На прво место

Свети Климент Охридски престојувал во селото Пожаране?

Култот во Македонија за еден од првите средновековни словенски светци, научник, писател и просветител

Во гостиварското село Пожаране, поточно во месноста Климентица, што се наоѓа сретсело, денеска, со величествен црковно-народен собир ќе се освети возобновениот црковен храм посветен на Свети Климент Охридски. Со чинот на осветувањето, со свештенослужители на епархијата, ќе чиноначалствува митрополитот г. Јосиф, надлежен архијереј на Тетовско-гостиварската православна епархија на МПЦ-ОА, кој пред осум години, на 21 мај 2015 година, го освети и го положи темелот на црквата.

Гостиварското село Пожаране, вгнездено во пазувите на Шар Планина, на околу 900 метри надморска височина, се наоѓа меѓу полошките градови Гостивар (15 км) и Тетово (20 км), со кои е поврзано со асфалтен пат. Во историските документи за првпат се споменува во 1461 – 1462 година. Пожаране имало три манастири и десетина цркви, разрушени во 19 век. Денес има три цркви „Св. Никола“, „Св. Климент Охридски“ и „Св. Илија“. На Балканот и пошироко, селото е познато по легендарната народната песна „Благуњо дејче пожаранче“, која ја испеал народниот пејач за преубавата Благуња, која не сакала да се потурчи, ниту пак дозволила да ја грабне бегот, кој ѝ се намерачил. Таа била причината целото семејство да побегне од Пожаране и да се пресели во Тетово.

Историчарот Веле Коцески, по потекло од селото Пожаране, кој подолг период вршел истражувања, открил дека во минатото постоеле три манастири и десетина цркви, за кои постојат и материјални докази. Еден од манастирите се наоѓал во месноста Напесок и бил урнат од турскиот башибозук околу 1700 година, во знак на одмазда бидејќи пожаранци биле приврзаници на Карпошовото востание (1689 година), што било спротивно на интересите на Османлиите. Вториот манастир се наоѓал во месноста Соколец, посветен на Свети Спас. Во негова близина се наоѓала црквата „Златна црква“. Третиот манастир му бил посветен на Свети Климент и бил изграден во месноста Климентица.

Она што е посебно за обележување е фактот дека по Охрид, никаде на друго место во Македонија, како во селото Пожаране, не е толку раширен култот на Свети Климент Охридски. Ова беше истакнато на положувањето на камен-темелникот, а ктиторот на црквата, Гоце Томовски, дополни: „Во месноста Козамлец, во близината на селото, Свети Климент престојувал како епископ велички, меѓу овој простодушен народ, плодната почва ја изучувал за свети и црковни работи“

Жителите на Пожаране никогаш не го заборавиле својот учител Свети Климент, истакнува Стојче Николовски, потпретседател на Црковниот одбор на селото, при нашата посета деновиве, додека со членовите на црковниот одбор и други верници ги вршеа последните подготовки за осветувањето. На прашањето како дошле до идеја да му изградат нов дом на светецот, соговорникот ни вели дека на почетокот на милениумов повеле иницијатива да го возобноват постојниот црковен храм изграден пред неколку века. Дотраеноста на храмот била основната причина. Според пожаранци, Свети Климент Охридски заслужува да има достоинствен дом бидејќи со векови е нивен култ и од колено на колено се пренесува дека престојувал во селото. Изградбата била одложувана бидејќи не ги имале обезбедено потребните парични средства.

Со божја помош, со ангажирање на Црковниот одбор и на ктиторот Гоце Томовски се создале услови и пред осум години на свечен начин беше означен почетокот на градба на црковниот храм и на пожаранци почна да им се остваруваат желбата и потребата.
Но во текот на изградбата се соочувале со проблеми, а Црковниот одбор навремено ги решавал. Меѓутоа, како што ни рече Стојче Николовски, најтежок проблем им бил како да ги ослободат заробените црковни пари што ги имале депонирани во Еуростандард банка АД Скопје, која во 2020 година беше ставена во стечај. Поради тоа не биле во можност да ги завршат договорените рокови за зографисување и изработка на иконостасот. Успеале да ги добијат заробените средства и успешно ги завршиле сите договорени активности и го подготвиле црковниот храм за чинот на денешното осветување. Во тоа се убедивме пред некој ден кога го посетивме селото. Пристапниот пат до црквата и паркингот околу неа беа асфалтирани, со камен беа изградени потпорните ѕидови, платформата беше израмнета, посеана со трева и засадена со дрвја. Тајфата на охридскиот зограф Љупче Лешковски квалитетно го завршила живописувањето на црквата, а копаничарската тајфа на Наумче Вашуковски од Битола го завршила монтирањето на иконостасот. Ѕидарските работи на црквата со делкан камен квалитетно ги завршила тајфата на Милко Ристески, од гостиварското село Дуф.


Митрополит г. Јосиф, надлежен архијереј на Тетовско-гостиварската епархија на МПЦ-ОА

Свети Климент ги развил темелите на словенската писменост и извршил силно културно влијание врз македонската и светската културна ризница

Митрополитот г. Јосиф, надлежен архијереј на Тетовско-гостиварската епархија на МПЦ-ОА, е особено задоволен што на Климентовиот празник, по осум години кога ги освети темелите на црквата „Св. Климент Охридски“ во селото Пожаране, денеска ќе го освети храмот што пожаранци сложно и вредно го изградија.

– Жителите на Пожаране и иселените постојано на ум го имаа преданието дека во нивното село некогаш престојувал нашиот денешен славеник Климент. Предавајќи го од колено на колено преданието, исполнет е аманетот на предците и со изградбата на храмот – засекогаш од заборав го зачувавте светиот Климент. Храмот е велелепен, изгледа величествено и го краси овој прекрасен предел. Особено ме радува што по Охрид, и во нашата епархија, во Пожаране, е раширен култот на светиот Климент, патронот на нашата Македонска православна црква – Охридската архиепископија, со својот свет живот и дела, како просветител, мисионер и епископ направил многу за христијанизирањето на нашиот народ. Неговиот култ на овие простори, според сведоштвата, датира одамна. Тука постоела средновековна црква посветена на светиот Климент, на чии темели со Божја помош е изграден новиот храм. Свети Климент Охридски е најдаровитиот ученик на светите рамноапостолни браќа, сесловенските просветители Кирил и Методиј, кој го заслужи епитетот „втор апостол Павле“ за Македонија, како што пишува во житието за него блажениот Теофилакт Охридски. По смртта на неговите учители, носејќи го со себе нивниот дух, тој ја основал Охридската книжевна школа во Македонија, која станала граница меѓу двете големи јазично-културни цивилизации: грчката и латинската, и ја издигнала третата – словенската, јазично-културна цивилизација. На тој начин, преку воведувањето на словенскиот јазик во просветата и во богослужението и со развојот на плодна книжевна дејност – Свети Климент ги развил темелите на словенската писменост, извршувајќи силно културно влијание врз македонската и врз светската духовна ризница. Оттаму и денес по цели 1.130 години од неговата хиротонија во 893 година за епископ на Величко-дремвицката епархија, Свети Климент Охридски со право се слави како наш најголем светител, просветител и учител, кој го учел народот во верата, го просветувал и како вистински духовен пастир го водел на патот на спасението. Затоа свети Климент како наш духовен патрон треба да биде постојан образец за тоа како треба да живееме вистински христијански живот – вели митрополитот г. Јосиф.

Превземено од : https://novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/sveti-kliment-ohridski-prestojuval-vo-seloto-pozharane/

Најново од: На прво место

Вечерва во Охрид: „Патување кон корените“ – манифестација посветена на децата прогонети од Егејска Македонија

Вечерва, 24 септември, со почеток во 19:00 часот, во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ во Охрид ќе се одржи манифестацијата „Патување кон корените“. Ќе бидат прикажани документарниот филм „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“ на Петро Алексовски. На настанот ќе присуствуваат амбасадорот на Република Полска во Македонија, Мане Јаковлески и други членови на Управниот одбор […]

„Македонецот“ и „Мајко мила“ пред прогонетите деца од Егејска Македонија

На 23 септември, во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија во Скопје, се одржа второто претставување на документарниот филм „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“, проект на Петро Алексовски. На настанот присуствуваа многубројни посетители, меѓу кои најголемиот дел беа луѓе прогонети како деца од своите домови во Егејска Македонија. За многумина во салата, прикажаното […]

Пред преполна сала во ФХЕМ промовирани филмот „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“

Пред преполна сала, на 22 септември во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија се одржа првата промоција на документарниот филм „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“, проект на Петро Алексовски, Македонец кој живее во Полска. На настанот присуствуваа амбасадорот на Република Полска во Скопје, Петро Алексовски, членови на дипломатскиот кор, министри, пратеници, градоначалници и […]

Археологијата поврзана со Александар Македонски открива нови наоди

18 септември 2026 година Новите ископувања во Кралската гимназија во античка Миеза во северна Грција откриваат повеќе за образованието во Македонија во текот на 4 век п.н.е. Локалитетот во близина на модерна Науса научниците го поврзуваат со местото каде што Аристотел го учел младиот Александар и другите македонски кралски наследници. Археолошката гимназија поврзана со Александар […]

Митрополит Григориј: Лажна, заблудувачка и заведувачка презентација на Љубомир Фрчкоски

Пишува: Митрополит Кумановско-осоговски г. Григориј Фрчкоски произнесе колосална манипулација, креирајќи јавно мислење дека „Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ – ОА) не е автокефална Помесна православна црква (ППЦ)“. Тој емитуваше оркестрирана кампања – Lügenfabrik („фабрика за лаги“) – против автокефалноста на МПЦ – ОА, и тоа преку: Погрешни информации (misinformation) – лажни информации создадени […]

Мицкоски со американската воена индустрија – а замислете на масата да седнеше некој од „стратезите“ на СДС

Премиерот на владата на Република Македонија одржа средба со бизнис-претставници од воената индустрија на САД, како и со официјални претставници од американската администрација задолжени за оваа област. Разговарано е за потенцијални инвестиции, проширување на инвестициските планови и ставање на располагање на расположливите ресурси. Нашата цел е преку сериозни и долгорочни партнерства да отвораме нови можности […]

Петрушевски: Со измените во Законот за пратениците се забранува двојно државјанство – лагите на СДС се демантираат

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, во интервју за емисијата „Траги“ на Алсат-М се осврна на поднесените измени на Законот за пратениците, со кои се предлага пратениците да не можат да имаат двојно државјанство. Според него, со ова законско решение ВМРО-ДПМНЕ сака да ги демантира тврдењата на СДС дека пратеници од партијата поседуваат бугарски пасоши. Петрушевски […]

Мицкоски имаше разговорот со Марко Рубио: Македонско-американското стратешко партнерство продолжува да се зајакнува

Разговорот меѓу Мицкоски и Рубио се одржа во Њујорк, а премиерот посочи дека ваквите контакти на високо политичко ниво имаат особено значење за односите меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави. Според Мицкоски, директната комуникација со американските партнери претставува можност за размена на ставови за прашања од заеднички интерес, продлабочување на билатералните односи и натамошно зајакнување […]

To top