Дијаспора

УПИС ВО ОСУМГОДИШНОТО УЧИЛИШТЕ „БРАЌА МИЛАДИНОВЦИ“ ВО СЕЛО МЕШЕИШТА (7)

1bra21

1bra21

ДЕЛ ОД ЖИВОТНАТА ПРИКАЗНА НА ИВАН ТРПОСКИ ОД СИДНЕЈ, АВСТРАЛИЈА ВО ДЕЛОТО „ОВА Е МОЈОТ ЖИВОТ“

Ова продолжение ќе го посветиме на дел од активностите и случувањата на Иван Трпоски во селото Мешеишта, што се наоѓа во убавиот охридски крај, каде го започнал неговото осумгодишно образование во училиштето „Браќа Миладиновци“. Тој, меѓу другото, го забележа следното:

По нашето завршување во основното четиригодишно учи­лиште, во соседното село Мешеишта се отвори осумгодишно училиште, во кое од Волино се запишавме само јас и Ангеле Николоски. Училиштето беше стара и голема двокатна зграда, а се викаше „Браќа Миладиновци“. Покрај нас двајца од Волино, странци уште беа следниве ученици: Димитри Дуклески, Петре Коруноски, Размо Јакимоски, Коста Јованоски и Велика Мув­ческа од Требеништа, а Спиро и Богоја Тодороски и Трајан и Златан Ситникоски од Горенци и Љубе Стојчески од Оровник. Другата година ни се приклучија следниве ученици: Трајан Пе­трески, Власе и Тане Трпкоски, Трајче Митрески, Љубе Јаки­моски и Благоја Чалдрмоски од Волино и Владо Далчески од Драслајца. Нецела година доаѓаше на училиште и мешеиштане­цот преселен во Волино Никола Војданоски.

Другите неколку стотини ученици беа од Мешеишта и од Климештани. Настава се одржуваше обично по пет часови на ден, меѓу секој час имав­ме одмор од петнаесет минути. Класовите беа поделени на А и Б паралелки. Јас бев во А, а колегата Ангеле беше во Б паралелка, па така ако некој имавме еден час пократок го чекавме оној кој имаше час повеќе, за да патуваме заедно. Во петто одделение јас бев оставен за на поправен по српски јазик, а Ангеле го повто­рува одделението. Класна раководителка ми беше стружанката Борка Кутаноска, а директор на сите ученици ни беше охриѓане­цот Никола Грозданоски.

Во шесто одделение класот го повторував со неколку слаби оценки. Како повторувач шесто одделение го завршив со добар ус­пех, исто така и седмо одделение, а во осмо одделение бев упатен на поправителен испит по Француски и Географија, но поради не подготвеност, осмо одделение го повторував. Со тоа ставив крај на моето школување во Мешеишта, па збогувајќи се со училиште­то „Браќа Миладиновци“, учениците и учителите, јас се запишав во училиштето „Климент Охридски“ во село Требеништа за да го дозавршам осмо одделение. Па така, во наставниот петгодишен период, во училиштето „Браќа Миладиновци“ во Мешеишта, нај-сакана учителка ми беше Борка Кутаноска, а најомразен учител ми беше коселчанецот Крсте Климоски. Во зимно време, кога ќе задоцневме, не тераше со и онака скочанетите прсти да триеме во замрзнатиот снег, а ако некој фолираше, Крсте со сета сила му стапнуваше со чевелот на рака.

Еве и една несекојдневна случка од училишните денови. Се сеќавам како вчера да се случи, а се случи кога бев во шесто одде­ление и седев во клупа со Богоја Секулоски и Здравко Кузманоски. Здравко беше кусо и дебелко детенце, кое страдаше од астматич-ка задишка. Тоа беше мошне внимателно и мирно детенце, што ете дури и денес барам прошка за моето недругарско однесување спрема него. Секој сакаше на негова сметка да искреира некаква мрсна шега, без да помисли на понатамошните нејзини последици. Еднаш и мене ѓаволот ме предизвика да направам таква шега. Здо-гледувајќи ја долгата врвца од неговиот чорап, која му се одврзала од него и при движењето на ногата мрзливо се завлекува по подот, се наведнав и му ја врзав за едната ногалка од клупата.

Мислејќи дека, кога ќе заврши часот, Здравко, со заврзаната врвка ќе ни при­реди малку смеа. Но смеата дојде побрзо од планираното. Учите­лот по математика Димче Матоски го прозва токму Здравко за да излезе на табла, за да реши некаква математичка задача. Здравко стана, се ослободи од столот и тргна. Но, наеднаш се затетерави и странично падна на подот, тргајќи ја по себе и клупата. Сите ста­наа да видат што му се случи на Здравко. Дојде и учителот Ма­тоски. Проблемот беше откриен. Настана смеа до шинување. На Здравко му ја одврзав врвката од клупата. Него го ослободив, но јас се заробив. Матоски ме изнагрди со едночудо зборови, ми удри по пет стапчиња по рака и ме испрати кај директорот Климоски. За среќа, во моментот Климоски не беше тука, па куртулив од најло­шото. Во подоцнежните средби со повеќе другарчиња од класот кога ќе се сретневме го обновувавме овој интересен настан. Некои ја претеруваа случката заменувајќи ја личноста Здравко, со лич­носта Спаса Алексиоска, на која со појасот што ѝ се испуштил сум ја врзал за клупа…

Еве и една убава сетка од екскурзијата која учителите ни ја организираа до село Белчишта. Оваа екскурзија, всушност, ни беше и прво излегување подалеку од Струшкото Поле. Патување­то ни беше организирано со автобус. По разгледување на селските знаменитости од поновата историја, учителите ни организираа и фудбалски натпревар против врсниците од Белчишта. Ние ги по­бедивме нив со два нула, а јас ги постигнав двата гола. Поради по­бедата над Белчишта и постигнатите голови, Крсте Климоски ми ја поправи оценката по музичко, а Љубе Дичоски по фискултура. Интересно е што на ледините во Белчишта, каде заеднички друга­рувавме, нашите девојчиња на нивните деца им плетеа венчиња од цвеќа, а нивните девојчиња ни сплетија нас.

На традиционалниот Општински фестивал кој се одржуваше во Охрид, а имаше натпреварувачки карактер, настапивме и ние учениците од мешеишкото училиште. Па така. ние машките уче­ници вежбавме по маички и шорцеви и со кратки стапови, а девој­чињата по маички и шорцеви и со долги платнени панделки. Пред настапот, мене некој ми го украде моето стапче, кое мераклиски го имав направено, за што од учителката по фискултура Вера Гаври­лова, која подоцна ми стана вујна (се омажи за Перо Петрески), бев горко изгрден. Па така, на Фестивалот настапив со прачка од лозница, за што бев исмеан од другарчињата.

Девојчињата во осмогодишното училиште беа мошне крупни и во традиционални старински носии се облекуваа.

Па така, мошне забележително им се гледаа бујните гради како виреат меѓу растег-натите поли на клашенците. А за кратките клашенци кои не им ги криеја облините на задниците и да не зборуваме. Кога ќе ги скорнеа учителите, за да одговараат по соодветниот предмет, тие со задни­ците се крепеа на задните клупи, а ние, машките деца, што седевме зад нив, често си ги редевме рацете напред, на работ од клупата, за со нив, ете, случајно, да им ги допреме нивните задници кои се из-мачуваа во претесните бели кошули. Едвам ги чекавме часовите по Физичко (фискултура) за да им ги ѕирнеме на девојчињата белите, несончани нозе, кои мораа да се преслечат во фискултурни гаќички (шорцеви) и блузи. Во подоцнежните класови, во наставата ни се приклучија стружанките Вера Матоска и Слободанка Маркулеска, кои носеа кратки фризури, а се облекуваа во градски носии.

Кога ги спомнав клупите, нема да ја изоставам ни случка­та со поделбата на клупата на три дела. На последната клупа во средниот ред, седевме јас во средина, Воислав Калески од леватастрана и Илија Крушароски од десната страна. Оваа поделба ми личи на поделбата од Македонија, која непријателски е заградена од сите четири страни. Воислав и Илија имаа повеќе простор за движење од мене. Клупата ми ја поделија најпрво со молив, па со мастилен молив, па со туш и на крај со нож ја изглодаа. Па така, кога ќе нè скорнеше учителот да кажуваме за некоја лекција, мо­равме да бидеме претпазливи на својата територија. Ако со рацете мрдневме, тогаш од соседот со сите средства се удираше по рака или по прсти. Ова го кажувам со сигурност, зашто цел живот но­сам белег на левата рака, која при преминување на територијата на Воислав Калески, беше забодена со молив помеѓу показалецот и средниот прст и црното од моливот ми остана како тетоважа под кожа, кого секојдневно си го гледам и се потсетувам на палавите ученички денови.

Проодолжува

1sla2 Подготвил: СЛАВЕ КАТИН

Најново од: Дијаспора

Браќа и сестри Македонци, каде и да сте!

Оваа порака доаѓа од вашата татковина – од Македонија. Од земја со древна историја, богата култура и дух што никогаш не се откажал. Вашата врска со Македонија е крвна, духовна и семејна. Таа тече низ јазикот што го зборуваме, писмото што го пишуваме, песните што ги пееме и спомените што ги носиме со себе. Тоа е […]

Академик Ферид Мурат – американски нобеловец и пријател и Македонија

Академикот Ферид Мурат е познат лекар и фармацевт во Соединетите Американски Држави. Најголемиот дострел на полето на науката го постигнал во 1998 година, кога ја добил Нобеловата награда за физиологија и медицина. Тој е роден во Вајтинг, Индијана, мајка му е Американка родена во Алтон, Илиноис, а татко му е Албанец од село Лакавица, Гостиварско. […]

Македонските православни верници во Салцбург добија нова црковна општина

Со првата Света Архиерејска Литургија, отслужена по повод празникот Рождество на Пресвета Богородица, на 19 септември беше означен почетокот на организираниот црковен живот на македонските православни верници во Салцбург и околината. Новата црковна општина ќе дејствува во рамките на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Македонските православни верници во Салцбург и околината добија нова црковна […]

Реџиналд де Бреј – угледен славист, поет, научник и македонист

Д-р Реџиналд Артур де Бреј беше составувач на новиот „Македонско-англиски толковен речник“. При посетата на главниот град на Австралија во 1992 година, авторот на овие редови, Славе Катин, го посети и домот на професорот д-р Реџиналд Артур де Бреј, член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав и професор на Австралискиот […]

Патот до успехот на Македонецот Роб Спасевски од Мелбурн

Од врвен фудбалер до успешен фудбалски тренер – тоа е пат исполнет со талент, дисциплина, жртви, искуство и постојана желба за победа. Додека кариерата на теренот бара физичка подготвеност, инстинкт и фудбалска умешност, преминувањето на тренерската клупа носи нови предизвици: тактичко знаење, психолошка зрелост, способност за мотивирање и, пред сè, лидерство. Таков пат изодел Роб […]

Соопштение на Централниот совет на Македонците во Германија против актуелните антимакедонски напади во бугарскиот парламент

Берлин, 13 септември 2026 Централниот совет на Македонците во Германија (Zentralrat der Makedonen in Deutschland e.V.) најостро ги осудува најновите историско-ревизионистички и шовинистички изјави, како и официјалната парламентарна иницијатива на бугарскиот пратеник Костадин Костадинов, поднесена на 11 септември 2026 година. Под изговор на спортски настан, Костадин Костадинов ја искористи говорницата на Народното собрание на Република […]

Академик Виктор Фридман – американски лингвист и бранител на македонската вистина

Пријатели на Македонија Виктор Фридман е американски лингвист, славист, македонист, балканист, граматичар и социолингвист, еден од најпознатите балкански слависти во светот. Ученик на Збигњев Голомб, еден од основачите на американската македонистика, Фридман работи во рамките на функционалната структуралистичка теорија на јазикот. Тој е надворешен член на Македонската академија на науките и уметностите од 1994 година […]

Лиана Коњарски од Мелбурн – најдобра одбојкарка во Премиер 1 лигата на Викторија

Македонката Лиана Коњарски од Мелбурн постигна голем спортски успех во Австралија. Со својот клуб „Yarra Ranges Volleyball Club“ ја освои шампионската титула во женската Премиер 1 конкуренција, а нејзините одлични игри беа крунисани со две големи индивидуални признанија – за највреден играч (MVP) и за најдобар техничар (Best Setter) во лигата. Гордост и радост владеат […]

To top