Македонски легенди

Антон Лазов Јанев – Ќосето

Македонска Нација

Македонска Нација

Антон Лазов Јанев (25. XII. 1854 – 10. IX. 1953) е македонски револуционер, деец на ТМОРО/ВМОРО. Познат како Андон Ќосето или Андон Велешанецот, од 1896 година бил борец во четите на Михаил А. Попето, Јане Сандански, Христо Чернопеев и други, а потоа формирал своја чета. Во 1897 година учествувал во пленувањето на струмичкиот Назлим-беј, потоа во 1901 година на мисионерката Мис Стон, како и во Илинденското востание во 1903 г. Потоа бил војвода во Гевгелиско, инспектор на четите, делегат на првиот (редовен) конгрес на Серскиот револуционерен округ (1905) и доброволец во Македонско-одринското ополчение (1912–1913), по што живеел во Горна Џумаја. Секоја наредба на ВМРО ја извршувал без поговор. Таму каде што ќе загустеле работите на теренот, каде требало да се расчистат сметките со тие што му создавале проблеми на народот го испраќале Ќосето.

Антон Лазов Јанев е роден на 25 декември 1855 година во селото Голозинци, Велешко. Најголем дел од детството го поминал во родното место, каде со двајцата браќа и двете сестри се занимава со овчарство. На шеснаесетгодишна возраст, Андон со семејството се преселил кај чичко му во Велес, откако татко му Лазо, како првенец во селото, бил наклеветен од некои соселани, а потоа уапсен и одведен во Солун.

По обидот за убиство на видниот турчин Али Чауш, кој сакал да му удри шамар зошто не му оддал почит додека поминувал, Андон го напуштил Велес и избегал за Солун. Даме Груев кој бил известен со писмо за настанот во Велес, преку учителот Атанас Мурџев и поп Стано, го придобиле Андон да им се приклучи на Македонската Револуционерна Организација. Подоцна тој се запознал со Даме Груев и директно добивал наредби од него. Организацијата го ангажирала да работи како таен полицаец, а извесен период за да го прикрие идентитетот и својата илегална активност го возел пајтонот на д-р Христо Татарчев.

Меѓутоа, Андон често пати знаел да работи на своја рака во пресметката со српската и грчката пропаганда, која ја попречувала работата на Организацијата. По убиството на виден Турчин, властите ја ангажирале и војската да го бараат. Откако, не го нашле во Велес, турските власти го носат во Солун неговиот постар брат Илија кој во соработка со српскиот учител Пејчиновиќ трагаат по Андон. Постоела опасност да биде разоткриена целата Организација, па Андон самиот предложил да се ликвидира брат му, што било и направено. Потоа, ги помага Иванчо Карасулијата и Митре Дудуларски во убиството на српскиот ренегат Илија Пејчиновиќ.

Дејствувањето на Андон без знаење на Организацијата, што довело до голема врева и ангажирање на војската, предизвикало голем револт кај Даме Груев кој го предупредил, велејќи му: „Уште еднаш такви работи да не правиш, дури и ако те навредат. Само тогаш кога ќе ти дадеме некоја задача, само тогаш ќе дејствуваш“.

Во мај 1897 година, по наредба на Организацијата, заедно со Ицо Џорлев од Кукуш и со гевгелиските раководители на Организацијата, Андон учествува во извршувањето на смртната пресуда врз доушникот на турската власт и водач на гркоманската партија во Гевгелија Христо Цицов (Цицо). Егзекуцијата била извршена пред очите на кајмакамот во Гевгелија, по што турските власти прават сериозна потера. Андон се вратил во Солун, но по краток престој, за да не биде откриен од потерата, Организацијата го испратила надвор од градот.

Андон се приклучува на четата на Илија Крчовалијата и Михаил Апостолов – Попето, со која кружи низ Кукушко. Со неколку соработници успел да фати чорбаџиски син за кого бара откуп. По 25 дена добиле 1.000 лири, пари наменети за Организацијата, но дошло до несогласувања. На пат за Бугарија, Андон и соработниците биле уапсени откако ја поминале границата и биле однесени во затворот во Пловдив. Во текот на распрашувањето, Андон одговорил дека е член на Македонската Организација и дека не го познава Гоце Делчев. Но, по десетина дена, во затворот доаѓаат Гоце Делчев и Антон Бозуков, кои го ослободиле Андон и соработниците.

Андон во прво време останал во Софија, а потоа во неколку наврати влегува во Македонија каде со соработниците извршувал задачи добиени од Гоце Делчев. На Андон му се приклучил и Попето, а по доаѓањето на Гоце Делчев, групата учествувала во пленувањето на струмичкиот Назлим-беј, но акцијата завршила неуспешно откако бегот се ослободил и избегал.

Во 1897 година, по разделбата со Делчев и враќањето на Михаил Попето, кој во меѓувреме бил во Бугарија, групата на Андон почнала да дејствува насекаде каде немало чети на Организацијата. Околу три години терористичко-агитационата група на Андон се движеле во Кукушко, Дојранско, Гевгелиско, Малешевско, Струмичко и по извесно време состојбата во Организацијата се стабилизирала. Се собираа пари, се купуваше оружје, селаните се обучувале да стрелаат и да чуваат стража.

За своето делување во овој период Андон Ќосето подоцна раскажувал: „И така јас започнав да се движам насекаде, минувајќи и од едната и од другата страна на Вардар, во Кукушко, во Дојранско, Малешевско, Струмичко. Едно време јас требаше да ги обиколувам и другите околии. Ќе се појавеше некаде раздор или, пак, не ќе одеа добро работите во реонот, Делчев веднаш ќе ми напишеше да отидам таму. Ќе го средев тој реон, ме испраќаа во друг реон, а тој го предавав на друг. Се расправав само со непријатни гости. Како да се наоѓав пред една шума, преку која не минуваше пат, та јас со секира в раце требаше да правам пат среде таа гора. Веднаш потоа излегоа, за секој реон чета. А ние бевме првата чета. И јас ќе отидам таму, ќе скокнам, каде со добро, каде со нож. По едно време се заплашија…“

Во меѓувреме, на барање на Гоце Делчев, за да се рашири организацијата, Андов се разделува со Михаил Попето, кој заминал за Кукушко. По две години Попето бил убиен од арнаути, а Андон ги ликвидирал неговите предавници и убијци. Јане Сандански кој во тоа време бил во Дупница му испратил писмо во кое советува дека не било добро да се ликвидирааат попови и учители зошто тие можат да им требаат, на што Андон одговорил дека не прима совети од лица кои живеат надвор од Македонија. Набргу потоа, во 1900 година, Андон ја имал првата средба со Јане Сандански. Тој го организирал префрлањето на четата на Јане Сандански и му дал корисни информации за состојбата на теренот.

Откако Организацијата се соочила со недостаток на средства, повторно се сретнале со Јане Сандански и Христо Чернопеев за да го организираат пленувањето на Сулејман бег во Горна Џумаја. Увидувајќи дека тешко можат успешно да ја спроведат акцијата, тие своето внимание го насочиле на мисионерката Мис Елен Марија Стон, која се канела да го посети Серско и Струмичко. Андон кој станал добар пријател со Сандански, учествувал во шестмесечното криење на Мис Стон од турските потери, а по добивањето на откупот бил задолжен да ги ослободи. На 23 февруари 1902 година, Андон ја ослободил Мис Стон во селото Градошорци, во непосредна близина на Струмица.

Во текот на Илинденското востание заедно со Ѓорче Патров и Лука Иванов предводи чета во Прилепско. По судирот со турскиот аскер кај Тројаци, Андон се разделил и заминал со 30 востаници за Велешко. На 17 октомври 1903 година, кај месноста Клепа, во близина на селото Скачинци, четата на Андон имала тежок судир со турскиит аскер кој броел 500 души. Меѓутоа, на помош му дошол Борис Сарафов со 70 востаници, кои ги нападнале Турците од заднина. По успешниот пробив, Андон со четата заминал за Бугарија, каде пристигнал во средината на декември 1903 година.

По Илинденското востание, Андон учествувал во работата на Серската група и ја подготвувал селската милиција во Струмичко и Малешевско. Во 1905 година бил делегат на првиот (редовен) конгрес на Серскиот револуционерен округ, а во 1907 година, поради својата блискост со Серската група, по убиството на Борис Сарафов и Иван Гарванов, Андон бил затворен единаесет месеци. Во затворот бил држен многу строго и не му дозволувале никаква посета и писма, а за тоа време немал никаква поддршка од организацијата, ниту од другарите.

На обвинувањата дека е санданист и разбојник, Андон им одговарал дека не е ниту санданист, ниту сарафист, ниту делчевист, туку човек на Организацијата и дека не служи на личности, туку на Македонија. За време на Младотурската револуција, Андон успеал преку еден Турчин да испрати писмо до Јане Сандански за да му обезбеди потврда од турските власти дека не бил разбојник, туку револуционер. Сандански му испратил таква потврда која ја презентирал пред судот по што бил ослободен од сите обвиненија. По излегувањето од затвор, разочаран од Организацијата, Ќосето ја фрлил пушката и му се вратил на обичниот живот.

Меѓутоа, со почетокот на Балканските војни во есента 1912 година учествувал во формирање на чета на чије чело бил Христо Чернопеев. Заедно со 12 – тата чета од 27 – ми чепински полк, учествувал во нападот на Разлог. Потоа служел во штабот на 13-тата кукушка дружина.

По војните, Андон Ќосето живеел во Горна Џумаја, денешен Благоевград, каде работел како службеник во тамошната администрација. Секогаш говорел со огромна почит за Гоце Делчев, а знаел да пушти солзи кога зборувал за него. „Кој го знаеше и кој не го знаеше, го почитуваше. Сите чети, што ги имаше тогаш, легални, нелегални, сите му беа нему потчинети. Кај него немаше никогаш груба забелешка, да рече лош збор или, пак, да се намурти. Се’ си беше весел. Беше многу доверчив“, раскажувал подоцна Андон за големиот македонски револуциоенр.

Антон Лазов Јанев – Ќосето умира на 10 септември 1953 година во Благоевград. Живеел сто години и ликвидирал сто луѓе кои го злоупотребувале македонскиот народ, меѓу кои Турци, гркомани, србомани, но и предавници на Организација.

Најново од: Македонски легенди

Јордан Костадинов – борец за националните права на Македонците во Пиринска Македонија

Јордан Костадинов (9 ноември 1932 – 23 август 2019) бил борец за националните права на Македонците во Пиринскиот дел на Македонија, политички затвореник и еден од основачите и претседател на ОМО „Илинден“. Поради своето дејствување, двапати бил затворан од бугарските власти. Јордан Костадинов Иванов е роден на 9 ноември 1932 година во селото Белица, преименувано […]

Мито Алексовски Клавчов – Македонецот што цел живот ги носеше Шештево и Македонија во срцето

Мито Алексовски Клавчов е роден во 1937 година во селото Шештево, Костурско, во Егејскиот дел на Македонија, а починал на 19 август 2018 година во Полска, на 81-годишна возраст. Мито Алексовски Клавчов бил долгогодишен претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Полска и сведок на трагедијата на децата бегалци. Животот на […]

Перо Коробар – борец, публицист и чувар на споменот за Кочо Рацин

Перо Ангелов Коробар (29 март 1916 – 29 октомври 2004) е македонски национален и политички деец, првоборец, општественик и публицист. Неговиот животен пат ги поврзува народноослободителната борба, изградбата на македонските културни институции и залагањето за македонската национална култура во Пиринскиот дел на Македонија. Посебно место во неговото творештво заземаат животот и делото на Кочо Рацин, […]

Методија Андонов-Ченто – првиот претседател на слободна Македонија

Методија Андонов-Ченто е роден во Прилеп на 17 август 1902 година, а починал на 24 јули 1957 година во својот роден град, од рак на желудникот. Завршил средно трговско училиште, а во 1926 година отворил бакалско-угостителски дуќан. На 25 март 1930 година, во Нови Сад, склучил брак со Василка Спирова Поп-Атанасова. Уште од младоста, Ченто […]

Андон Дончевски – легендата на Вардар и првиот селектор на самостојна Македонија

Андон Дончевски – чичко Дончо е несомнено една од најголемите фигури во историјата на македонскиот спорт, но и вистински жив синоним за патриотизам и чувар на македонскиот идентитет во дијаспората. Неговиот пат – од врвен голгетер до стратег на историски спортски успеси и обединувачка личност на македонската заедница во Мелбурн – претставува автентична македонска сага […]

Трајче Петкановски

Трајче Петкановски – учител и организатор на народноослободителната борба во Велешко Трајче Петкановски (7 октомври 1919 – 6 август 1943) е македонски учител, партизан и организатор на народноослободителната борба во Велешко. Член на првата партиска ќелија на КПЈ во Азот, тој загинал на неполни 24 години во борба со бугарската полиција и контрачетниците. Неговото име […]

Паисиј Хилендарски

Паисиј Хилендарски (1722–1773) бил православен монах и една од клучните фигури на бугарската национална преродба. Неговото најпознато дело, „Историја славјанобугарска“, завршено во 1762 година, се препишувало и се распространувало, поттикнувајќи интерес за историјата и за народниот идентитет. Паисиј е роден во 1722 година во Самоковската епархија, веројатно во Банско. Живеел во време на османлиска власт […]

Христо Чернопеев – војводата кој животот го врза за македонското револуционерно дело

Христо Чернопеев (16 јули 1869, Дерманци – 5 ноември 1915, Криволак) бил илинденски војвода и еден од истакнатите дејци на македонското револуционерно движење. Соработувал со Гоце Делчев и Јане Сандански, раководел со чети на Организацијата и учествувал во Илинденското востание. Неговото име е поврзано со повеќе значајни настани од револуционерната борба во Македонија. Чернопеев потекнувал […]

To top