Дијаспора

СВЕТЛЕ (СТИВ) СТАМЕВСКИ – МАКЕДОНСКИ БИЗНИСМЕН ВО САД (7)

1011

1011

СРЕДБА СО ТВРДОМИР СТАМЕВСКИ – ПОЧИТУВАНИОТ ТАТКО И ДЕДО 

Во седмото продолжение ќе  претставам дел од приказната за живот и судбина на таткото на Светле Стамевски, печалбарот газда Тврдомир (денес покоен), кој беше вистинска легенда, столб на Стамевци, прекрасен соговорник, човек кој и долго и многу памтеше 

Моето патување од Чикаго го продолжив за Детроит со летот кој траеше околу еден час. Беше пладне кога авионот се вивна во висините и леташе од североисточната страна, долж брегот на езерото Ми­чиген, во кое како во море пловат бродови, јахти, лаѓи…  Во далечината се забележуваше градот Милвоки во државата Висконсин, кога авио­нот сврте кон исток, а потоа преку езерото и ко­п­нениот дел на државата Мичиген се најдов над цен­тарот на автомобилската индустрија – Детроит. 

Детроит е велеград на езерото Ири – една од петте метрополи во Соединетите Американски Држави и седиште на ав­то­мо­бил­ски­те компании „Форд”, „Крајслер” и „Џенерал моторс”. Тоа е град на авионската и електронската индустрија, кој уште во 1796 година го формирале Французите. Исто така, Детроит е еден од големите центри на афроамериканското население, како и значаен културен, административен и спортски центар на тие аме­ри­кан­ски простори. 

Меѓутоа, за мене најзначајно е тоа што Детроит е средиштето на најбројната македонска колонија во Соединетите Американски Држави, во која првите печалбари од егејскиот дел на Македонија, од Преспа, Битолско, Тетовско и други места се доселиле уште при крајот на XIIII век. Денес во метрополата  живеат четириесетина илјади Македонци и тоа претежно од Тетовско, Преспанско, и Битолско. Затоа, со право се вели дека Вратница – Тетовско и Љубојно – Преспанско се преселиле во Детроит, а нив, за жал, ги има повеќе таму отколку во Македонија (околу 300 семејства од Вратница, а околу 120 семејства од Љубојно). 

Во разговор со Светле и неговиот татко Тврдомир Стамевски бев информиран дека  доселениците со потекло од Полог се претежно членови на македонската православна црква „Света Богородица“, која е еден од најзначајните македонски духовни и културно-просветни центри во САД. Таа е собиралиште на голем број Македонци, особено од тетовскиот крај, кои живеат во метрополата Детроит и пошироко. Таа е организатор на бројни активности, меѓу кои и на црковно-народни собири. 

Младинците од Детроит чии дедовски корени се протегаат во Македонија, во тетовскиот регион, пак,  формирале свое друштво. Тоа било основано на 10 ноември 2001 година, кога и се организирала голема гру­па младинци, претежно ителектуалци. Младото друштво “Полог” било ор­га­низатор на бројни игранки и други собирања.

1012МПЦ „Света Богородица“ во Детроит

Исто така, македонскиот клуб во метрополата Детроит е “Лешек”, кој бил формиран во текот на 2001 година, а бил регистриран пред американските власти во јануари 2002 година. Овој клуб е собиралиште на доселениците од селото Лешок, Тетовско и е организатор на селската слава посветена на св. Богородица.

Меѓутоа, како што рече Светле Стамевски, одреден број Теточани во Детроит црквувале и црквуваат и дале  финансиска помош, а и денес се едни од најбројните и најактивните во Српската православна катедрална црква Св. Лазар – “Раваница”. Нив ги има од Вратница, Беловиште, Рогачево, Одри и други села.

Според некои показатели најголемиот број македонски доселеници во Детроит се од Вратница, Тетовско. Тие црквуваат и во МПЦ „Св. Богородица“ и во СПЦ  Св. Лазар “Раваница”, како и во вратничката црква „Св. Петка“. Оваа  селска заедница која поседува голема сала каде се организираат разни манифестации има и мала црквичка. Објектот бил изграден во 1979 година, во кој е сместена црквичката, која  е под јурисдикција на Спрската православна црква.

При мојата посета на семејството Стамевски се уверив дека таткото на Светле, газда Тврдомир (денес покоен), е вистинска легенда, столб на Стамевци, прекрасен соговорник, и човек кој и долго памти и многу памти. Тврдомир бил роден во 1929 година во Одри. Биле осум деца, пет машки и три женски, тој бил средното дете. Кога првпат татко му кинисал на печалба во Америка, Тврдомир не бил ни роден. Сепак, низ децениите, ова многубројно семејство поминало низ доста голготи, низ доста тешкотии, проблеми и секирации, ама од сите нив и тоа изле-гувало, како и Македонија, како птицата феникс.

                      1013Тврдомир со сопругата Цена

Тој ми раскажа еден интересен детаљ од времето кога неговиот татко бил заробен од Германците: Откако се легитимирал војникот Крсте дека е Македонец а не Србин, му рекле дека тој може да си оди дома. Ете, така како дете и првпат слушнал што значи да си Македонец, и таа одредница и натаму постојано ќе се потврдува, како немерлива гордост и убавина, каде и да си, блиску или далеку од својата родна земја, од својата татковина.

Тврдомир Стамевски, таткото на славниот Светле, беше еден прекрасен Македонец, Одричанин, Детроинчанин, или едноставно речено, еден толку благороден и разговорлив пријател, кого со часови со задоволство би го слушале, бидејќи секогаш имаше што да се научи од неговото животно искуство, од неговата мудрост и доблест.

Го среќавав многу пати и секогаш како да се видуваме првпат. А, зошто? – Па, затоа што Тврдомир беше како своевидна енциклопедија, од чие кажување, од чии спомени имаше толку многу што да се научи, да се слушне и дознае.

Газда Тврдомир Стамевски бил роден на 17 фев-руари 1929 година во Одри, како што би рекле, во срцето на оваа ретко видена оаза во пот шарпланинските села. Името му било присилно ставено. Кумот го крстил Трифун, бидејќи бил роден на свети Трифун. Арно ама, попот не дослушнал најдобро што рекол кумот, се наведнал над тефтерите, избуричкал нешто и му ставил име Тврдомир. Мајка му лута до немајкаде, неколку месеци името ниту го изустила. Ама ниту го споменала. И кумот додека бил жив, лут беил, велејќи дека тој бил кумот, ама попот му го одзел тоа право и тој самиот му дал друго име на Трпкота.


1014
Детроит

Од осумте деца, петте машки и трите женски, Тврдомир е средниот. Растел во едно многубројно, во многудетно и весело семејство, каде секој си го знаел своето место и улога. Како што растеле и како што станувале момчиња и девојчиња, како стасувале за работа низ полињата и бавчите, така и доаѓале на ред за свадби и крштевки.

Се сеќава на бескрајно безгрижните години, на дружбата со другарите, на тоа дека на училиште кинисал на седум години. Иако учителите биле Македонци, сепак во тоа време во дваесеттите години на минатото столетие, тие морале да учат на српски јазик. Та така и неговиот учител Јордан им зборувал и им предавал во школото на српски. Кога дошол до четврто одделение, тогаш им дошол учителот Гоко.

На средбата Тврдомир ми рече дека селото Одри, кога почнал да учи школо, се сеќава дека беше пола-пола. Докај двесге куќи. Во тоа време и шиптарите, како што ги викавле и како што самите се нарекуваа, немаа ни многу деца. Co голем дел од тие нивни соселани имале многу убав муабет, добар помин и разбирање.

За време на бивша Југославија, ама онаа, пред бивша, уште пред Втората светска војна, сите што биле на печалба се враќале дома. Потоа, во воениот виор, се сеќаваше дека поставиле граница и тие потпаднале под бугарската окупаторска чизма. Три години биле во Тетово. Вовеле полициски час, по осумнаесет часот не смееле да мрднат никаде. Седеле само дома и никој не ги чепкал.

На крајот Тврдомир ми рече: „Од 1943 година Бугарите изгубија, се повлекоа, ама дојдоа Албанците. Беше тешко тоа време. Година пред тоа, се појавија апаши Албанци. Пљачкаши, невидени. И Бугарите кога беа и тие пред нив крадеа-сушеа. Во нашето село на многумина им испокрадоа крави, волови, коњи, а бре што стасаа, тоа однесоа.

Кога се намножија качаците, во многу ги нарушија и нашите меѓусебни односи со доста соселани Албанци од Одри. Работата се расипа. Јас им кажувам и на моите деца, нагласува газда Тврдомир, дека тогаш сум ја загубил довербата во Албанците. Лоши, безгранично лоши беа. Зу-луми правеа, и македонскиот народ мака виде. Така насгана и омразата а една стекната доверба и добар живот, беа уништени или разнишани”, рече, меѓу другото Тврдомир Стамевски, таткото на Светле (Стив) Стамевски,

Продолжува

1slave Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Најново од: Дијаспора

Браќа и сестри Македонци, каде и да сте!

Оваа порака доаѓа од вашата татковина – од Македонија. Од земја со древна историја, богата култура и дух што никогаш не се откажал. Вашата врска со Македонија е крвна, духовна и семејна. Таа тече низ јазикот што го зборуваме, писмото што го пишуваме, песните што ги пееме и спомените што ги носиме со себе. Тоа е […]

Академик Ферид Мурат – американски нобеловец и пријател и Македонија

Академикот Ферид Мурат е познат лекар и фармацевт во Соединетите Американски Држави. Најголемиот дострел на полето на науката го постигнал во 1998 година, кога ја добил Нобеловата награда за физиологија и медицина. Тој е роден во Вајтинг, Индијана, мајка му е Американка родена во Алтон, Илиноис, а татко му е Албанец од село Лакавица, Гостиварско. […]

Македонските православни верници во Салцбург добија нова црковна општина

Со првата Света Архиерејска Литургија, отслужена по повод празникот Рождество на Пресвета Богородица, на 19 септември беше означен почетокот на организираниот црковен живот на македонските православни верници во Салцбург и околината. Новата црковна општина ќе дејствува во рамките на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Македонските православни верници во Салцбург и околината добија нова црковна […]

Реџиналд де Бреј – угледен славист, поет, научник и македонист

Д-р Реџиналд Артур де Бреј беше составувач на новиот „Македонско-англиски толковен речник“. При посетата на главниот град на Австралија во 1992 година, авторот на овие редови, Славе Катин, го посети и домот на професорот д-р Реџиналд Артур де Бреј, член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав и професор на Австралискиот […]

Патот до успехот на Македонецот Роб Спасевски од Мелбурн

Од врвен фудбалер до успешен фудбалски тренер – тоа е пат исполнет со талент, дисциплина, жртви, искуство и постојана желба за победа. Додека кариерата на теренот бара физичка подготвеност, инстинкт и фудбалска умешност, преминувањето на тренерската клупа носи нови предизвици: тактичко знаење, психолошка зрелост, способност за мотивирање и, пред сè, лидерство. Таков пат изодел Роб […]

Соопштение на Централниот совет на Македонците во Германија против актуелните антимакедонски напади во бугарскиот парламент

Берлин, 13 септември 2026 Централниот совет на Македонците во Германија (Zentralrat der Makedonen in Deutschland e.V.) најостро ги осудува најновите историско-ревизионистички и шовинистички изјави, како и официјалната парламентарна иницијатива на бугарскиот пратеник Костадин Костадинов, поднесена на 11 септември 2026 година. Под изговор на спортски настан, Костадин Костадинов ја искористи говорницата на Народното собрание на Република […]

Академик Виктор Фридман – американски лингвист и бранител на македонската вистина

Пријатели на Македонија Виктор Фридман е американски лингвист, славист, македонист, балканист, граматичар и социолингвист, еден од најпознатите балкански слависти во светот. Ученик на Збигњев Голомб, еден од основачите на американската македонистика, Фридман работи во рамките на функционалната структуралистичка теорија на јазикот. Тој е надворешен член на Македонската академија на науките и уметностите од 1994 година […]

Лиана Коњарски од Мелбурн – најдобра одбојкарка во Премиер 1 лигата на Викторија

Македонката Лиана Коњарски од Мелбурн постигна голем спортски успех во Австралија. Со својот клуб „Yarra Ranges Volleyball Club“ ја освои шампионската титула во женската Премиер 1 конкуренција, а нејзините одлични игри беа крунисани со две големи индивидуални признанија – за највреден играч (MVP) и за најдобар техничар (Best Setter) во лигата. Гордост и радост владеат […]

To top