Петрушевски ги обвини СДС и Венко Филипче за двојни аршини во реакциите за Алта банка, споредувајќи ја нивната сегашна гласност со однесувањето во периодот кога пропадна Еуростандард банка.
Според него, доколку СДС и Филипче биле подеднакво гласни за Еуростандард банка, можеби граѓаните тогаш немало да бидат оштетени.
Тој потсети дека банката пропадна во времето на владеењето на СДС и изнесе обвинување дека подолг период одобрувала кредити без соодветно покритие на фирми блиски до Зоран Заев.
Петрушевски се осврна и на тогашната министерка за финансии, Нина Ангеловска, тврдејќи дека неколку дена пред пропаѓањето на банката повлекла 250 илјади евра.
Воедно, тој ги обвини тогашната власт и раководството на Народната банка дека, наместо да воведат администрација, директно ја одзеле дозволата за работа на Еуростандард банка. Според неговото тврдење, со тоа се овозможило да пропадне наплатата на кредитите на фирми блиски до Заев.
„Ете затоа им е криво на СДС и затоа работи Фројд кај Филипче. Тоа што вие сте посегале по криминал, ние тоа нема да го направиме“, порача Петрушевски.