Македонски легенди

Андон Дончевски – легендата на Вардар и првиот селектор на самостојна Македонија

Гордана Димовска

Гордана Димовска

Андон Дончевски – чичко Дончо е несомнено една од најголемите фигури во историјата на македонскиот спорт, но и вистински жив синоним за патриотизам и чувар на македонскиот идентитет во дијаспората. Неговиот пат – од врвен голгетер до стратег на историски спортски успеси и обединувачка личност на македонската заедница во Мелбурн – претставува автентична македонска сага за гордост и непокор.

ЧОВЕКОТ ШТО ЈА ИЗГРАДИ ФУДБАЛСКАТА ГОРДОСТ И ГИ ОБЕДИНИ МАКЕДОНЦИТЕ: Биографски портрет на Андон Дончевски – чичко Дончо

Има спортски имиња чии успеси остануваат само како бројки во историските архиви, но постојат и личности кои со својот карактер и харизма преминуваат во легенда и стануваат дел од колективната меморија на еден народ. Во таа, посебна категорија на бесмртни македонски великани, на самиот врв стои името на Андон Дончевски, или за сите нас едноставно и со огромна почит – чичко Дончо. Човек со раскошна кариера, извонреден педагог, но пред сѐ – голем Македонец со срце во кое силно и непрестајно бие љубовта кон татковината. Со радост ги слушаме наговите говори од кои се напојуваме со знаење и мудрост која овој голем човек ги поседува. На чичко Дончо не му треба подготвен текст затоа што се што сака да каже извира спонтано од неговото срце и душа.

Фудбалскиот синоним за ФК Вардар и „Дончо Национале“

Роден во Кавадарци на 19 ноември 1935 година, животниот пат на чичко Дончо уште од младоста стана нераскинливо поврзан со фудбалскиот терен и црвено-црните бои. Како напаѓач на ФК Вардар во периодот од 1957 до 1971 година, тој остави трага која до денес никој не успеал да ја надмине. Со 217 постигнати голови во 335 натпревари, Андон Дончевски стана и остана најдобриот стрелец во историјата на клубот. Беше предводник на генерацијата која во 1961 година го освои престижниот југословенски Куп (Титов Куп).

Но, неговата магија продолжи на клупата. Како шеф на стручниот штаб, чичко Дончо ја предводеше онаа легендарна, златна генерација на Вардар која во сезоната 1986/87 ја освои шампионската титула во Првата лига на СФРЈ. Иако подоцнежните бирократски и правни процеси на тогашниот сојуз се обидоа да ја одземат титулата, за УЕФА и за целата македонска јавност, Вардар со Дончевски на чело беше и остана вистинскиот шампион.

Кога Македонија прогласи независност, немаше никаква дилема кој треба да застане на чело на националниот тим. Чичко Дончо беше назначен за прв селектор на македонската фудбалска репрезентација. Тој ја имаше историската чест и одговорност да го води дебитантскиот натпревар во Крањ на 13 октомври 1993 година, каде Македонија славеше величествена победа над Словенија со 4:1. Како селектор, тој не ги бранеше само тактиките на теренот, туку и достоинството на државата, останувајќи запаметен по својот инает и цврст став пред странските официјални лица дека без македонската химна и знаме нема играње.

Легендата на македонскиот фудбал и првиот селектор на репрезентацијата на Македонија, Андон Дончевски 2025 година е прогласен за почесен претседател на ФК Вардар со едногласна одлука на Одборот на директори, на предлог на неизвршниот директор Мартин Гелев.

Животот во Мелбурн: Столб и обединувач на Македонската заедница

По завршувањето на селекторската мисија во татковината, патот го води чичко Дончо во далечната Австралија, каде што остава длабоки траги во австралискиот фудбал како тренер на култниот македонски клуб Preston Lions FC / Preston Makedonia од Мелбурн. Но, неговата улога во Мелбурн набрзо ги надмина спортските рамки.

Денес, чичко Дончо живее во Мелбурн, каде што ужива статус на институција и човек почитуван од буквално сите генерации. Како активен член на Македонската заедница во Мелбурн и Викторија, тој стана столб околу кој се собираат нашинците. Тој никогаш не остана нем навивач на настаните; напротив, чичко Дончо беше и е лично присутен на сите народни собири, културни манифестации и чествувања на националните празници.

Како член на МЛД Кочо Рацин, Мелбурн – секогаш присутен на литературни читања и промоции

Неговото срце силно зачука на големите протести во Мелбурн во 2008 година, каде јасно и гласно, рамо до рамо со илјадници Македонци, даде безрезервна поддршка за зачувување на македонското име и достоинство. Како голем патриот, тој секогаш ги мотивира, поддржува и ги насочува младите генерации во дијаспората да не ги забораваат своите корени, да продолжат со активности и гордо да го веат македонското знаме на петтиот континент.

Љубов што зрачи и обединува

Она што најмногу фасцинира кај овој човек е неговата непосредност и несебичност. Дури и оддалечен илјадници километри, чичко Дончо не пропушта прилика да испрати топла честитка до своите пријатели и сонародници за секој македонски национален празник. Таа чиста љубов кон Македонија не избледе со годините; напротив, таа извира од неговите гради со уште поголем интензитет и позитивна енергија.

Тој е човек-мост, монумент на нашето спортско минато и светилник на нашето општествено живеење во Австралија. Почитуван од колегите, сакан од навивачите и обожаван од македонската дијаспора, Андон Дончевски – чичко Дончо останува жив пример за тоа како се сака, како се брани и како се живее за Македонија.

Тренерски пат од Вардар до Кипар, Австралија и Тунис

По завршувањето на играчката кариера, Дончевски продолжил како тренер, пренесувајќи го своето искуство на новите фудбалски генерации. Значаен дел од неговата работа бил поврзан со Вардар, но тренерскиот пат го одвел и во странство.

Во периодот 1981–1982 година го предводел Анортозис од Фамагуста, на Кипар. На 26 првенствени натпревари, тимот под негово водство забележал осум победи, шест нерешени средби и дванаесет порази.

Од 1986 до 1988 година бил на клупата на Вардар, а потоа заминал во Австралија. Во периодот 1988–1989 година го водел Престон Македонија од Мелбурн, клуб со длабоки корени во македонската иселеничка заедница.

Во сезоната 1989 година, Престон Македонија го освоил петтото место во лигашкиот дел на тогашната Национална фудбалска лига на Австралија (NSL) и обезбедил учество во завршницата. За Македонците во Австралија, присуството на Дончевски на клупата на нивниот клуб претставувало дополнителна врска со фудбалот во татковината.

Следниот меѓународен ангажман го имал во Тунис, каде што во периодот 1991–1992 година го предводел Есперанс од Тунис. На 26 првенствени натпревари остварил единаесет победи, осум нерешени средби и седум порази.

Првиот селектор на самостојна Македонија

Неговото искуство добило особено значење по осамостојувањето на Македонија, кога требало да се создаде национален тим што ќе ја претставува државата на меѓународната фудбалска сцена. Довербата да ја предводи првата репрезентативна генерација му била дадена токму нему.

На 13 октомври 1993 година, во Крањ, Македонија го одиграла својот прв меѓудржавен натпревар по осамостојувањето. Противник била Словенија, а македонските фудбалери, предводени од селекторот Андон Дончевски, победиле со убедливи 4:1.

Зоран Бошковски – Чоко го постигнал првиот гол во историјата на репрезентацијата. Во листата на стрелците се запишале и Дарко Панчев, Чедомир Јаневски и Драган Канатларовски. Таа победа останала запаметена како успешен почеток на самостојниот македонски репрезентативен фудбал.

Дончевски ја водел репрезентацијата од 1993 до 1995 година, на вкупно 17 натпревари, остварувајќи пет победи, пет нерешени средби и седум порази. Нему му припаднала одговорноста да ги постави темелите на националниот тим и да ја предводи Македонија во нејзиниот прв квалификациски циклус, за Европското првенство во 1996 година.

По селекторскиот мандат, во периодот 1995–1996 година го водел Тиквеш од Кавадарци. Во 1998 година повторно се вратил во Мелбурн, како тренер на Престон Лајонс, поранешниот Престон Македонија, кој тогаш настапувал во Премиер лигата на сојузната држава Викторија.

Неговото место меѓу македонските фудбалски легенди е изградено низ повеќе улоги: стрелец, освојувач на трофеј, тренер и прв селектор. За вардаровите навивачи тој е чичко Дончо, голгетерот во црвено-црниот дрес. За репрезентативниот фудбал е човекот што стоел на селекторската клупа кога Македонија првпат излегла на терен со својата репрезентација по осамостојувањето.

Кога се раскажува приказната за почетоците на македонската фудбалска репрезентација, името на Андон Дончевски останува на нејзината првата страница. Андон Дончевски е синоним за почетоците и страста на македонскиот фудбал, оставајќи длабока трага и како стрелец во дресот на ФК Вардар и како селектор на првата историска репрезентација.

Андон Дончевски –  „Чичко Дончо“, со право има статус на митска фигура во македонската спортска и национална историја. Неговото значење ги надминува границите на обичен фудбалски работник и се врзува со клучните моменти на македонскиот идентитет и спортски гордост.

Како роден лидер, напаѓач со неверојатен осет за гол и харизматичен стратег, тој е човекот чие име засекогаш ќе биде запишано во темелите на македонскиот фудбал. Чичко Дончо ни остави навистина многу – и како спортист, и како човек, и како голем родољуб. Неговото огромно животно искуство, мудрост и татковски совети нема да избледеат со времето. Тие остануваат како наша трајна патека, длабоко врежана во темелите на македонската заедница, по која и во иднина ќе се чекори со гордост. Секој негов совет и секое негово дело ќе бидат светилник по кој генерациите што доаѓаат ќе го препознаваат и слават неговото име.

Андон Дончевски – чичко Дончо останува жив пример за тоа како се сака Македонија: со работа, со достоинство, со верност кон своите корени и со срце отворено за своите сонародници.

Најново од: Македонски легенди

Јордан Костадинов – борец за националните права на Македонците во Пиринска Македонија

Јордан Костадинов (9 ноември 1932 – 23 август 2019) бил борец за националните права на Македонците во Пиринскиот дел на Македонија, политички затвореник и еден од основачите и претседател на ОМО „Илинден“. Поради своето дејствување, двапати бил затворан од бугарските власти. Јордан Костадинов Иванов е роден на 9 ноември 1932 година во селото Белица, преименувано […]

Антон Лазов Јанев – Ќосето

Антон Лазов Јанев (25. XII. 1854 – 10. IX. 1953) е македонски револуционер, деец на ТМОРО/ВМОРО. Познат како Андон Ќосето или Андон Велешанецот, од 1896 година бил борец во четите на Михаил А. Попето, Јане Сандански, Христо Чернопеев и други, а потоа формирал своја чета. Во 1897 година учествувал во пленувањето на струмичкиот Назлим-беј, потоа […]

Мито Алексовски Клавчов – Македонецот што цел живот ги носеше Шештево и Македонија во срцето

Мито Алексовски Клавчов е роден во 1937 година во селото Шештево, Костурско, во Егејскиот дел на Македонија, а починал на 19 август 2018 година во Полска, на 81-годишна возраст. Мито Алексовски Клавчов бил долгогодишен претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Полска и сведок на трагедијата на децата бегалци. Животот на […]

Перо Коробар – борец, публицист и чувар на споменот за Кочо Рацин

Перо Ангелов Коробар (29 март 1916 – 29 октомври 2004) е македонски национален и политички деец, првоборец, општественик и публицист. Неговиот животен пат ги поврзува народноослободителната борба, изградбата на македонските културни институции и залагањето за македонската национална култура во Пиринскиот дел на Македонија. Посебно место во неговото творештво заземаат животот и делото на Кочо Рацин, […]

Методија Андонов-Ченто – првиот претседател на слободна Македонија

Методија Андонов-Ченто е роден во Прилеп на 17 август 1902 година, а починал на 24 јули 1957 година во својот роден град, од рак на желудникот. Завршил средно трговско училиште, а во 1926 година отворил бакалско-угостителски дуќан. На 25 март 1930 година, во Нови Сад, склучил брак со Василка Спирова Поп-Атанасова. Уште од младоста, Ченто […]

Трајче Петкановски

Трајче Петкановски – учител и организатор на народноослободителната борба во Велешко Трајче Петкановски (7 октомври 1919 – 6 август 1943) е македонски учител, партизан и организатор на народноослободителната борба во Велешко. Член на првата партиска ќелија на КПЈ во Азот, тој загинал на неполни 24 години во борба со бугарската полиција и контрачетниците. Неговото име […]

Паисиј Хилендарски

Паисиј Хилендарски (1722–1773) бил православен монах и една од клучните фигури на бугарската национална преродба. Неговото најпознато дело, „Историја славјанобугарска“, завршено во 1762 година, се препишувало и се распространувало, поттикнувајќи интерес за историјата и за народниот идентитет. Паисиј е роден во 1722 година во Самоковската епархија, веројатно во Банско. Живеел во време на османлиска власт […]

Христо Чернопеев – војводата кој животот го врза за македонското револуционерно дело

Христо Чернопеев (16 јули 1869, Дерманци – 5 ноември 1915, Криволак) бил илинденски војвода и еден од истакнатите дејци на македонското револуционерно движење. Соработувал со Гоце Делчев и Јане Сандански, раководел со чети на Организацијата и учествувал во Илинденското востание. Неговото име е поврзано со повеќе значајни настани од револуционерната борба во Македонија. Чернопеев потекнувал […]

To top