Коментари

Референдуми, заборавена меморија и опасноста од нови политички измами

Предраг Илиески

Немам навика често да се обраќам преку социјалните мрежи. Ги следам внимателно и редовно, но многу ретко чувствувам потреба јавно да реагирам. Сепак, овојпат правам исклучок. Не поради дневна политика, туку поради чувство на одговорност кон татковината и загриженост за насоката во која некои политички чинители повторно се обидуваат да ја турнат Македонија.

Државата денес се соочува со бројни предизвици. Дел од нив доаѓаат однадвор, но сè повеќе впечатокот е дека најголемите опасности доаѓаат одвнатре – од политичари кои, наместо да извлекуваат поуки од минатото, упорно се обидуваат да ги повторат истите грешки, а притоа очекуваат народот да заборави што се случувало во изминатите децении.

Токму затоа ме изненади и навреди изјавата на лидерот на СДС од 27 мај 2026 година, со која повторно се актуализира идејата за распишување референдум.

Не затоа што сум против референдум. Напротив. Во една демократија нема поголем авторитет од народот. Но ме загрижува фактот што токму оние кои денес повикуваат на референдум, во минатото покажаа дека резултатите од референдумите ги почитуваат само кога им одговараат.

Изгледа дека лидерот на СДС заборавил, или се прави дека заборавил, како протекоа претходните референдумски изјаснувања во Македонија.

Да почнеме од првиот и најзначајниот.

На 8 септември 1991 година граѓаните се изјаснуваа на референдумското прашање:

„Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“

Референдумот беше успешен. Излезноста беше околу 75 проценти, а над 95 проценти од граѓаните гласаа „ЗА“. Уставот беше испочитуван и волјата на народот беше јасно потврдена.

Но мора да се признае дека и тогаш прашањето беше формулирано на начин што оставаше простор за различни толкувања. Тогашното раководство на СКМ-ПДП, подоцна преименувана во СДС, сигурно немаше ништо против доколку се создадеше некаков сојуз на суверени држави на поранешна Југославија. Сепак, историските околности беа поинакви. Републиките веќе се осамостојуваа, па Македонија тргна по патот на целосна независност.

Потоа следуваше референдумот за територијалната поделба во 2004 година.

Прашањето гласеше: „Дали сте за територијалната организација на локалната самоуправа утврдена со Законот за територијалната поделба на Република Македонија и Законот за градот Скопје?“. Всушност, стануваше збор за обид да се задржи старата територијална поделба.

Тогашната власт предводена од СДС водеше жестока кампања против референдумот. Дури и највисоките државни функционери повикуваа на бојкот под познатиот слоган: „Некои прашања едноставно не заслужуваат одговор.“

На гласање излегоа околу 26,5 проценти од избирачите. Над 90 проценти од нив гласаа „ЗА“, но референдумот беше прогласен за неуспешен бидејќи не беше исполнет уставниот цензус од 50 проценти плус еден гласач.

Тогаш никој не зборуваше за консултативност. Никој не бараше дополнителни толкувања. Никој не тврдеше дека треба да се почитува само волјата на оние што излегле да гласаат. Уставот важеше и беше почитуван.

Но кога дојде референдумот од 30 септември 2018 година, работите драстично се променија. Прашањето повторно беше двосмислено: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“

Од повеќе од 1,8 милиони запишани гласачи, на гласање излегоа околу 666 илјади граѓани или 36,9 проценти од избирачкото тело. Според истите правила што важеле во 2004 година, референдумот беше неуспешен. Но тогаш одеднаш почнаа да важат нови правила.

Јавноста беше убедувана дека не треба да се гледа излезноста, туку само бројот на оние кои гласале „ЗА“. Потоа почнаа објаснувања дека референдумот бил консултативен. Следуваа толкувања дека треба да се почитува волјата на тие што излегле да гласаат, без разлика што не бил исполнет законскиот услов за успешност.

Се поставува едно едноставно прашање: ако во 2004 година неисполнетиот цензус значеше неуспешен референдум, тогаш зошто истото правило не важеше и во 2018 година? Како е можно еднаш да важи Уставот, а другпат политичките потреби да бидат поважни од него?

Јас лично не сум видел пример каде што неуспешен референдум, по завршувањето на гласањето, добива ново политичко и правно толкување за да се оправда однапред донесена одлука.

И покрај сето тоа, името на државата беше променето. Граѓаните беа уверувани дека спорот со Грција е затворен, дека европската иднина е обезбедена, дека македонскиот јазик и идентитет се заштитени и дека конечно сите пречки се надминати.

Но што се случи потоа? Влеговме во НАТО, но не ги започнавме преговорите со Европската Унија. Се појави ново вето. Се појавија нови условувања. Се појавија нови барања.

Се појави Бугарија со негирање на македонската историја, македонскиот јазик, македонскиот идентитет и постоењето на македонскиот народ пред 1944 година.

Потоа следуваше Договорот за добрососедство. Следуваше Францускиот предлог. Следуваше обврската за внесување на Бугарите во Уставот. Следуваа нови услови и нови неизвесности.

Токму затоа денес е сосема природно македонските граѓани да бидат внимателни кога повторно слушаат повици за референдум. Прашањето не е дали Македонија треба да биде членка на Европската Унија. Убеден сум дека огромно мнозинство граѓани сакаат Македонија да стане дел од европското семејство.

Прашањето е дали патот кон Европа треба да биде пат на бескрајни отстапки без никакви гаранции. Прашањето е што ќе се случи откако ќе се исполнат сегашните барања. Дали некој може денес да гарантира дека нема да следуваат нови услови? Дали некој може да гарантира дека повторно нема да се отвораат прашања за јазикот, историјата и идентитетот? Дали некој може да гарантира дека нема да има нови блокади? Одговор на овие прашања досега нема.

Затоа барањето на Владата и на премиерот Христијан Мицкоски за јасни, писмени и обврзувачки гаранции не е тврдоглавост, туку политичка одговорност. По сè што Македонија преживеа во изминатите години, тоа е најмалку што државата има право да побара.

Сите слободоумни граѓани знаат дека никој не е против европската иднина на Македонија. Но исто така знаат дека никој нема право да си поигрува со македонскиот идентитет, македонскиот јазик и историското наследство.

Она што дополнително ме изненадува е тврдењето дека од бугарска страна наводно не се слушале изјави со кои се негира македонскиот идентитет. Навистина? Зарем македонските граѓани со години не слушаат изјави дека нема македонски народ пред 1944 година? Зарем не слушаат дека македонскиот јазик е бугарски дијалект? Зарем не слушаат барања за ревизија на историјата? Зарем не слушаат оспорување на македонските историски личности?

Ако сето тоа не постои, тогаш што е тоа што секојдневно го слушаме од официјални претставници на Бугарија?

Би сакал да слушнам барем една јасна и недвосмислена изјава од бугарски државен врв дека постои македонски народ, дека постои македонски јазик и дека постои посебна македонска историја.

Би сакал да видам и почитување на пресудите од Стразбур поврзани со правата на Македонците во Бугарија. Кога тоа ќе се случи, многу работи ќе изгледаат поинаку. Но додека тоа не се случи, сомнежите на граѓаните се повеќе од оправдани. Затоа сметам дека СДС, доколку навистина сака да покаже државничка одговорност, треба да престане да ја сведува целата политичка дебата на прашањето за уставните измени. Македонија има многу поважни задачи.

Политичките партии можат да се разликуваат во економските политики, социјалните мерки или кадровските решенија. Но кога станува збор за македонскиот јазик,  македонскиот идентитет и македонската историја, не смее да постојат две спротивставени национални политики.

Историјата покажала дека државите опстануваат кога околу клучните национални интереси постои единство.

Македонија денес има потреба токму од такво единство.

Најново од: Коментари

33 години во Берлин не ме направија Германец

Во последните години Македонија е изложена на барања какви што ретко можат да се сретнат во современа Европа. Наместо поддршка за европската интеграција на соседна држава, од официјална Софија постојано пристигнуваат нови условувања поврзани со македонската историја, македонскиот јазик, македонскиот идентитет и македонските историски личности. Се поставува едно едноставно, но суштинско прашање: дали ова е […]

Оставштината од Светите браќа, Кирил и Методиј значајна за македонскиот јазичен идентитет на европската сцена

Светите Кирил и Методиј имаат огромно значење како темелници на нивниот национален, јазичен и духовен идентитет на Македонците. Нивното наследство е клучен столб на модерната македонска култура, директно поврзувајќи го наследството на нацијата со раѓањето на словенската писменост. Светите браќа Кирил и Методиј, оставија наследство за нас Македонците кое обезбедува историски континуитет и служи како […]

Порака до сите добронамерни луѓе во Македонија!

Пред неколку дена случајно прочитав една искрена и силна порака од Сефер Асани. Искрено, не го познавам лично човекот, незнам ни каде живее, но неговите зборови оставија силен впечаток врз мене. Токму затоа чувствувам потреба да ја споделам оваа негова порака со сите добронамерни луѓе во Македонија, без разлика на нивната вера, националност или политичка […]

Никола Груевски требаше да биде отстранет за да се редефинира Македонија

Поминаа години од политичкиот пад на Никола Груевски, но колку повеќе поминува времето, повеќе сум убеден дека бевме сведоци на еден од најголемите политички прогони во современата македонска историја, чија крајна цел беше промена на правецот по кој се движеше државата. Дополнителен сомнеж кај јавноста отвори и неодамнешното признание на поранешниот претседател на државата, Стево […]

КОЛУМНА НА ЈАНЕВСКИ: Бугарите во Устав, предавствата, мракот и светлината во љубовната приказна за Македонија

По неколкунеделна пауза, авторот се навраќа на најгорливите национални прашања – од бугарските условувања и последиците од политиките на минатата власт, до потребата од нова општествена матрица, одговорност и пресврт во Македонија.

Од Македонец не може да се направи Бугарин

Историјата на Балканот со векови била исполнета со обиди за негирање, асимилација и присвојување на народи, јазици и култури. Македонија и македонскиот народ не биле исклучок од тие процеси. Но едно нешто останало постојано низ времето – чувството на припадност, свеста за сопствениот идентитет и желбата да се зачува македонското име. Македонец не е само […]

Светите браќа Кирил и Методи се Македонци и ни во сон не се Бугари

Светите браќа Кирил и Методи се Македонци и ни во сон не се Бугари. Како е можно да се Бугари да ги погледнеме таканаречени Ханови според ” историјата и непобитни ” светски и бугарски докази. Титула Име Период на управување Белешки Хан Аспарух 681 – околу 700 можно име Батај Хан Тервел околу 700 – […]

Александар Велики и пораката за зачувување на македонскиот идентитет

Да застанеме во одбрана на историјата и зачувување на нашиот уникатен културен и суверен идентитет и суверенитет на Балканот Многу често во животот се враќаме на народните мудрости, легенди и анегдотите. Анегдотата е кратка, привлечна приказна за вистински настан или личност. Често хумористични или духовити, тие обично се користат во разговори, говори или пишување за […]

To top