На прво место

35 години независност – државата сме ние!

Пишува: Елена Младеновска Јеленковиќ, извршен директор на М6 Едукативен Центар

Годинава на 8 Септември  одбележуваме голем и значаен јубилеј- 35 години од независноста на Македонија! По тој повод сакам лично да Ви се обратам не само со желба да Ви го честитам празникот, туку пред се со повик до сите за –Чекор Напред!

Да, чекор напред во оваа наша татковина, во која чуствуваме топлина на секој чекор и во која на секој камен што ќе стапнеш е испишана приказна од нашите предци.

Триесет и пет години е сериозна бројка, не е мал животен период. Доволно за едно дете да порасне, да заврши училиште, факултет, да направи кариера и создаде семејство.

Доволно е и државата да ја помине транзицијата и да стане место за развој и раст на своите граѓани. Но, да бидеме искрени со себе – сме можеле повеќе. Многу повеќе!

И наместо да продолжиме да го бараме виновникот „некаде надвор”, треба да си признаеме дека најчесто вината е внатре, кај нас самите. Старите не бадијала рекле – прво спознај се себе си па потоа другите… и ете не нас, над три децении  дозволуваме политика на разединување, по разни основи, и свесно дозволуваме „да играме како некој друг ни свири”.

И токму тука е парадоксот: секоја внатрешна поделба што ја толерираме е поопасна за нас од кој било надворешен непријател. Секоја пукнатина меѓу нас е врата низ која туѓо влијание влегува многу полесно отколку низ затворена граница. Не, странците не ја рушат нашата независност – ние им ја отвораме вратата секој пат кога дозволуваме внатрешните судири да бидат посилни од она што нè обединува.

Сите овие години беа полни со предизвици – прво името, потоа црквата, па јазикот – секогаш на чекор до влезот во ЕУ, а вратата секогаш затворена. Секогаш требаше уште нешто да направиме за некој друг да биде задоволен. А никако не сфативме дека промената треба да ја направиме за себе си – не за другите! Не да се самопоништиме за туѓи интереси, туку исправено и достоинствено да чекориме кон подобро утре.

И затоа време е да го смениме начинот на размислување, време е за чекор напред. Да си ја завршиме нашата домашна задача. Конечно, да си го поставиме прашањето поинаку: што направив јас за оваа земја да биде подобра?

А таа ќе биде подобра и посилна ако сите ние ја чуваме, градиме, учиме, помагаме едни на други…со секој мал, но чесен чекор, на дело да покажуваме колку ја сакаме.

Државата не е само територија, институции и граници. Државата сме сите ние. Таа живее во нашиот јазик, во нашата култура, во нашата историја, во спомените на нашите предци и во надежите на нашите деца.

Државата ја градиме сите, а единството меѓу нас не треба да е романтична идеја за празнични говори – тоа е главниот столб на секоја вистинска независност. Се надевам и на НАШАТА. Слободата што ја имаме не е дадена еднаш засекогаш; таа опстојува само додека ние самите избираме да останеме едно, наместо да дозволиме секој ситен интерес да нè растргне на парчиња.

За патриотизмот и за оние што заминуваат

Како дел од неколку чудни транзициски генерации, одлучив – патриотски – да не заминам, туку да бидам дел од градењето на нашата држава. Така го воспитав и мојот син – да не размислува за “бегање надвор”.

Зашто? Затоа што никаде денот не разденува толку убаво како дома, и затоа што  “Каменот си тежи на местото”! Секој човек има најголема вредност, почит и авторитет таму каде што припаѓа – во својата татковина, во својот роден крај, во своето семејство или на својата вистинска професионална позиција. Како што еден тежок камен тешко се поместува и има своја стабилност само таму каде што природно лежи, така и човекот е најсилен, најстабилен и најмногу вреднуван во својата природна средина.

А Македонија е убаво место под сонце, земја во која може убаво да се живее: природа, храна, топлина на луѓето, слобода, чувство на припадност…Сè тоа го имаме. Само ние самите треба да го смениме односот кон неа и да ја направиме таква земја во каква што сакаме и заслужуваме да живееме.

Од нас зависи!

Знам дека многумина заминуваат. Го гледам тоа секојдневно – низ младите луѓе со кои работиме, низ семејствата, низ пријателите. Ова се последиците, а причините формално ги знаеме, но суштински ретко ги признаваме пред себе.

Љубовта кон државата не се мери само со зборови, ниту се докажува само во свечени мигови. Таа се покажува секој ден – со почит кон својата земја, со одговорност кон општеството и со желба да оставиме подобра иднина за оние што доаѓаат по нас.

Како да се слави и цени независноста

Со почит. Кон земјата, кон традицијата, кон постарите, кон вистинските вредности – оние што не се менуваат со политичките сезони. Со тоа што ќе престанеме да критикуваме без да се прашаме што сме  сториле ние самите. Имаме навика – речиси колективна неодговорност – да бараме одговорност само од другите, а никогаш од себе.

Политичарите и институциите мора да одговараат пред граѓаните – тоа не е спорно, и тоа треба гласно да се бара, од секоја генерација. Но одговорноста не завршува таму. Таа почнува од секој од нас – од начинот на кој ја живееме секојдневицата, од примерот што го даваме на децата, од тоа дали инвестираме во сопствениот развој или само чекаме некој друг да „поправи” нешто.

Затоа што доблеста на луѓето – нивната чесност, работливост, чувството за заедница – не е убав додаток на една држава. Таа е нејзиниот вистински темел. Најдобрите закони остануваат само слово на хартија ако нема луѓе подготвени да живеат и да се однесуваат според нив.

Независноста се слави преку развој. Верувам дека образованието и едукацијата се најсилниот катализатор на промената и развојот.

Затоа знаењето мора да се шири низ секој дел од општеството, а не да остане привилегија на малкумина – зашто едно општество е онолку мудро и способно да одлучува за себе, колку што се просветлени луѓето што го сочинуваат.

Во М6 веруваме дека вистинската независност – и на луѓето, и на земјата – се гради преку развој. Развој на себе си, развој на луѓето околу нас, развој на заедницата. Образованието не е само пат до диплома – тоа е она што ги трансформира општествата, овозможува помирување, градење нација, и им дава шанса на луѓето од сите средини да го достигнат својот целосен потенцијал. Секој човек што ќе инвестира во своето знаење, во своите вештини, во својот карактер, е тула во темелот на посилна Македонија.

Затоа, овој 8 Септември, наместо само да честитаме, сакам да Ве повикам сите да се погледнеме во огледало, да се погледнеме едни на други в очи. Да се запрашаме што направивме, што можеме да направиме – и да почнеме, секој, како што се вели, од својот двор. Да направиме чекор напред кон промената во себе.

Ја сакаме оваа земја. Затоа и заслужува повеќе од сите нас.

Честит празник! Честит Денот на независноста!

Најново од: На прво место

Аларм во општина Врапчиште: Жителите остануваат без вода за пиење и по цели денови

Ако институциите со години не можат да го решат овој проблем, граѓаните од Полог апелираат до премиерот Христијан Мицкоски лично да провери каде е заглавен „Равен – Речица“ и да побара конкретен план за негово завршување. Речиси десет години по потпишувањето на договорот и по исплатени 808.768.339 денари, односно приближно 13,1 милиони евра, Полог сè […]

29 септември: Македонски историски, културен и црковен календар во границите на етничка Македонија

На 29 септември денот носи спомен за војните и отпорот против окупацијата, но и за луѓе чие дело се простира далеку надвор од родниот крај. 1918 – Во Солун е потпишано примирјето со Бугарија По пробивот на Македонскиот фронт, Бугарија на 29 септември потпишала примирје со сојузничките сили во Солун. Договорот предвидувал повлекување на бугарските […]

Мицкоски со критики кон СДС, Радичевски со проекти за Брвеница

На митингот на ВМРО-ДПМНЕ во Брвеница, премиерот Христијан Мицкоски говореше за односот на опозицијата кон владините политики, а кандидатот за градоначалник Стојанчо Радичевски ја претстави својата програма за општината. Мицкоски се осврна на критиките што, како што рече, СДС ги упатил претходниот ден во Брвеница за инвестициите, рударството, дата-центрите и насоката во која се движи […]

Висок екс функционер на Заев и Ковачевски под радарот на Јавното обвинителство

Предметот на интерес на истрагата на Јавното обвинителство се наоѓа во членка на ЕУ Неофицијално, од извори во правосудството expres.mk дознава дека се води предмет против екс претседателката на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен од времето на Зоран Заев и Димитар Ковачевски. Според неофицијалните податоци […]

На ВМРО-ДПМНЕ му одговара Филипче на чело на СДС

На ВМРО-ДПМНЕ можеби ѝ одговара Венко Филипче да остане претседател на СДС. Но на граѓаните и на Македонија не им одговара опозиција која на секоја критика одговара со навреди наместо со идеи. За раководството на чело со Филипче, се чини, секој разговор надвор од партиските рамки е закана. Секој што ќе ја оспори насоката во […]

Македонското знаме се развеа во срцето на Њујорк за 35 години независност

Македонците во Њујорк заедно ја одбележаа 35-годишнината од независноста на Македонија со свечено подигнување на македонското знаме. Во организација на Обединетата македонска дијаспора (ОМД), церемонијата се одржа на 26 септември во финансискиот центар на Њујорк, кај познатиот споменик „Разјарениот бик“. И покрај лошото време и најавите за бура, на собирот дојдоа десетици Македонци. „Со овој […]

Крстовден – празник на верата, надежта и силата на Чесниот Крст

Именден празнуваат: Крсте, Крстинка, Кристина, Христина, Кристијан… Денес, 27 септември, православните верници го празнуваат Воздвижението на Чесниот и Животворен Крст, во народот познато како Крстовден. Ова е еден од големите празници во црковниот календар, ден кога верниците со молитва и почит се поклонуваат пред Крстот Христов. Црквата празнува два празника поврзани со чесниот крст, зимскиот […]

Мицкоски: Ние ги презентираме нашите аргументи, во време на СДСМ имало коленичење и виткање кичма

Македонија е подготвена да разговара со Бугарија сè додека не се најде заеднички прифатливо решение, но во разговорите треба да биде вклучена и Европската Унија, изјави премиерот Христијан Мицкоски во интервју за МРТ од Њујорк. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека Владата ја користи секоја можност пред меѓународните партнери да ги претстави аргументите и позициите на […]

To top