На прво место Македонски легенди

Тодор Александров – духот на македонската борба

Македонска Нација

Македонска Нација

Тодор Александров (4 март 1881 – 31 август 1924) е македонски револуционер и еден од најистакнатите раководители на ВМРО. Роден е во Ново Село, Штипско, а бил убиен кај месноста Трите Реки, во близина на пиринското село Сугарево. Неговиот живот и револуционерно дело биле посветени на борбата за автономна, обединета и независна Македонија.

Во плејадата заслужни македонски синови кои со својата пожртвуваност и борба оставиле неизбришлива трага во националната историја, посебно место зазема името на Тодор Александров.

Во времето на едноумието за него речиси и не се зборуваше, а неговата улога во македонското револуционерно движење честопати беше премолчувана или еднострано претставувана. Меѓутоа, историските документи сведочат за неговата решителност, патриотски дух и посветеност на македонската кауза.

Од учител до окружен војвода

Тодор Александров е роден на 4 март 1881 година во Ново Село, Штипско. Во периодот пред Илинденското востание бил околиски раководител во Кочанскиот Регион.

Како резултат на предавство, на 3 март 1903 година бил уапсен и осуден на пет години затвор. Казната ја издржувал во скопскиот затвор „Куршумли ан“.

На 10 јануари 1905 година стапил во четата на војводата Мише Развигоров како нејзин секретар. На Третиот конгрес на Скопскиот револуционерен округ, одржан во ноември 1907 година, бил избран за окружен војвода.

За време на Младотурската револуција во 1908 година, Александров не го предал оружјето. Заедно со Христо Матов бил меѓу најгласните противници на младотурскиот режим, предупредувајќи дека промената на власта нема да му донесе вистинска слобода на македонскиот народ.

Тој сметал дека Организацијата треба да ја продолжи борбата до ослободувањето на Македонија и прогласувањето на нејзината автономија. Во тој период четите под негово раководство извршиле повеќе напади и атентати против младотурските власти, меѓу кои биле и познатите Магарешки атентати.

Обнова на Организацијата

По Букурешкиот мировен договор од 1913 година и поделбата на Македонија меѓу соседните држави, се засилиле асимилацијата и прогонувањето на македонското население во окупираните делови.

Поделбата на етничка Македонија значела и разединување на револуционерните окрузи, што значително ја отежнало работата на Организацијата. Голем број македонски револуционери биле принудени да пребегаат во Бугарија, каде што во тоа време живеела бројна македонска емиграција.

На 20 декември 1919 година Тодор Александров, заедно со Александар Протогеров и Петар Чаулев, ја обновил ВМРО. До легалните и нелегалните дејци и војводи било испратено циркуларно писмо со кое било објавено продолжувањето на борбата.

Централниот комитет ја известил и европската јавност дека ВМРО ги продолжува идеалите на старата Гоцева организација за ослободување и обединување на трите распарчени делови на Македонија.

Под раководство на Александров биле обновени револуционерните окрузи и започнало засилено вооружување и организирање на македонските чети. Крајната цел била ослободување, обединување и создавање независна македонска држава.

Во Пиринскиот дел на Македонија биле обновени структурите на Организацијата: народната власт, судовите, вооружените чети, селската милиција и системот за собирање данок. За краток период оваа област станала главно упориште на ВМРО и појдовна точка за дејствување во другите делови на Македонија.

Во овој период, со одлука на Централниот комитет, од името ВМОРО било отстрането „Одринско“, по што Организацијата продолжила да дејствува под името ВМРО.

Судирот со владата на Стамболиски

Тодор Александров влегол во жесток судир со земјоделската влада на Александар Стамболиски, која настојувала да ги подобри односите со Кралството на Србите, Хрватите и Словенците и со Грција, како и да го ограничи дејствувањето на ВМРО.

Александров ја обвинувал владата дека спроведува просрпска и антимакедонска политика, ги прогонува дејците на ВМРО и финансиски ги помага федералистичките групи што се спротивставувале на Организацијата.

До бугарските министри и до премиерот Стамболиски испратил повеќе предупредувачки писма. Во нив порачувал дека ВМРО ќе преземе остри мерки против сите што ја попречуваат борбата за ослободување и обединување на Македонија.

Судирот меѓу ВМРО и владата на Стамболиски прераснал во отворена вооружена пресметка. Во тој период биле убиени повеќе бугарски политичари, меѓу кои министерот Александар Димитров и Рајко Даскалов. По државниот удар во 1923 година бил убиен и Александар Стамболиски, при што улогата на дејци поврзани со ВМРО останува предмет на историски истражувања и толкувања.

Паралелно со судирите во Бугарија, четите на ВМРО продолжиле да дејствуваат во Вардарскиот и Егејскиот дел на Македонија. Меѓу војводите што дејствувале во тие области биле Панчо Михајлов, Иван Брло, Петар Чаулев, Тодор Лазаров и Дончо Златков.

Според тогашните организациски податоци, народната милиција во Пиринскиот дел броела околу 9.100 луѓе. Вооружените акции против српската војска и полиција во Вардарскиот дел станале речиси секојдневни.

Обид за обединување на македонското движење

Кон крајот на 1923 година ВМРО започнала да воспоставува контакти со Димитар Влахов и Павел Шатев. Намерата на Александров била постепено обединување на расположливите македонски револуционерни сили во единствен фронт.

На 30 декември 1923 година бил подготвен проект за спогодба меѓу ВМРО и советската влада, потпишан и од Тодор Александров. Во него ВМРО била претставена како организација на Македонците што се борат за национално самоопределување, политичка слобода и социјална правда.

Како главна цел било наведено обединувањето на Македонија, поделена меѓу Бугарија, Грција и Србија, во единствена политичка целина што би се конституирала како независна држава или би пристапила кон идна балканска федерација.

На 9 април 1924 година во Виена била потпишана декларација за обединување на македонското револуционерно движење. Во преговорите учествувале претставници на ВМРО и македонската левица, меѓу кои Александар Протогеров, Димитар Влахов и Петар Чаулев.

Следниот чекор бил Мајскиот манифест од 6 мај 1924 година. Во документот било истакнато дека ВМРО ќе се стреми кон обединување на сите македонски револуционерни сили – леви и десни, федералисти и автономисти – во единствен револуционерен фронт.

Целта била јасна: обединување на распарчената Македонија во независна и самостојна држава.

Мајскиот манифест предизвикал силна реакција кај бугарската влада на Александар Цанков. Под силен политички притисок и поради стравувањето дека ВМРО може целосно да потпадне под влијание на Коминтерната и Советскиот Сојуз, Александров јавно се откажал од документот.

Сепак, кризата веќе била отворена. Александров влегол во судир и со владата на Цанков, од која барал целосна слобода за дејствувањето на ВМРО и продолжување на борбата за независна македонска држава.

Убиството кај Трите Реки

Тодор Александров бил убиен на 31 август 1924 година во месноста Трите Реки, во близина на селото Сугарево на Пирин Планина. Заедно со него бил убиен и неговиот придружник Алеко Василев.

Како непосредни извршители во историските извори најчесто се посочуваат Штерју Влахов и Динчо Вретенаров. Прашањето кој бил вистинскиот нарачател на убиството и денес предизвикува различни толкувања.

Како можни организатори се посочувале одделни кругови во бугарската власт, воените структури, Коминтерната и противниците на Александров во самата Организација. Сепак, не постои целосно усогласен и конечен одговор за заднината на атентатот.

Убиството на Тодор Александров претставувало тежок удар за ВМРО и за македонското националноослободително движење.

Во лондонскиот и парискиот печат бил опишуван како „последниот крал на планините“ и „македонскиот Робин Худ“. Меѓу Македонците во Пиринско и Малешевијата останал запаметен и како „светецот со пушка“.

Тодор Александров останува еден од највпечатливите симболи на македонскиот непокор. Неговиот идеал за обединета и независна Македонија продолжил да живее меѓу генерации Македонци од Пирин до Шара, од Прохор Пчински до Солун.

Господ да му ја прости душата на Тодор Александров. Нека му е вечна слава на војводата, чие дело и аманет ги носат во себе многу генерации Македонци низ целиот свет.

Најново од: На прво место Македонски легенди

Манасиевски: Откако бугарскиот амбасадор Филипче сфати дека не проаѓа кај граѓаните, стана партизан и почна да маршира

Бугарскиот амбасадор Филипче, кој ги застапува бугарските интереси во Македонија, верувале или не, викендов стана партизан. Поголем лицемер и човек без образ од бугарскиот амбасадор Филипче, нема. Секојдневно Филипче говори дека Бугарите треба да ги внесеме во Уставот и го шири наративот на Румен Радев во Македонија, но викендов маршираше токму против фашистичките окупатори. Директно […]

Мицкоски: Подготвени сме да оставиме зад себе татковина посилна од онаа што ја наследивме

На свечената академија по повод 11 Октомври во Куманово, премиерот Христијан Мицкоски порача дека почитта кон жртвата на борците за слобода обврзува на изградба на посилна држава, праведни институции и иднина во која младите ќе остануваат во Македонија. Претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски, во обраќањето на свечената академија по повод Денот на […]

Мицкоски: Слободата е дело што секоја генерација мора да го продолжи

По повод 85 години од народното востание, Христијан Мицкоски порача дека почитта кон предците подразбира одговорност да се чува слободата и да се создава подобра иднина за следните генерации. Христијан Мицкоски упати честитка по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, нагласувајќи ја храброста на луѓето што ја започнале борбата за слобода пред осумдесет […]

ОМД: 85 години од народното востание – Честит 11 Октомври!

Слободата, македонскиот идентитет и единството се завет што ги поврзува Македонците во татковината и во светот. Денес го одбележуваме 11 Октомври – Денот на народното востание, еден од најзначајните датуми во македонската историја. На овој ден во 1941 година започна народното востание против фашистичката окупација. Храбрите синови и ќерки на Македонија ја поведоа борбата, водени […]

Честит 11 Октомври – Денот на народното востание на македонскиот народ

Пред 85 години, македонскиот народ ја потврди својата решеност да се бори против фашизмот, за национална слобода и за сопствена држава. Денес наша должност е да го чуваме она што поколенијата пред нас го платија со своите животи: слободата, достоинството и Македонија. 11 Октомври е празник на храброста, на отпорот и на македонската непокорност. На […]

„11 Октомври“ – еден од најголемите празници на Македонците во светот

Големиот македонски празник „11 Октомври“ е продолжување на слободарските традиции на македонскиот слободољубив народ проникнати во Карпошовото, Разловечкото, во Кресненското и во Илинденското востание, но и во напорите за социјално и национално ослободување вложени во Балканските војни и во Првата светска војна. Имено, на 11 Октомври 1941 година, борците од Првиот прилепски партизански одред го […]

Мицкоски: Скопското Кале ќе го добие ликот што го заслужува, Владата ќе обезбеди финансиска и логистичка поддршка

Увид во завршните активности за обновување и ставање во функција на двата музејски објекта на Калето, во рамките на подготовките за Скопје – европска престолнина на културата. Премиерот Христијан Мицкоски денеска изврши увид во завршните активности за обновување и ставање во функција на двата музејски објекта на Скопското Кале. Тој порача дека Владата ќе ги […]

Манасиевски: Амар ја критикува ревитализацијата на Калето, а молчи за тендерите на кадрите на Левица

Манасиевски реагира на видеото на Амар за Скопското кале и прашува на што се трошеле парите на скопјани кога кадри на Левица раководеле со градски институции. Во соопштение на ВМРО-ДПМНЕ, Манасиевски ја критикува реакцијата на Амар за најавената ревитализација на Скопското кале. Според него, Амар се фокусира на можноста за наплата на влезници, наместо на […]

To top