крајбрежје исполнето со историски градови кои изгледаат како замрзнати во времето.
На македонската страна, градот Охрид е главната ѕвезда со своите калдрмисани улици, стотици средновековни цркви (градот е познат по тоа што некогаш имал 365 цркви, по една за секој ден од годината) и препознатливите кровови со ќерамиди кои се спуштаат кон водата. Овде можете да го поминете денот во пливање и истражување на антички урнатини, а вечерта да уживате во зајдисонцето кое исчезнува зад планините – и сето тоа без вртоглавите цени што ги наметнува италијанската Ломбардија.
Ако се префрлите на албанската страна, ќе најдете подиви пејзажи и мирни села. Селото Лин е дом на мозаични урнатини и сликовити кампови лоцирани покрај самата вода.
На листата на најубави места во Европа на „Time Out“, покрај Охрид, се најдоа и уникатниот град на „трулите“ во италијанската област Пуља, лондонските градини Кју и ремек-делото на Гауди во Барселона.
Топ 10 најубави места во Европа според патеписците на „Time Out“:
-
Охридско Езеро, Македонија
-
Термални извори Сатурнија, Тоскана, Италија
-
Giant’s Causeway, Северна Ирска
-
Алберобело, Пуља, Италија
-
Почитељ, Босна и Херцеговина
-
Норвешки фјордови, Норвешка
-
Градините Кју (Kew Gardens), Лондон, Велика Британија
-
Каналот Принсенграхт, Амстердам, Холандија
-
Долината на реката Мозел, Германија
-
Каса Батљо, Барселона, Шпанија