На прво место

ПАНЕЛ-ДИСКУСИЈА “8 СЕПТЕМВРИ НИЗ ПРИЗМА НА НЕГОВИ НЕПОСРЕДНИ УЧЕСНИЦИ И СВЕДОЦИ“

Излагање на панел-дискусијата на поранешниот независен пратеник Тодор Петров во првиот парламентарен состав по дисолуцијата на поранешна СФРЈ, во суверена и самостојна држава Македонија!

16 септември 2026 година, Скопје, Македонија – По повод 8 Септември, Денот на независноста и одбележувањето на 35-годишнината од нејзиното прогласување, на 7 септември 2026 година, на платото на Вила “Водно“ се одржа панел-дискусија, насловена како “8 Септември низ призма на негови непосредни учесници и сведоци“, модерирана од Стојан Трпчевски.

И ПОСЛЕ 35 ГОДИНИ ОСТАНУВА АМАНЕТОТ: МАКЕДОНИЈА – СУВЕРЕНА И САМОСТОЈНА ДРЖАВА, ДА ДАДЕ БОГ И НЕУТРАЛНА!

Ваша екселенцијо госпоѓо Сиљановска-Давкова, благодарам на поканата за учество на панел-дискусијава. Благодарам, затоа што за првпат после 35 години сум поканет на настан во организација на институција на власта. Ќе евоцирам некои сведоштва за државноста, а ги има премногу. Македонската пролет во предвечерието на дисолуцијата на поранешна СФР Југославија започна со блокадите на македонско-грчката граница во организација на Здружението на занаетчиите на Гевгелија чиј секретар тогаш бев, одржани на 16 април, 19 мај, 21 јуни и 24 октомври 1990 година. На овие блокади се возобнови Светскиот Македонски Конгрес како неформален светски парламент на Македонците од сите делови на Македонија во целиот свет, формиран на 12 јануари 1899 година во Женева, од македонската емиграција – интелектуалци од Источна и Западна Европа, во времето на Отоманската империја, со цел анимација пред големите сили на правото за Македонска држава на Балканот до Македонска влада во егзил. Светскиот Македонски Конгрес во изминатите 35 години ги мобилизира Македонците во сите делови на Македонија и во светот на семакедонско помирување и обединување. Се разбира, тоа е долгорочен процес, како и државата, а не манифестација.

Иако ја доби иницијативата за одржување генерално собрание на еден и единствен Светски Македонски Конгрес, со задача да ги обедини сите Македонци во светот и да донесе Македонска национална програма прифатлива за сите во Македонскиот свет и Македонската цивилизација, претседателот Киро Глигоров, во 1992 година со неколкумина иселеници формира втор Светски Македонски Конгрес под негово покровителство. Демек: Има Македонци во светот кои се против промена на името, ама има и Македонци кои прифаќаат промена на името. И, започна расколот меѓу Македонците во светот: Кој е за Конгресот на Тодор Петров, а кој е за Конгресот на Џон Битов, наместо да демонстрираме единство на сите во борбата против промена на името на државата Македонија и идентитетот на Македонскиот народ како носител на државноста. Медиумите под контрола на власта започнаа жестока пресметка за моја лична дискредитација, како и на Светскиот Македонски Конгрес. Тој тренд и против Матицата на иселениците од Македонија продолжи до денес. Обвинувањата беа, Конгресот на Петров се бори за држава Македонија во нејзините етно-историски граници и тоа треба да се уништи од внатре до крај.

Еве зошто го кажав ова: Таа антимакедонска реторика и опсервација, кулминација доживеа 1993 година. На 21 и 22 јули, Собранието (како да заседава централниот комитет на Сојузот на комунистите кој врши идејно-политичка диференцијација), одржа седница со единствена точка на дневниот ред: “Информација во врска со состојбите за одржувањето на Првото Генерално собрание на Светскиот Македонски Конгрес свикан за 7 и 8 август 1993 година и седницата на Извршниот одбор на Вториот Светски Македонски Конгрес, свикана за 20-22 август 1993 година“, замислете, со предлог заклучок: “Тодор Петров да се затвори, Светскиот Македонски Конгрес да се забрани“. Тогашниот министер за внатрешни работи Љубомир Фрчкоски во експозето пред Собранието рече “Светскиот Македонски Конгрес на Тодор Петров претставува меѓународна терористичка организација“. А, неговиот колега, министерот за одбрана Владо Поповски рече “Македонската национална програма на Светскиот Македонски Конгрес ќе предизвика Трета Балканска Војна, бидејќи историјата на Македонија ја почнува од антиката до денес!“ Рекоа и останаа живи. Собраниската седница траеше два дена, се прекина и никогаш повеќе не продолжи.

Што стори пратеникот Тодор Петров во Собранието, веќе вградено во темелите на државноста на Македонија: Предложив амандман, зборот “суверени“ да се замени со зборот “суверените“, а зборот “Република“ да се избрише, бидејќи името на државата се состои само од еден единствен збор – зборот Македонија. И, прашањето за референдумот на 8 септември 1991 година гласеше “Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија, со право да стапи во иден сојуз на суверените држави на Југославија?“ Со образложение на амандманот: Ако и една република истапи од Југославија, Македонија нема да остане во редуцирана или асиметрична федерација. Амандманот беше прифатен.

Понатаму, го спречив Стојан Андов да го фалсификува референдумското прашање. Во печатницата сместена во подрумот на собраниската зграда, беше отпечатен речиси целиот тираж на гласачките ливчиња без мојот амандман, со епилог Македонија да остане во редуцирана федерација со Србија и Црна Гора. Во македонскиот правопис членувањето на именката го дефинира бројот на субјектите, а нечленуваната именка се однесува на неопределен број субјекти. Затоа и мојот амандман: Во референдумското прашање зборот “суверени“ да се замени со зборот “суверените“. По мојата закана во кабинетот на Андов за скандал, целиот отпечатен тираж на гласачките ливчиња се поништи и се отпечатија новите гласачки ливчиња со мојот амандман. Стојан Андон не случајно не се појави на прославата на 8 септември 1991 на плоштадот “Македонија“. Замина за Грција преку граничниот премин Дојран-Дојрани. А, не случаен беше и атентатот врз министерот за внатрешни работи Јордан Мијалков на 19 декември 1991 во Србија, бидејќи требаше да разобличи група пратеници како соработници на српските служби, меѓу нив и Стојан Андов, како што велеше Мијалков. Андов, пак, го обвини на Мијалков дека му се заканувал со убиство.

Пред договорот за повлекување на ЈНА од Македонија, склучен на 21 февруари 1992 година меѓу Киро Глигоров и генералот на ЈНА, Благоја Аџиќ, за целосно повлекување на ЈНА од територијата на Македонија најдоцна до 15 април 1992 година, бев единствениот пратеник во поранешна СФР Југославија кој јавно апелираше македонските војници во ЈНА да се вратат дома, а воените регрути да се кријат и да не ги примаат поканите за регрутација, за да не гинат на фронтовите во Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина.

Имаше обиди државноста на Македонија да почне од 8 септември 1991 година. Но, бидејќи Македонија како држава е возобновена на 2 август 1944 година на Првото заседание на АСНОМ, во законот за празниците предложив: 2 август да остане Ден на државноста, а 8 септември да се прогласи за Ден на независноста. Се прифати.

Заради деперсонификација и деидеологизација на институциите на власта, предложив Одлука за симнување на сликите на Јосип Броз Тито и Гоце Делчев од собраниската сала. Одлуката се донесе. Предложив враќање на името Велес, наместо Титов Велес. Законот се прифати. Го предложив името на државниот универзитет – пред Кирил и Методиј да се додаде зборот Свети, а ТВ Скопје да се преименува во Македонска радио и телевизија. Се прифати.

Предложив закон за претседателска резиденција надвор од зградата на Собранието. Се прифати. Во декември 1991 предложив резолуција за ништовност на вториот дел од референдумското прашање. Владата ја прифати со мислење: Вториот дел од референдумското прашање “со право да стапи во иден сојуз на суверените држави на Југославија“ повеќе не важи, бидејќи постапката за стапување во сојуз или заедница со други држави или истапување од сојуз или заедница со други држави веќе е уредена со членот 120 од Уставот.

Во медијација меѓу пратеничките групи го предложив шеснаесет-зрачното златно-жолто сонце на црвена основа за државно знаме и државен грб: Симболот на Империјата стана симбол на Републиката. Собранието го прифати законот за знамето на 11 август 1992, но не го донесе законот за грбот, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ ја откажа поддршката на самото гласање и остана стариот грб. Подоцна, СДСМ, Тито Петковски ми предложи да поведам медијација меѓу пратеничките групи за усвојување на лавот по предлог на Мирослав Грчев за грб на Македонија, ама расправата доби друг тек и законот не се донесе до крајот на првиот мандат, иако претходно сите го прифатија земскиот грб на Македонија.

После Декларацијата на Европскиот совет на Европската заедница за поранешна Југославија, усвоена во Лисабон на 27 јуни 1992 година, Собранието на 3 јули 1992 година донесе Декларација со којашто го отфрли делот што се однесува за признавањето на Република Македонија “со име што нема да го вклучува терминот Македонија”.

Затоа, веќе на 29 јули 1992 година, Собранието донесе Одлука за стапување на Република Македонија во членство на Организацијата на Обединетите Нации. На 7 јануари 1993 година добив писмен извештај од прес-конференцијата на портпаролот на генералниот секретар на ООН во Њујорк: На новинарското прашање до каде е постапката за членство на државата Македонија во Обединетите Нации? Одговорот беше: Оваа држава се’ уште нема поднесено апликација за членство! Го умножив извештајот и го поделив на сите пратеници. Андов веднаш ја напушти собраниската седница. Наредниот ден, на 8 јануари 1993 година, стигна главната вест: Кабинетот на претседателот Глигоров ги демантира дезинформациите дека не е поднесена апликација за членство на Македонија во ООН, демек поднеле, ама апликацијата заглавила во некои служби на не знам кој кат, па требала да се однесе на друг кат, и затоа еве денес уште еднаш е поднесена апликација за членство во Обединетите Нации. Значи двапати поднесена апликација. Лакрдија. Важно, изнудивме реакција и акција од кабинетот на Глигоров. Така започна постапката за членство на Македонија во ООН која заврши со резолуција 817/1993 на Советот за безбедност од 7 април 1993 година, и резолуцијата 47/225 на Генералното собрание од 8 април 1993 година.

Го предложив законот за Црвениот крст на Македонија. Се прифати. Предложив Закон за забрана за враќање на српските колонисти во Македонија кога српското собрание предложи закон за враќање на српските колонисти во Косово и Метохија и Македонија во сојузното собрание. Предложив Закон за оф-шор економија, Закон за трговска морнарица, Закон за прогласување на Охрид за светски сеправославен центар и уште многу други закони и илјадници амандмани на неколку стотици закони. Мислам дека тој гинисов рекорд ретко кој пратеник на земјината топка кога и да е ќе го оствари.

Светскиот Македонски Конгрес чиј претседател сум, беше иницијатор и организатор на кампањата на референдумот за општините на 7 ноември 2004 година, бојкотиран од СДСМ со слоганот “Некои прашања не заслужуваат одговор“. Претходно, заради избор на Киро Глигоров за претседател на Републиката на изборите од 16 октомври 1994 година, а со цел да не се бојкотира повторениот попис од 20 јуни до 4 јули 1994 година, беа издадени 150.000 македонски државјанства на Албанци од Косово. Во графата за државјанство од пописниците впишуваа “постапката е во тек“. Епилогот беше – промена на етничката и верската карта на Македонија. Се разбира, СМК беше главен организатор на бојкотот на референдумот одржан на 30 септември 2018 година по прашањето “Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“ од 17 јуни 2018 година, со којшто Македонија од држава треба да стана територија без македонски народ и историја. Со овој договор, ексклузивното право врз културата и историјата на Македонија, Зоран Заев и’ го предаде на Атина.

Жалам за владината и собраниската суспензија на двата референдума од 8 септември 1991 година и 30 септември 2018 година, што е кривично дело велепредавство, геноцид и злосторство против човештвото што не застарува, бидејќи одлуките на референдумот се задолжителни. Затоа, повторувањето: Се’ додека еднострано не се раскинат Договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година со Првиот протокол Димитров-Захариева од 10 јуни 2019 година и Вториот протокол Османи-Генчовска од 17 јули 2022 година за кој има иницијатива во уставниот суд за негово поништување ама молчат бидејќи секогаш се во нечие злосторничко здружение против правата и слободите на граѓаните, како и Спогодбата Димитров-Коѕиас од 17 јуни 2018 година, кои го санкционираат Букурешкиот договор од 10 август 1913 година, а тоа можат да го сторат со нота до Генералниот секретар и Генералното собрание на Обединетите Нации – претседателката, премиерот или министерот за надворешни работи без претходна собраниска или владина постапка, Македонија никогаш нема да биде правна држава во која владее правото и се почитуваат правата и слободите: Ќе останеме реплика на темниот вилает од времето на Отоманската империја во која владеел башибозукот! Инаку за потсетување, во членовите 1 и 2 од Уставот пишува: Македонија е суверена и самостојна држава, чиј суверенитет е неделив, неотуѓив и непренослив, произлегува од граѓаните и ним им припаѓа, а тие пак, власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници и по пат на референдум! Од еден пратеник толку, иако заминав во пензија со 400 евра, затоа што 17 години после пратеничкиот мандат останав на улица, власта не ми понуди вработување иако молев, а гладував. Повеќе, во моите мемоари, како хронологија за државноста на Македонија.

Крајно, и после 35 години, останува аманетот: Македонија – суверена и самостојна држава, да даде Бог и неутрална! Не се оттргнавме од прегратките на Србија за да седнеме во скутот на Бугарија, никако етнички Бугари плус како државотворен народ во Уставот, бидејќи такви нема! Честитки до Вас и до сите Македонци, по род и државјанство, од сите делови на Македонија, во светот и татковината, за 8 септември – Денот на независноста на државата Македонија!

Ви благодарам на вниманието.

Најново од: На прво место

„Патување до корените“ – филм, изложба и средба со Петро Алексовски во Скопје и Охрид

Во организација и со поддршка на Амбасадата на Република Полска во Скопје, Општина Охрид и Фондот на Холокаустот на Евреите од Македонија, на 23 септември во Скопје и на 24 септември во Охрид ќе се одржи културниот и меморијален настан „Патување до корените“. Срдечно ве покануваме на едно посебно културно патување – „Патување до корените“, […]

Владиката Петар искрено за случувањата во Цариградската партијаршија: АЈ ШТО НЕ’ ТЕПАТЕ, АМА НЕ НИ ДАВАТЕ НИ ДА „ПЛАЧЕМЕ“!

„за македонските работи“ со љупчо цветановски Митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар отворено проговори за случувањата при средбата во Цариградската патријаршија, посочувајќи дека македонските црковни претставници со години трпеле понижувања и неправди, но останале доследни во барањето за канонско признавање на Македонската православна црква. Во емисијата „За македонските работи“ со новинарот Љупчо Цветановски на ТВ Алфа, владиката […]

Николовска до Ленче Ристоска: Бевте десна рака на Катица Јанева во СЈО, апсолутно ништо не испорачавте, се однесувавте како да апсите терористи од највисок ризик

Во вчерашното издание на емисијата „Анализа“ на Телевизија 24 гостуваше Ружица Николовска, член на Правната комисија на ВМРО-ДПМНЕ, која во реплика на Ленче Ристоска се осврна на начинот на кој функционирало СЈО, неговото постапување во текот на истрагите и односот кон осомничените. Николовска потсети и на постапувањето во предметите поврзани со корупција. „Вие секојдневно излегувавте […]

Од идеолошка доктрина до парламентарно негирање на македонскиот јазик

Бугарскиот национален проект за поништување на македонскиот идентитет и неопходноста од Македонска национална платформа Денес веќе не се соочуваме само со спор околу неколку историски личности или реченици во учебниците. Пред нас стои долгорочно изградена политика. Таа тргна од идеолошки текстови, помина низ официјални државни позиции, помина низ дипломатски условувања и стигна до европски механизми […]

ВМРО-ДПМНЕ: Наместо СДС да шири паника, нека ги погледне фактите – пензиите се повисоки за 7.000 денари

ВМРО-ДПМНЕ реагира на изнесените ставови на СДС за состојбата со пензискиот систем, порачувајќи дека наместо да се создава страв кај пензионерите, треба да се погледнат бројките и редовноста на исплатата на пензиите. Според ВМРО-ДПМНЕ, пензионерите денес имаат конкретни резултати што можат да се измерат со бројки, а не со дневнополитички обвинувања. „За помалку од две […]

Драган Богдановски – живот посветен на слободна и независна Македонија

На 18 септември 1929 година во селото Клечовце, Кумановско, е роден Драган Богдановски, починал на 31 мај 1998 година во Данска, на пат од Шведска кон Германија. Подоцна бил погребан во Куманово Драган Богдановски е еден од најистакнатите македонски политички емигранти по Втората светска војна, долгогодишен борец за македонската национална кауза, претседател на ДООМ и […]

Мицкоски во Вашингтон: Средби со конгресмените Кит Селф и Клаудија Тени

Премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски, во рамките на посетата на Соединетите Американски Држави оствари средби со американските конгресмени Кит Селф и Клаудија Тени. Во фокусот на разговорите беа стратешкото партнерство меѓу Македонија и САД, парламентарната соработка и можностите за натамошно продлабочување на односите меѓу двете држави. Премиерот Христијан Мицкоски ја започна серијата средби во […]

Охридското Езеро доби свој именик на Титан

На 16 септември 2010 година Меѓународниот астрономски сојуз официјално го одобри името Ohrid Lacus за едно од езерата на Титан, најголемата месечина на Сатурн. Името е дадено според Охридското Езеро во Македонија, најстарото природо езеро во Европа. Со ова, името Охрид стигна и на картата на Сончевиот Систем. Ohrid Lacus се наоѓа во северната поларна […]

Најнови вести

To top