
Никола Вапцаров
Што беше за мене ти? —
Ништо.
Една загубена земја
на рицари и на плата.
Што беше за мене ти?
Огниште
на некаква љубов жестока
што диво се опива
од крв,
од блесок на ками;
од шлагери
и од гитари;
од страст,
љубомора
и псалми.
Ти за мене сега си судба.
Ти си писанија моја.
Неразделен учесник сум ти
во борба за слобода твоја.
И сега горам, сега се радувам
на секој твој успех боен
и верувам во твојта сила млада —
ја влеав в неа силата своја;
се борам сега до победата
в митралески гнезда скрит
низ улиците на Толедо
и пред ѕидот на Мадрид.
Еден работник, со блуза сина,
пронижан до мене спружен
и под капата искината
без запир му топла крв струи.
Тоа мојта крв е, која
тревожно му в жили клока,
и го знам јас — пријателот тој е
од ланкаширските котли,
кај што двајца со лопати
работевме на печка општа
и немаше ѕид што може
копнеж младешки да сопре…
Спиј, мој другар, спиј ти мирно
под знамиња в крв што темнат.
Твојта крв во мојта мине
и после во цела земја.
И сега таа крв си тече
во фабрики, од град во градот,
ги бранува, ги движи, влече
селата во строј параден —
на упорната надежност,
на трудот и на смелоста,
на сурова неизбежност,
на крвавата слобода.
И дига денес барикади,
во жилите лее кураж,
вришти безумна од радост:
„Мадрид е наш!
Мадрид е наш!“
Светот е наш! Не бој се, друже!
И секој молекулен дел
е наш.
Под небото јужно
ти спиј и веруј,
веруј во нас!