Македонското знаме е симбол на државноста, суверенитетот и независноста на Република Македонија, а секое негово сквернавење треба да биде санкционирано согласно законските прописи.
На 27 ноември 2026 година во ОВР Гостивар било пријавено отстранување на македонското државно знаме, поставено од Општина Гостивар на улицата „Илинденска“.
На видеоснимката објавена на социјалните мрежи се гледа како две лица го симнуваат, го туткаат и го фрлаат македонското знаме на земја.
Полициска екипа извршила увид на местото на настанот, а МВР презема мерки за негово целосно расчистување и идентификување на сторителите.
По повод овој инцидент, денес, 29 ноември 2026 година, ВМРО-ДПМНЕ излезе со соопштение во кое најостро го осудува симнувањето и сквернавењето на македонското знаме во Гостивар.
„Македонското знаме е државен симбол и секое негово непочитување треба да биде веднаш санкционирано. Ваквиот однос на поединци во општеството создава поделби, а не сплотување.
Ги повикуваме надлежните институции веднаш да постапат и да ги идентификуваат сторителите“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Почитувањето на државните симболи претставува обврска на сите граѓани, без разлика на нивната етничка, верска или политичка припадност. Меѓусебното почитување и почитувањето на законите се основа за градење стабилно и сплотено општество.
МВР информира дека вчера попладне во 15:10 часот на ул. „Ѓорче Петров“ во Скопје, полициски службеници сопреле патничко возило „голф“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од Џ.Т.(40) од Скопје на кое имала истакнато две знамиња на „Голема Албанија“ со натпис „Autochtonous“.
Само 20 минути подоцна на Плоштад „Скендербег“ во Скопје, полициски службеници го забележале Ј.А.(21) од с. Драчевица, скопско, кој во раката носел знаме на „Голема Албанија“ со натпис „Autochtonous“.
Вечерта во 21:45 часот на крстосница од ул. „Ѓорче Петров“ и ул. „Кузман Шапкарев“ во Скопје, полициски службеници сопреле патничко возило „цитроен“ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал Р.И.(21) од с. Сарај, скопско, а на кое имало истакнато знаме на „Голема Албанија“ со натпис „Autochtonous“.
По целосно документирање на сите три случаи ќе следуваат соодветни поднесоци.