Дијаспора

Најдолгото патување со најголемиот брод на светот

slave-katin

slave-katin

Пишува СЛАВЕ КАТИН
www.slavekatin.com

(ДЕЛ ОД КНИГАТА  „СВЕТОТ  НА  ДЛАНКА“)

ОД ПАТУВАЊАТА ПО СВЕТОТ – САД

Бродот „Волшебникот на морињата“ е најголемиот патнички брод во светот.Од најгорниот кат на бродот  од просторот за рекреација гледавме повеќе мексикански населби, над кои Сонцето, кое ние го нарековме „Македонско сонце од Палатица – Кутлеш“, зажарено како да е вулкан се спушташе во непрегледните далечини

По една недела престој во Флорида, го продолживме нашето патување. Беше недела – Господов ден кога се упативме кон големото пристаниште Форт Лодердел. Бевме пријатно изненадени кога од далечините ги гледавме прекуокеанските патнички бродови наредени во океанската шир. Тие доаѓаат и поаѓаат токму од ова пристаниште. Се упативме кон отворените влезови во кои имаше неколку илјади патници кои брзаа да влезат во бродот наречен „Волшебникот на морињата“ (Allure of the Seas).

По брзите контроли, сликања и други потребни гранични процедури, патниците брзаа да влезат во таа „чудесна птица на водата“. Влеговме во бродот и се упативме кон третиот кат, каде се наоѓаше нашата бродска соба, која не се разликуваше од современа хотелска соба од висока категорија и  имаше поглед кон океанската водена шир.

Инаку, бродот „Волшебникот на морињата“ е најголемиот патнички брод во светот, сопственост и управуван од „Royal Caribbean International“. Заедно со неговата сестра – бродот „Оаза на морињата“, тој го држи рекордот за најголем патнички брод некогаш изграден, симболично 50 милиметри ( 2,0 инчи) е подолг од сестрата брод „Оаза“ со кој имаат идентична градба.

Според податоците што ги добивме, бродот бил изграден во пристаништето Турку во Финска во 2008 година, а по пристигнувањето во Флорида  бил крстен како „Волшебник на морињата“ од неговата кума принцезата Фиона на 28 ноември 2010 година.

cruiser
Бродот „Волшебник на морињата“

Бродот е  огледало на современото живеење, на софистицирана  опрема што пружа удобно живеење и престој. Во бродот, покрај другото, има театар за 1.400 посетители, големо казино, место за претстави на вода, ресторани, продавници,  детска градинка, голф клуб, сала за вежбање, козметички салони и други простории, каде човек се чувствува како да е во град некаде во Европа.

Од добиените податоци за бродот, просто човек не може да поверува дека бродот е долг 362 м, широк 60 м, висок 72 м (има 16 ката), тежок е 250.000 тони, и може да развие брзина од 42 км на час. Ние во бродот бевме едни од 6.300 патници заедно со 2.300 екипаж и послуга. Интересен е податокот дека бродот чини околу две милијарди долари.

Уште од првиот ден од престојот на бродот, кога ни ја одредуваа масата за ручек, не поведе една млада и убава дама, навидум како Украинка или Србинка. Кога ја прашавме од која земја е, таа ни одговори дека е од Македонија. Беше неверојатно, но вистинито и кога и’ прозборивме на македонски и ѝ кажавме дека и ние сме од Македонија, таа се изненади и се возбуди, но во исто време се одушеви дека гледа гости – Македонци.

Таа млада штипјанка со топлина и професионалност во своето однесување, си даде слобода малку подолго да поразговараме. Нè информира дека на бродот работат 14 лица од Македонија, кои таа веднаш ќе ги информира и  дека ние сме трет пар од Македонија кој бил на крстарење на овој голем и скап светски брод. 

Бродот како објект беше навлегол длабоко во Карипското Море, меѓутоа, за нас патниците тој беше една голема морска населба. Се шетавме по сите значајни и интересни катови, со цел поскоро да се запознаеме со сè она што бродот поседува. Бројни продавници, ресторани, казино и други објекти беа сместени во средината на бродот на петтиот кат, кој според големината и изгледот се чувствувавме како да се наоѓаме на Широк Сокак во Битола.

labadi-haiti
Пристаништето Лабади на Хаити
    

Навистина, така изгледаше таа бродска улица. Потоа ги посетивме театарот, просторот за претстави на вода, но најмногу време посветивме на неколкуте базени за возрасни и за деца и на огромните по големина џакузи, кои се наоѓаа на 16. кат. Над овој рекреативен центар имаше огромна тераса од каде како на дланка ни беше непрегледната морска шир. Тоа беше местото за сончање, одмор и рекреација, каде човек се чувствува како да се наоѓа во Бразил, на Копакабана во Рио де Жанеиро.

Патувањето од два дена и две ноќи не го почувствувавме, бидејќи имавме вистински, топли, романтични, летни периоди исполнети со многу активности, гурмански седенки, музика…Притоа, глетката од бродот ја збогатија десетината делфини кои во непосредна близина на бродот скокаа во водите, со цел да ја постигнат брзината на движењето на „големата риба“. Но, откако бродот се покажа дека е побрз од нив, тие како да се изгубија и ги снема во длабочините на морската вода.

Беше утро кога стасавме во монденското пристаниште Лабади (Labadee) на островот Хаити, во најсиромашната земја на светот. Бевме информирани дека од сигурносни причини летовалиштето е заградено пристаниште и се користи исклучително за американските патнички бродови. Таму не пречека домородна музика составена од свирачи кои свиреа музика со јужноамерикански мелос. На прекрасната плажа од неколку километри екипата на бродот, со одреден број вработени од Хаити ни обезбедија услови за одмор, рекреација и гурманство како да сме на „Волшебникот на морињата“, кој се вишнееше недалеку од плажата.

Патниците од бродот се сончаа, капеа, јадеа и пиеја, а одреден број се забавуваа на долгата жичарница, поминувајќи од ридот преку плажата до крајот на заливот. Тие се спуштаа поединечно во специјални седишта, со голема брзина, предизвикувајќи лично одушевување и возбуда кај капачите. Помала таква жичарница имаше и за децата и пострашливите.

falmaut-jamajka
Пристаништето Фалмаут во Јамајка

Во попладневните часови сите патници се вратија во бродот. Од сигурносни причини сите поминавме со посебните бродски легитимации преку софистицирани инструменти. Изморени од дневните активности, не почувствувавме кога во ноќните часови бродот заплови кон Јамајка.

По два дена и две ноќи стасавме во пристаништето Фалмаут (Falmouth), кое се наоѓа на северната страна на островот. И тука излеговме од бродот и денот го поминавме во пристанишниот град. Таму имаше бројни дуќани, ресторани и други објекти за да ги послужат патниците од бродовите со различни сувенири, златни предмети, туристичка облека и друго. И тука, сите патници се прибраа во вечерните часови.

Ја напуштивме Јамајка и бродот нечујно заплови во Мексиканскиот Голф кон пристаништето Козумел (Cozumel) во Мексико. И до Мексико беа потребни две ноќи и еден ден да ја допреме земјата на Маите. Таму можевме слободно да излеземе од бродот, каде бевме пречекани со оркестар кој со мексиканска музика ни посака добредојде. Ова значајно пристаниште ни беше дозволено да го посетиме од утринските часови до доцна во ноќта. На самото пристаниште имаше стотина различни продавници за сувенири и други производи. Од централниот дел на пристанишното гратче, каде, исто така, се слушаше мексиканска музика, беа наредени безброј автобуси и други возила кои со туристи од бродот заминуваа до различни туристички еднодневни дестинации во Мексико.

meksiko
На мексиканска територија

После прошетката до дел од пристаништето и една католичка црква се вративме во бродот, со цел да гледаме како сонцето зајдува во далечините на земјата на Маите, што е специфичен момент за пристаништето Козумел. Од најгорниот кат на бродот  од просторот за рекреација се гледаа повеќе мексикански населби, над кои Сонцето, кое ние го нарековме „Македонско сонце од Палатица – Кутлеш“, зажарено како да е вулкан се спушташе во непрегледните далечини. Глетка што остави впечаток кај голем број туристи на најголемиотброд на светот кој го гледаа залезот на „Македонското сонце“.

Доцна во вечерните часови го напуштивме мексиканското пристаниште Козумел и се упати кон Вест Ки, кон Флорида. Исто така, по две ноќи и еден ден во Мексиканскиот Голф, во утринските часови стасавме во Форт Лодердел, правејќи круг околу Куба во должина од околу 2.400 км. На картата гледавме дека сме недалеку од Хавана, главниот град на Куба, кој порано го имаме посетено и сме се увериле дека тој е изолиран и осиромашен остров во Карипското Море, кој  ја чека својата светла иднина.

После седум дена и седум ноќи поминати на морската, непрегледна шир пристигнавме на почетната пристанишна станица на Форт Лодердел, од каде другиот ден нови 6.300 патници требаше да ги уживаат сите удобности и убавини на бродот. Ова патување, секако, ни беше едно од најубавите, највозбудливите од кое понесовме безброј трајни спомени.

Најново од: Дијаспора

Гордана Димовска: Клучни информации за гласањето во Викторија

Денес, сабота, 28 ноември 2026 година, се одржуваат редовните  шеесет и први државни избори во сојузната држава, Викторија. Се одржуваат континуирано од 1856 година, кога Викторија воспоставила дводомен парламент со одговорна влада. Тие доаѓаат по изборите во ноември 2022 година (60-ти парламент), а новоизбраните 88 пратеници во Долниот дом и 40 членови во Горниот дом […]

Македонскиот фестивал на културата во Williamstown ги обедини Македонците во Викторија

Како што е познато во Австралија секоја година се одржуваат фестивали на храната и масовно се прифатени од Македонската заедница во било кој град да се одржуваат. Во Викторија, Фестивалот на македонската култура во Вилиамстеон е секогаш со радост дочекуван затоа што е место каде се слави нашата култура, традиција, јазик, оро и песна. Токму […]

Друштва и асоцијации на македонските иселеници во САД од 2000 година до денес

Македонците во Соединетите Американски Држави се организирани во македонските православни цркви и во различни друштва и асоцијации. Така, според делото „Македонците во САД и во Канада“ од авторот на овие редови, во период од 2000 –та година до денес се формирани голем број македонски друштва и друг вид асоцијации во САД. Овие значајни македонски асоцијации […]

Илјадници наши иселеници летово во Македонија

Фиданка Танаскова Посети и дружење за незаборав Д-р Ицо Најдовски Перин од Мелбурн помина два месеца во родната земја, исполнети со средби, патувања и дружење. Летово, во своја Македонија, на балканската крстосница во јужниот дел на Европа, допатуваа илјадници наши сонародници од различни генерации, кои низ годините заминале на разни страни од светот. Оживеаја многу […]

Градот Мелбурн им се извини на Македонците

Градскиот совет ги покани македонските играорци повторно да настапат на парадата Мумба во 2027 година, со дозвола да го истакнат знамето со Ѕвездата од Кутлеш.   Градот Мелбурн на 16 ноември 2026 година официјално ѝ се извини на македонско-австралиската заедница поради одлуката со која во март на македонските учесници на парадата Мумба им беше забрането […]

Мито Алексовски од Полска во 2010 година: Името Македонија му припаѓа на македонскиот народ

Името и другите државни вредности на Македонија не се приватни сопствености на политичарите а, ни на било која партија. Тоа се сопствености на целиот македонски народ. Исто така тоа не е стока за продавање и не постои  начин не можат да бидат тема на политички разговори или дипломатски трговии. Кој го прави тоа е предавник […]

Се одржа Јубилејна „Егејска вечер“ и семакедонската средба во Штип

Јубилејната „Егејска вечер“ и семакедонската средба во Штип ги собраа Македонците од Грција, Бугарија и Албанија, како и Македонците од Егејска Македонија кои денес живеат во Република Македонија. Од средбата беше упатена порака за зачувување на македонскиот идентитет, поцврсти врски меѓу заедниците и поголемо внимание од институциите кон нивните права. Едмонд Темелко, поранешен градоначалник на […]

Апел на Друштвото на Македонците во Полска од 28 мај 1994 година

Друштво на Македонците во Полска Гдањск, 28 мај 1994 година До Претседателот, Владата и Парламентот на Република Македонија АПЕЛ Ние, Македонци – бегалци од егејскиот дел на Македонија, здружени во Друштвото на Македонците во Полска, апелираме до Претседателот, Владата и Парламентот на Република Македонија да не се откажуваат од името „Република Македонија“, знамето, сонцето – […]

To top