КОМЕМОРАЦИЈА ЗА ПАНДЕ МАНОЈЛОВ
2.05.1948 – 7.11.2020
Литературното друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј одржа
Минатиот петок, 13 ноември, во просторијата на Литературното друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј се одржа комеморација за поетот Панде Манојлов долгогодишен соработник и почесен член на Друштвото „Григор Прличев“.
Поради КОВИД рестрикциите бројот на присутните беше ограничен но повеќе членови испратија пораки со сочувство за поетот и страдалник, близок соработник со МЛД – кој имаше големо срце за Дијаспората која мошне добро ја познаваше и чувствуваше.
За животот и делото на Панде Манојлов зборуваа Душан Ристевски и Иван Трпоски кој исто така ја прочита последно објавената на ФБ песна „Болеста“, а за неговата поезија зборуваше Бранко Наумовски.
Инаку Панде Манојлов беше поет, раскажувач и критичар. Повеќе години работеше во „Битолски весник“ каде често пати пишуваше за трагедијата на македонската нација, за протераните Македонци од поробените делови на Македонија како и од самата Република Македонија кои, како и неговите родители, беа присилени да се иселуваат и да бараат подобра иднина во Австралија и другите континенти. Роден во Породин, Битолско од родители – избркани од поробениот Егејски дел на Македонија.
Панде е автор на 16 збирки поезија, на 4 збирки раскази и 3 изданија на критики и сведоштва. Застапен е со песни во повеќе антологии во Македонија како и во Австралија. Минатиот месец преку издавачката куќа „Матица македонска“ му се објави избор на поезија под наслов „Егзотичен ветер“ кој на својот фб му се заблагодари на издавачот, рецензентот и на Бога и „неговата помош за вдахованието да се опстане половина век на литературна сцена“. Негови песни се преведени на 17 јазици и беше добитник на повеќе признанија и награди меѓу кои и наградата „4-ти Ноември“ на градот Битола, „Ацо Шопов„ за поезија и „Ванчо Николески„ за најдобра поетска книга за деца и млади на ДПМ.
Б О Л Е С Т А
Никогаш не знаеш
од каде и кога
доаѓа таа:
дали од воздухот
што го дишеш,
дали од студот
што ти навлегол
длабоко в коски,
или од луѓе
што не знаеш ни кои се…
И почнува болеста
да те мори,
некој оган невидлив
длабоко гори,
некој студ и треска,
во градите болка,
коски што вртт…
Над се надеж,
„Ќе мине!“ речи
и моли се на Бога
болеста е опомена
дека си само човек:
од дијагноза –
само обичен човек…
4-ти ноември 2020 год.
Битола