На прво место

Македонските козји уши

Панде Колемишевски

Другар ми Илче Стрезо, дамнешен комшија од маалото во Ресен, кој е редовен купувач и читател на „Нова Македонија“, пред неколку дена ми посочи дека би било добро во една од колумните да ја раскажам приказната за царот Трајан и неговите козји уши. Таа препорака ми ја даде како можна основа за некакво мое осврнување на преговарачката рамка за ЕУ и на објавениот протокол во кој се третира говорот на омраза. Податливоста за да ја прифатам таа тема е ефектна дотолку повеќе што текстот во протоколот може да се протолкува како бугарски ултиматум да им се затвори устата на Македонците.

Има повеќе верзии на легендата за ушите на царот Трајан, но најпозната и најпопуларна е онаа што ќе ви ја раскажам.
Царот Трајан имал големи, козји уши. Тоа било голема царска тајна. Кај него доаѓал бербер естетски да го потсредува, да го бричи и потстрижува. Царот имал обичај секогаш по бричењето да го прашува берберот што видел. Секој одговарал дека на царот му ги видел козјите уши. Откако ќе ги чуел тие зборови, царот давал наредба берберот да биде погубен.
Дошол ред на некој поитар, но тој се направил болен и го пратил кај царот својот млад калфа. И него царот го прашал што видел, а калфата, знаејќи што се случува, одговорил дека не видел ништо. Царот му дал дванаесет златници и наредил во иднина да го бричи само тој млад бербер. Така терало извесно време, берберот молчел, никому ништо не му кажувал. Но таа чувана тајна почнала сѐ повеќе душевно да го мачи, маката му се гледала на лицето и на снагата. Кога го видел тоа мајсторот го прашал што му е, што болест го има фатено. Момчето си го кажало страдањето што не може да ја каже вистината дека царот има козји уши. Мајсторот му дал совет: да излезе некаде во полето, да ископа длабока дупка и во неа да викне: „Царот Трајан има козји уши“. Го сторил тоа калфата, си кажал за ушите на царот, потоа ја затрупал дупката, ставил голем камен врз неа и се почувствувал ослободен од товарот што го носел.

Арно ама, минало што минало време, на местото на дупката израснала врба. Поминало овчарче и направило свиролче. Кога почнало да свири, наместо свирка, од него излегувал глас што викал: „Царот Трајан има козји уши“. Тоа веднаш се разбрало во царството. Дознал и царот, го викнал берберот да му објасни што се случува. Уплашен му раскажал сѐ како што било. Отишле на самото место да проверат и царот наредил да се направи ново свирче. Но и од него излегувал глас што викал; „Царот Трајан има козји уши“. Видел не видел царот, сфатил дека на светот не може да постои нешто што вечно може да се крие, му простил на берберчето и дозволил да го бричи секој бербер без да има страв дека ќе биде погубен.
Секој читател ќе си го постави прашањето зошто ја користам и ви ја раскажувам оваа легенда? Краткиот одговор е дека на виделина излегоа сите преговарани тајни и сите дотогашни лаги дека не се преговара за идентитетот, историјата и јазикот. А, всушност, тоа била главната оска околу што се вртел нерешениот спор. Сите објавени документи го покажуваат тој факт, директно или индиректно.
Другата причина е што текстот во протоколот може да се протолкува како бугарски ултиматум да им се затвори устата на Македонците. Да не може ништо да кажат за Бугарија и бугарските власти без оглед колку тие ќе бидат упорни, некултурни и дрски во непризнавањето на идентитетот, историјата, јазикот и писмото на македонскиот народ. Ако некој Македонец мисли поинаку, тој ќе може да го каже тоа само во некоја ископана дупка, од стравот да не биде погубен, на еден или друг начин, по бугарска директива.
Мене лично, не ме загрижуваат толку бугарските ставови и ултиматуми, иако тие не се за потценување и се опасност за нарушување на натамошниот процес од преговорите со Европската Унија. Тоа е нивна умна стратегија и дипломатска победа. Мене ме загрижуваат македонските власти, кои прифатиле такви ултимативни обврски и кои дадоа ветување дека ќе се претворат во стражари на зборот. Во согласност со протоколот, еден дел од Министерството за надворешни работи ќе се трансформира во доушничка организација што ќе ги лови поекстремните евроскептици и бранители на македонизмот и ќе ги пријавува до надлежните органи, односно до полицијата и до судовите. Таквите слики не се европски, нив сме ги читале во книгите и гледале во филмовите за Сталин и сталинизмот.

Во таква ситуација постои опасност секој што ќе каже лош збор за нашиот напредок во ЕУ или за Бугарија да биде ставан на столбот на срамот, да плаќа глоби или да лежи затвор, во најтежок случај. Како во легендата за царот Трајан: тој што гласно говори губи глава, кој што молчи и ги крие неговите козји уши ќе биде награден со 12 златници и ќе го држи „монополот на бричење“. Треба да се нагласи дека избраниот пат е пат што води кон цензура, која е забранета според Уставот на Република Македонија (Северна). Следствено, цензурата води кон диктатура.
Не е пророштво, но може да стане реалност во државата со официјално име Република Северна Македонија да дојдат тешки денови за бранителите на македонизмот и македонштината. Не е далеку денот кога на многу угледни Македонци (само Македонци и Македонки, не други) ќе им се уриваат научниот авторитет и професионален и личен дигнитет, да се уриваат цели институции, кои ќе имаат различни гледишта од Министерството за надворешни работи или од некој друг самоповикан и законски неовластен орган.
Патем, тој процес е почнат преку критики упатени на името и пишувањата на претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, и преку други личности. Процесот е почнат, сите сигнали укажуваат дека ќе се шири и ќе се жести.
Специјални тајни комисии, надвор од Устав и закони, пикнати во некои темни и зачадени простории, ќе следат весници, радија, телевизии, портали, театри, издавачки куќи и ќе бележат од А до Ш што е изговорено и што е напишано. Ќе читаат и одобруваат (или забрануваат) магистерски и докторски трудови, учебници, алманаси, дури и маркетинг-летоци. Не тврдам, но врз основа на искуството претпоставувам дека голем број лица, не по партиска линија, ќе бидат прислушувани, следени и, не дај боже, затворани во затвор за наводен или злоупотребен говор на омраза. Она што го правеше Никола Груевски со прислушувањето сега го прави или ќе го прави некој друг, во своја корист, а на државна штета.
Оној што ги читал книгите „1984“ и „Животинска фарма“ на Џорџ Орвел јасно ќе може да ги препознае сличностите што се опишани во романите и оние последици што ќе почне да го замрачуваат демократскиот хоризонт на државата.
Слободата ќе влезе во прегратките на стравот, стравот ќе ги задуши демократијата и слободата на мислата и на зборот. Во стравот ретко кој ќе може да вика: „Царот има козји уши!“ Сѐ додека не се најде некој бербер што ќе ископа дупка, додека не роди врбата грозје и додека некој од неа не направи вистинско свирче.


Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите

Најново од: На прво место

Убиството на југословенскиот крал Александар I Караѓорѓевиќ на 9 октомври 1934 г. во Марсеј ја потресе Европа

Убиството на југословенскиот крал Александар I Караѓорѓевиќ, извршено од Владо Черноземски во акција на ВМРО на чело со Ванчо Михаилов и усташкото движење на чело со Анте Павелиќ, ги изнесе пред европската јавност длабоките национални и политички судири во Кралството Југославија. На 9 октомври 1934 година, свечениот пречек на југословенскиот крал Александар I Караѓорѓевиќ во […]

Атентатот врз кралот Александар не е пострашен од насилствата на неговите жандарми во Македонија

Американски новинар во 1935 година го осудувал политичкото убиство, но ја повикувал американската јавност да ги согледа и репресијата, присилната асимилација и одземањето на правата на Македонците во Кралството Југославија. Само неколку месеци по Марсејскиот атентат, во кој на 9 октомври 1934 година бил убиен југословенскиот крал Александар I Караѓорѓевиќ, американскиот новинар Џон Бејклес објавил текст […]

ВМРО-ДПМНЕ одржа предизборен митинг во Милетино

Мицкоски најави победа на 18 октомври, а кандидатот за градоначалник Стојанчо Радичевски ја претстави програмата за развој на Брвеница и порача дека ќе работи за сите жители на општината. Мицкоски од Милетино: Победуваме на 18 октомври во Брвеница затоа што ја сакаме Стојанчо Радичевски ја претстави програмата за развој на општината и порача дека ќе […]

Филипче јавно обвини за криминал од 37 милиони евра — сега нека ги достави доказите до ЈО

Сериозните обвинувања за набавката на хеликоптери бараат докази и институционална истрага. Граѓаните заслужуваат одговори, а не внатрепартиски пресметки. Венко Филипче не смее да си поигрува со јавноста кога станува збор за милионски тендери и сомнежи за злоупотреба на државни средства. Филипче јавно ја прозва Славјанка Петровска во врска со набавката на хеликоптери и договорот за […]

Бугарски европратеници го бранат ветото, Кос порачува: Билатералните спорови немаат место во пристапниот процес

Предлозите за поефикасно одлучување во ЕУ предизвикаа остри реакции кај бугарски европратеници. За Македонија, клучно останува прашањето дали европскиот пат ќе се оценува според реформите или ќе продолжи да зависи од билатерални условувања. Бугарски европратеници остро реагираа на новите предлози за подготовка на Европската Унија за проширување, бранејќи го правото на вето како значаен инструмент […]

Што однеле бугарските окупациски власти од територијата на етничка Македонија?

За време на војните и окупациите во XX век, од различни делови на Македонија биле одземени и однесени црковни реликвии, ракописи, археолошки наоди и други културни добра. За време на Втората светска војна, бугарските окупациски власти спровеле и конфискација на имотот на македонските Евреи. Наведените предмети и категории претставуваат преглед на познати случаи. Целосниот обем […]

Штетата врз имотот на македонските Евреи за време на Втората светска војна и окупацијата од фашистичка Бугарија

15 страници со имиња и износи на пријавена имотна штета — сведоштво за материјалните загуби зад кои стојат човечки судбини, уништени семејства и прекинат живот на еврејската заедница во Македонија. За време на војните и окупациите во XX век, од различни делови на Македонија биле одземени и однесени црковни реликвии, ракописи, археолошки наоди и други […]

Светозаревиќ: Охридските реликвии биле дадени на привремено чување — македонската влада има право да ги бара назад

Бранислав Светозаревиќ „ВНИМАВАЈТЕ! Еве дел од предадените скапоцени реликвии од страна на некои охриѓани на бугарските власти во 1916 год. Под бр. 10 е и сребрената реликвија со моштите на Св. Матрона, која пред некој ден Бугарија ѝ ја подари на Грција во замена за коските од непознат човек. Но, ВНИМАВАЈТЕ! Отстапени се на привремено […]

Најнови вести

To top