
Христос се роди!
Навистина се роди!
Со духовна радост и смирение го празнуваме пресветлото Рождество на нашиот Господ и Спасител Исус Христос, Кој во пештерата витлеемска се воплоти од Пресвета Дева Марија, заради спасението на светот и обновувањето на човечкиот род. Со Своето доаѓање меѓу луѓето, Христос ја разгоре светлината на вистината, ја победи темнината на гревот и смртта и му го отвори патот на човекот кон вечниот живот.
Нека благодатта и мирот на Богомладенецот Христос се вселат во вашите срца и домови, нека ги укрепат семејствата во љубов, слога и меѓусебно разбирање, и нека донесат здравје, радост и духовна крепост во секојдневието. Нека светлината од витлеемската ѕвезда нè води по патот на верата, надежта и милосрдието, а Христовото Рождество нека ни биде постојан повик кон покајание, смирение и добродетелен живот.
Да Му благодариме на Господа за Неговата неискажлива љубов кон човештвото и со чисто срце да Го пречекаме Богомладенецот Христос, Кој и денес се раѓа во срцата на оние што живеат во вера, молитва и добри дела.
Среќно и благословено Рождество Христово — Божиќ,
на сите православни христијани!
Христос се роди!
Навистина се роди!