Македонски легенди

Христофор Жефарович – првиот македонски хералдичар

Тихомир Каранфилов

Тихомир Каранфилов

Христофор Жефарович (околу 1690 – 18 септември 1753) бил зограф, иконописец, бакрорезец, калиграф, калуѓер, трговец и печатар од Македонија. Се смета за прв македонски хералдичар и еден од најбараните уметници на просторот од Солун до Пешта во XVIII век. Во 1741 година во Виена ја објавил книгата „Стематографија“, во која се претставени грбовите на повеќе земји, меѓу нив и грбот на Македонија.

Жефарович е роден околу 1690 година. Како негово родно место во различни извори се наведуваат Дојран, Солун и околината на Охрид. Според одредени податоци, потекнувал од свештеничко семејство, од татко Димитрије и мајка Ѓурѓица Џефарови, а наставката „-иќ“ на презимето била додадена подоцна. Во различни историографии неговото потекло било различно толкувано – како бугарско, српско или влашко, додека Вељко Петровиќ во 1929 година пишува дека бил Македонец.

Се претпоставува дека првото образование го стекнал во домот на својот татко, а потоа заминал во манастир. Христофор е неговото монашко име, а имал чин иероѓакон. Се школувал на грчки јазик, поради што своите трудови често ги потпишувал на грчки. Уметнички се формирал во културните центри на југот на Балканот, најверојатно во Солун или Охрид, каде веќе навлегувале елементи од западната уметност.

Во текот на 1730-тите години се упатил кон север, патувајќи со група зографи, меѓу кои бил и неговиот роднина и подоцнежен сликар Ѓорѓе Џефарович.

Неговото име првпат се споменува во Белград во 1734 година, каде веќе бил познат како добар зограф. Подоцна се преселил во Сремски Карловци и Нови Сад. Благодарение на својот углед добил нарачка за живописување на манастирот Боѓани во Бачка. Фреските во Боѓани од 1737 година се вбројуваат меѓу неговите најзначајни дела.

Во 1739 година работел на живописувањето на црквата во Шиклош. По 1740 година постепено го напуштал сликарството и сè повеќе се посветувал на бакрорезот и граверската уметност. Заминува во Виена, каде што техниката на гравирање ја усовршувал кај Тома Месмер.

„Стематографија“ и грбот на Македонија

Во Виена Жефарович печател црковни текстови, слики и книги со световна содржина на словенски јазик. Неговото најпознато дело е „Стематографија“, објавено во 1741 година. Книгата содржи гравури на јужнословенски светци и владетели, како и грбови на повеќе земји, меѓу кои посебно место зазема грбот на Македонија.

„Стематографија“ се смета за значајно дело поврзано со илирската идеја и панславизмот и имала влијание врз националните движења меѓу Јужните Словени.

По неа следуваат „Поучение“ од 1742 година, превод од руски јазик, „Привилегиите“ од 1743 година, поврзани со привилегиите на српскиот народ во Војводина, како и „Описание“ од 1748 година, создадено по неговото поклонение во Ерусалим во 1745 година.

Со неговото име се поврзуваат и два учебника – буквар и граматика – како и голем број бакрорези со ликови на истакнати личности.

Врските со Македонија

Жефарович одржувал врски со Македонија и изработувал дела по нарачка на богати македонски и влашки трговци, како и за цркви и манастири.

Во 1741 година, на трошок на Данаил Хаџи Ќурчија, изработил икона наменета за манастирот во Сервија. Истата година, по нарачка на Влав од Москополе, го изработил големиот бакрорез „Св. Јован Владимир“.

Во 1743 година го создал бакрорезот „Св. Кузман и Дамјан“, а истата година, по нарачка на Марко Готинис, и големиот бакрорез „Св. Наум Охридски“.

Во 1749 година, на трошок на Константин Георгија Русис од Кожани, за манастирот Спелеотис го изработил бакрорезот „Св. Богородица Елеуса“. Во 1752 година, по нарачка на трговецот Јован Здравко од Кожани, ја изработил иконата „Св. Богородица Олимписка“.

Жефарович изработувал и бројни уметнички црковни везови. Неговите дела денес се среќаваат во музеи, цркви и манастири во Македонија, Војводина, Белград, Букурешт, Ерусалим, Москва и други места.

Последните денови

Кон средината на 1753 година Христофор Жефарович тргнал за Русија. На 18 септември 1753 година ненадејно починал во Москва.

Со својата разновидна дејност како зограф, гравер, печатар и хералдичар, Жефарович оставил значајно културно и уметничко наследство. Особено значајно место во неговото творештво има „Стематографија“ од 1741 година и претставувањето на грбот на Македонија во ова дело.

Извор: „Грбовите на Македонија“

Најново од: Македонски легенди

Бранко Гапо – великан на македонската кинематографија

Бранко Гапо (5 ноември 1931 – 18 ноември 2008) е еден од најзначајните македонски режисери. Со своето богато филмско творештво, како и со работата во театарот, телевизијата и радиото, оставил длабока трага во македонската култура. Роден е како Бранко Ивановски на 5 ноември 1931 година во Тетово. Неговата љубов кон филмот се развила уште во […]

Владо Черноземски – живот меѓу револуционерното подземје и Марсејскиот атентат

Владо Черноземски е роден на 19 октомври 1897 година во селото Каменица, денес дел од Велинград, Бугарија, Владо Черноземски загинал на 9 октомври 1934 година во Марсеј, Франција. Неговото вистинско име било Величко Димитров Керин. Како член на ВМРО, најнапред во времето на Тодор Александров, а потоа во организацијата предводена од Иван Михајлов, останал запаметен […]

Јордан Костадинов – борец за националните права на Македонците во Пиринска Македонија

Јордан Костадинов (9 ноември 1932 – 23 август 2019) бил борец за националните права на Македонците во Пиринскиот дел на Македонија, политички затвореник и еден од основачите и претседател на ОМО „Илинден“. Поради своето дејствување, двапати бил затворан од бугарските власти. Јордан Костадинов Иванов е роден на 9 ноември 1932 година во селото Белица, преименувано […]

Антон Лазов Јанев – Ќосето

Антон Лазов Јанев (25. XII. 1854 – 10. IX. 1953) е македонски револуционер, деец на ТМОРО/ВМОРО. Познат како Андон Ќосето или Андон Велешанецот, од 1896 година бил борец во четите на Михаил А. Попето, Јане Сандански, Христо Чернопеев и други, а потоа формирал своја чета. Во 1897 година учествувал во пленувањето на струмичкиот Назлим-беј, потоа […]

Мито Алексовски Клавчов – Македонецот што цел живот ги носеше Шештево и Македонија во срцето

Мито Алексовски Клавчов е роден во 1937 година во селото Шештево, Костурско, во Егејскиот дел на Македонија, а починал на 19 август 2018 година во Полска, на 81-годишна возраст. Мито Алексовски Клавчов бил долгогодишен претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Полска и сведок на трагедијата на децата бегалци. Животот на […]

Перо Коробар – борец, публицист и чувар на споменот за Кочо Рацин

Перо Ангелов Коробар (29 март 1916 – 29 октомври 2004) е македонски национален и политички деец, првоборец, општественик и публицист. Неговиот животен пат ги поврзува народноослободителната борба, изградбата на македонските културни институции и залагањето за македонската национална култура во Пиринскиот дел на Македонија. Посебно место во неговото творештво заземаат животот и делото на Кочо Рацин, […]

Методија Андонов-Ченто – првиот претседател на слободна Македонија

Методија Андонов-Ченто е роден во Прилеп на 17 август 1902 година, а починал на 24 јули 1957 година во својот роден град, од рак на желудникот. Завршил средно трговско училиште, а во 1926 година отворил бакалско-угостителски дуќан. На 25 март 1930 година, во Нови Сад, склучил брак со Василка Спирова Поп-Атанасова. Уште од младоста, Ченто […]

Андон Дончевски – легендата на Вардар и првиот селектор на самостојна Македонија

Андон Дончевски – чичко Дончо е несомнено една од најголемите фигури во историјата на македонскиот спорт, но и вистински жив синоним за патриотизам и чувар на македонскиот идентитет во дијаспората. Неговиот пат – од врвен голгетер до стратег на историски спортски успеси и обединувачка личност на македонската заедница во Мелбурн – претставува автентична македонска сага […]

To top