Муцунски: Граѓаните го поддржуваат европскиот пат, но не и политиката на постојани отстапки
3 минути за читање
Муцунски вели дека граѓаните остануваат цврсто определени за членство во ЕУ, но очекуваат гаранции дека нема да има нови условувања и отстапки на патот кон Унијата.
Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и министер за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во гостувањето во централниот Дневник на Сител телевизија истакна дека референдумот во овој момент не би донел конкретен напредок во процесот на европските интеграции и би служел исклучиво како внатрешно-политичка алатка на опозицијата.
„Најсилната алатка што граѓаните ја имаат е референдумот, но во овој момент тој ниту има логика, ниту може да донесе конкретен исчекор во однос на актуелната состојба. Единствено служи како внатрешно-политичка алатка на главната опозициска партија. Ако ги следите нивните денешни прес-конференции, ќе видите дека не знаат ниту кога се роковите за испорака на реформите. Денес велат дека реформите требало да бидат испорачани до 1 јуни, а не се свесни дека рокот е 31 јуни“, изјави Муцунски.
Тој нагласи дека не постои дилема околу определбата на граѓаните за членство во Европската Унија, бидејќи сите релевантни анкети покажуваат јасна и недвосмислена поддршка за европскиот пат на државата. Сепак, според него, граѓаните истовремено сметаат дека Македонија не треба да продолжи со нови отстапки без јасни гаранции дека тие барања ќе бидат последни.
„Нашите граѓани недвосмислено даваат поддршка на европскиот пат. Но истовремено, и анкетите и разговорите со поширок круг граѓани покажуваат дека не треба да го продолжиме патот на отстапки во низа без јасни сигнали дека тоа е крајот на условувањата“, рече Муцунски.
Министерот посочи дека Владата активно работи на подобрување на позицијата на Македонија во евроинтегративниот процес и дека денес меѓународниот наратив кон државата е значително поразличен од оној пред две години. Според него, сѐ погласно се препознава потребата Македонија да добие дополнителни гаранции во процесот на пристапување кон Европската Унија.
Муцунски оцени дека македонската дипломатија успеала да создаде свест кај меѓународните партнери дека кон Македонија треба да се пристапува со поголема внимателност и разбирање.
„Постои веќе создадена свест од страна на нашата надворешна политика дека кон нашата држава треба да се постапува претпазливо и дека треба заеднички да се најде решение. Единствени кои не се радуваат на тој наратив се оние во Софија, бидејќи сметаат дека сегашната состојба е најдобро можно решение за нив. За жал, единствени кои не го ценат успехот на нашата надворешна политика се главните опозициски партии, кои се одлично координирани со официјална Софија. Тоа е реалноста“, истакна Муцунски.