Дијаспора

Од патувањата по Беломорска Македонија (3)

slave-katin

slave-katin
СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ – КАТИН

(ДЕЛ ОД КНИГАТА „СВЕТОТ  НА  ДЛАНКА“)

ВО КОСТУР НА ГОСТИ

Кога човек е во Костур и на брегот на Костурското Езеро има чувство дека се наоѓа во Охрид и на Охридското Езеро, бидејќи Костур наликува на Охрид и по својата местоположба и по природните убавини. Тука природата подарила многу убавини кои, за жал, не се целосно искористени.

Инаку, градот Костур се наоѓа на југозападната точка на Македонија, на брегот на Костурското Езеро. Некои учени луѓе мислат дека името дошло од реткото животно кастор што се одгледувало во Костурското Езеро и од чија кожа се правеле многу убави и раскошни бунди. Исто така, во Костур има многу цркви, познати базилики и други споменици од историјата и културата.

Направивме круг околу градот и езерото, а потоа пеш се упативме кон стариот дел на градот во кој се мешаат старата и новата архитектура. Видовме бројни дискотеки и многу дуќани за крзно и крзнени производи, а крзното е животот на Костур. По тесните улици пешаците тешко се движеа поради густиот сообраќај, кој како да им пркосеше на гостите да ги видат и доживеат убавините на овој езерски град, град кој е убав во сите годишни времиња.

Се упативме кон источниот дел на градот и на самиот брег на езерото, во летната бавча на еден пристоен ресторан, седнавме да ручаме, да се одмориме, да уживаме и да се восхитуваме на убавините на градот. Секој од нас беше љубопитен да види и да разбере нешто повеќе за костурските ќурчии, за раскошните и скапи крзна што висеа во безбројните дуќани во градот, за езерото и лебедите кои ја дополнуваа убавината на езерската шир, за македонското население…

По неколку пријатно поминати часови во Костур се упативме кон Лерин, но овој пат од другата страна, од кај Грамос за да го видиме и тој дел на Егејска Македонија каде што голем број Македонци загинаа во текот на Граѓанската војна. Појдовме по патот за легендарното село Д’мбени, родното село на големиот донатор и хуманист Атанас Близнаков, кој живееше во Гери, Индијана во САД и кој ја формираше најголемата Фондација за македонската младина – студентите на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.

kostur
Костур и Костурското Езерo

Селото Д‘мбени се наоѓа 22 километри северозападно од Костур, во јужните пазуви на планината Локвата и Вињари, на надморска височина од 980 метри. Оградено е со планини покриени со варовит камен, поради што се смета дека се дел од западниот македонски планински синџир и продолжение на далматинските алпи.

Грчките официјални власти отсекогаш настојувале да ги избришат трагите што потсетуваат дека Македонија е античко-словенска земја. Постојано измислуваат закони, декрети, правила, амандмани… По Балканските војни и Букурешкиот „мировен“ договор и поделбата на Македонија, сите имиња на населените места во егејскиот дел на Македонија ги заменија со елински (грчки). Како резултат на тој акт на таа влада од ноември 1926 година, селото Д’мбени беше преименувано во Дендрохорион.

Селото Д’мбени влегува во состав на реонот Корештата во кој во минатото имало 34 села распослани по источната и западната страна на реката Бистрица. Сите села во Корештата се исклучително македонски, освен едно од кое во немирните години неговото македонско население било сосема иселено, а на нивно место биле населени Албанци-муслимани. Д’мбени никогаш не го загубило македонскиот дух и белег, иако постојано било под туѓинско ропство. Неговото население со векови го пренесувало борбениот дух и љубовта кон родната земја и дедовските огништа, чиј магнетизам постојано ги привлекувал Македонците распрснати по светот. Благодарение на тоа, населението од овој крај на Егејска Македонија докрај им остана верно на борбените револуционерни и патриотски традиции.

Широкиот асфалтен пат што се искачува по ридот на северната страна на Костур, на само десетина километри, поточно откај патот што се дели за селото Д’мбени, продолжува кон Габреш, Дреновени и други села. Тие се македонски села, меѓутоа, најголем број од жителите се иселиле по Граѓанската војна. Сега тие се места каде се гледаат високите ѕидови на куќите со искршени прозорци и без покрив. Се јавува глетка што оддава тага, страв и ужас. Застанавме на патот и ги гледавме куќите во кои зјаеја отворени долапи и искршени балкони кои тагуваат за своите стопани. Од таа тажна слика на минувачот му се крева косата и што побргу сака да ја заборави.

Го продолживме патувањето по патот што води низ некогашните селски градини и зелени ливади. Чувствувавме дека отворените прозорци нѐ поздравуваат и ни кажуваат дека во минатото овде имало живот, а ѕидовите од старите македонски куќи плачеа заедно со урнатините и со бучењето на реката што одѕвонуваше во дивината за да нѐ потсетат на војните на Грамос.

Го напуштивме просторот на Габреш од каде долго ја гледавме долината и појдовме по патот кон Желево, кое е лоцирано на границата на Леринско-костурската општина, припаѓајќи административно кон Костур. Тоа е едно од најголемите села на овие простори. Желево е сместено во подножјето на планината Бигла и се наоѓа на надморска височина од околу илјада метри. Желево отсекогаш било чисто македонска населба. Меѓутоа, поради политичките и економските причини, голем број желевци се преселиле во прекуокеанските (Канада, САД и Австралија) и други европски земји по Илинденското востание и Првата светска војна, но особено по поразот на Демократската армија на Грција во Граѓанската војна.

Желево е живописно планинско село сместено на патот Лерин-Костур. Таму, во планината Бигла, над селото, извира реката Бистрица што ја сече областа Корешта и се влева во Солунскиот Залив. Тоа е планинска река со мали водопади и пастрмки, чија вода се користи за наводнување на зелените и сочни ливади и плодните ниви од двете страни во подножјето на планината.     

Желево е село од збиен тип со типични македонски куќи на кои висат пространи балкони. Тоа наликува на другите македонски села од леринско-костур-скиот дел, како што се: Ошчима, Руља, Бесфина, Брез-ница, Смрдеш, Габреш, Поздивиште, Д’мбени, или наликува на селата од другата страна на Превал кон Преспа.

Според старите преданија, селото Желево го добило своето име од зборот „жилево“. Поточно, на местото каде постоело старото село високо се издигале огромни стебла кои пуштале долги и големи жили. Од зборот жила, селото го завикале Жилево, за потоа да се замени во Желево. Но, тоа е само легенда. Вистината е дека луѓето од Желево и од целиот тој крај на Егејска Македонија ги ширеле своите жили по целиот свет и дека низ нивните жили тече македонска крв.

Вредните раце на желевци ги изградиле двете селски цркви: старата „Свети Никола“, што датира од 1713 година и „Свети Атанас“, што е од поново време, и на чии ѕидови се насликани живописни фрески од вредните раце на фрескописецот – мајстор Ѓорѓи и неговиот син Никола од Лазарополе.

atanas-bliznakov
Атанас Близнаков, најголемиот донатор од македонската дијаспора

Продолжува

Најново од: Дијаспора

Македонските православни верници во Салцбург добија нова црковна општина

Со првата Света Архиерејска Литургија, отслужена по повод празникот Рождество на Пресвета Богородица, на 19 септември беше означен почетокот на организираниот црковен живот на македонските православни верници во Салцбург и околината. Новата црковна општина ќе дејствува во рамките на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Македонските православни верници во Салцбург и околината добија нова црковна […]

Реџиналд де Бреј – угледен славист, поет, научник и македонист

Д-р Реџиналд Артур де Бреј беше составувач на новиот „Македонско-англиски толковен речник“. При посетата на главниот град на Австралија во 1992 година, авторот на овие редови, Славе Катин, го посети и домот на професорот д-р Реџиналд Артур де Бреј, член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав и професор на Австралискиот […]

Патот до успехот на Македонецот Роб Спасевски од Мелбурн

Од врвен фудбалер до успешен фудбалски тренер – тоа е пат исполнет со талент, дисциплина, жртви, искуство и постојана желба за победа. Додека кариерата на теренот бара физичка подготвеност, инстинкт и фудбалска умешност, преминувањето на тренерската клупа носи нови предизвици: тактичко знаење, психолошка зрелост, способност за мотивирање и, пред сè, лидерство. Таков пат изодел Роб […]

Соопштение на Централниот совет на Македонците во Германија против актуелните антимакедонски напади во бугарскиот парламент

Берлин, 13 септември 2026 Централниот совет на Македонците во Германија (Zentralrat der Makedonen in Deutschland e.V.) најостро ги осудува најновите историско-ревизионистички и шовинистички изјави, како и официјалната парламентарна иницијатива на бугарскиот пратеник Костадин Костадинов, поднесена на 11 септември 2026 година. Под изговор на спортски настан, Костадин Костадинов ја искористи говорницата на Народното собрание на Република […]

Академик Виктор Фридман – американски лингвист и бранител на македонската вистина

Пријатели на Македонија Виктор Фридман е американски лингвист, славист, македонист, балканист, граматичар и социолингвист, еден од најпознатите балкански слависти во светот. Ученик на Збигњев Голомб, еден од основачите на американската македонистика, Фридман работи во рамките на функционалната структуралистичка теорија на јазикот. Тој е надворешен член на Македонската академија на науките и уметностите од 1994 година […]

Лиана Коњарски од Мелбурн – најдобра одбојкарка во Премиер 1 лигата на Викторија

Македонката Лиана Коњарски од Мелбурн постигна голем спортски успех во Австралија. Со својот клуб „Yarra Ranges Volleyball Club“ ја освои шампионската титула во женската Премиер 1 конкуренција, а нејзините одлични игри беа крунисани со две големи индивидуални признанија – за највреден играч (MVP) и за најдобар техничар (Best Setter) во лигата. Гордост и радост владеат […]

Дијаспората заборавени од историската слика за 8-ми септември

Идејата за самостојна Македонија не се роди непосредно пред референдумот во 1991 година. Таа долго живееше меѓу македонците во дијаспората, дури и кога јавното залагање за независност можеше да донесе прогон, затвор и уништен живот. По повод 8 Септември – Денот на независноста и 35-годишнината од создавањето на самостојната македонска држава, под покровителство на претседателката […]

Европратеничката Ирена Јовева – бранител на македонскиот јазик и македонскиот идентитет

Европската Унија е наднационален и меѓувладин сојуз на европски држави. Под ова име е основана во 1993 година, со Договорот за Европската Унија, познат како Договорот од Мастрихт. Сепак, голем број нејзини институции и механизми постоеле и претходно, врз основа на договорите што датираат уште од 1951 година. Активностите на Европската Унија опфаќаат бројни области […]

To top