Дијаспора

ДЕЛ ОД РАБОТНИТЕ И ДРУГИТЕ ОБВРСКИ НА ИВАН ВО АВСТРАЛИЈА (19)

1ctki12345

1ctki12345

И ова продолжение е исполнето со бројни активности на Иван Трпоски во Австралија. Притоа ќе пренесеме интересни случувања на полето на работата и активностите на овој истакнат македонски иселеник. За ова продолжение Иван ќе го напише следното:

Во стакларницата сакаа да ме сменат од денска да работам во попладневна смена за цело идно време. Денес е 8 мај 1972 година. Јас и онака бев револтиран од робовската работна дисциплина, па си ги побарав парите и веднаш завршив. На сјодвење се пријавив во Бирото за вработување во Њутеон, каде ми рекоа за кратко ќе

морам да причекам. На улица го сретнав Перо Сидороски од село Опеница, Охридско. Ми рече да појдам кај нив, примале работни­ци. Фабриката во која работеше Перо се викаше „Вин Фуд Продукт“, а се наоѓаше во населбата Мериквил. Во таа фабрика се преработуваа цреши и други овошни плодови, кои по преработката се извезуваа по слаткарските продавници. Другиот ден, во фабриката појдов точно во 7.00 часот и шефицата, г-ѓа Вајт, ми даде формулар што го исполнив и веднаш ме пушти да работам на машина со една убавка 18-годишна Либанка, Марија. Со неа над светлото ги над-гледувавме црешите. На црешите им ги вадевме семките (коските), на кои машината не успеала да им ги истисне. Тука работеа око­лу педесетина жени и десетина машки работници.

Платите ни беа пониски отколку во претходните фабрики. По неколку дена Перо Сидороски ја напушти работата, со образложение дека платата му била многу ниска. Овде се запознав и се спријателив со повеќето од вработените, особено со предработникот Тони Јаковчевиќ кој почесто ме оставаше да работам прекувремено. Прекувремената работа обично се состоеше само во чистење, односно миење на подот. Подоцна тој ме превезуваше со неговиот автомобил од дома до работа и обратно. Му плаќав според цената на возниот билет.

На 19. 5. 1972 година во писмото од татко ми Науме пишу­ва: На свадбата од Лазор и Маладенка Иваноски некој возач со ав­томобилот го удрил Ристе М. Стоески и му ги повредил ногата и раката. По повредата веднаш бил префрлен в болница. Во давање помош најмногу се истакнал Илија Илинкоски, кој целиот бербат се направил од излиената крв. В болница, со повредениот, покрај Илија, отишол и татко ми.

Зорка, сопругата на Павле Андроникоски, по 12 години не-родство, на свет донесла машко дете – Ѓорше. Трпе го вратиле вла­стите од Австрија поради малолетност. Сега за 6.000 динари днев­ница работи со фасадерот Власе Бочески.

На 21. 5. 1972 година јас и Тоде Лабоски со сопругите појдовме во населбата Дапто, 100 километри јужно од Сиднеј, на свадба од волинецот Лазор Бочески и ложанката Љуба Танеска.

Од 23. 5. 1972 година, мојот шеф Бил Вајт ми даде подобра работа и платата ми ја зголеми за 4 долари на недела. Владата, на сите работници во Нов Јужен Велс ни ги зголеми платите за 2 дола­ри неделно. Сега ми беше подобро бидејќи имав повеќе слободно време за седење. Бев одговорен на 10 казани каде се вареа цреши, издробени репи и лушпи од лимони и портокали. Нив ги затоплу-вав во две печки, во кои правев сируп од вода и шеќер. Секојдневно црешите, репките и ситно исечените лушпи од лимони и портокали ги подигнував со сирупот по неколку проценти. Кога ќе ја добиеја одредената јачина, нив од казаните ги црпеше друг човек и им ги носеше на жените за да ги пакуваат.

Додека печките го загреваа со пареа сирупот, јас се одморав. Тука работеа педесетина жени од кои половината беа распуштеници. Меѓу десетината мажи, пак, тука работеше и уште еден Македонец, Вангел од битолско. Тој им правеше многу смешки на жените. Кога јадеше, било што да било, велеше дека е Маде од Македонија. Еднаш си направи и сендвич. На целиот леб му ја ископа средата и лебот го наполни со грав и пиперки. Па кога го јадеше, од притискањето на рацете од стра­ните, грав му течеше по рацете и ракавите. Засмеан и замачкан по долгите мустаќи, со оџагарени очи, ќе речеше: Ова е македонски сендвич! Па така, покрај него во мензата и мене ми се смееја при­сутните, прашувајќи ме зошто и јас не јадам македонски сендвич? Но Вангел си беше таков, природен македонски патриот. Не може­ше секој да го имитира. Подоцна тука се вработи за кратко и брат му на Ѓорѓи, Митре Роштанковски.

На сопругата Нада два пати ѝ се случија несреќи. Еднаш пад­нала и со раката се потпрела на стаклото од скршеното шише од млеко. Со неколку копци ѝ ја сошија дланката. Другиот пат кога сакала да се симне од автобус прстенот и се заглавил на некоја метална шипка, па за малу ќе си го откинела прстот. Сепак, двете несреќи – среќно минаа.

Третиот ден со сопругата Нада, со Ѓорѓи Роштанковски и со Џејн бевме во зоолошка градина. Беше интересно патувањето со брод од Циркулар Кју до Варунга и назад. Погледот кон Сиднеј е брилијантен. Во Зоолошката градина нема измени, секогаш е исто: животни, птици, риби и изведби.

На 6. 7. 1972 година купив машина за пишување со латинич-ни букви „Оливети“ од Ѓорѓи Роштанковски за 50 долари. На 13. 7. 1972 година бев на забар за да ги поправам забите. Забарот беше Кинез и за 4 заби што ми ги пломбира ми наплати 20, а на сопругата Нада што ѝ го извади катникот ѝ зеде 3 долари. На 24. 7. 1972 година добив писмо од брат ми Спаско и во него чек на 450 долари. Значи ми го отплати долгот. Овојпат писмото му беше читко и уредно напишано, за пример меѓу досегашните.

Истиот ден добив писмо, а во него имаа пишувано по некол­ку реченици: татко ми Науме, зет ми Борис и брат ми Трпе. Велат дека пратките по Диме Чалдрмоски и Ѓорше Лошкоски ги добиле: цигари и по 5 долари за татко ми Науме и зет ми Борис, за Менка шамија, за Трпе мотористичка маица.

Од брат ми Ангеле, од планините во Западна Австралија, до­бивме писмо и негова работна фотографија. На 25. 7. 1972 година добивме писмо, односно покана, од Сергија Секулоски. Еве ја неговата содржина:

Драги братучед Иван – Нада. Бидејќи подготвуваме весела фамилијарна гозба – крштев­ка на нашиот долго очекуван син Самоил, се поканувате на фа­милијарната свеченост да присуствувате во недела на 30. 7. 1972 година.

На 15. 8. 1972 година Ѓорѓи Роштанковски нѐ покани на ве­чера, зашто другиот ден ќе отпатува за Македонија. Мораше на ваков трик да замине. Сам ќе се пријави да служи во ЈНА, за да ги избегне австралиските закони, со кои сè уште таа испраќаше свои војници во Виетнам.

Проодолжува

1sla1 Подготвил: СЛАВЕ КАТИН

Најново од: Дијаспора

Гордана Димовска: Клучни информации за гласањето во Викторија

Денес, сабота, 28 ноември 2026 година, се одржуваат редовните  шеесет и први државни избори во сојузната држава, Викторија. Се одржуваат континуирано од 1856 година, кога Викторија воспоставила дводомен парламент со одговорна влада. Тие доаѓаат по изборите во ноември 2022 година (60-ти парламент), а новоизбраните 88 пратеници во Долниот дом и 40 членови во Горниот дом […]

Македонскиот фестивал на културата во Williamstown ги обедини Македонците во Викторија

Како што е познато во Австралија секоја година се одржуваат фестивали на храната и масовно се прифатени од Македонската заедница во било кој град да се одржуваат. Во Викторија, Фестивалот на македонската култура во Вилиамстеон е секогаш со радост дочекуван затоа што е место каде се слави нашата култура, традиција, јазик, оро и песна. Токму […]

Друштва и асоцијации на македонските иселеници во САД од 2000 година до денес

Македонците во Соединетите Американски Држави се организирани во македонските православни цркви и во различни друштва и асоцијации. Така, според делото „Македонците во САД и во Канада“ од авторот на овие редови, во период од 2000 –та година до денес се формирани голем број македонски друштва и друг вид асоцијации во САД. Овие значајни македонски асоцијации […]

Илјадници наши иселеници летово во Македонија

Фиданка Танаскова Посети и дружење за незаборав Д-р Ицо Најдовски Перин од Мелбурн помина два месеца во родната земја, исполнети со средби, патувања и дружење. Летово, во своја Македонија, на балканската крстосница во јужниот дел на Европа, допатуваа илјадници наши сонародници од различни генерации, кои низ годините заминале на разни страни од светот. Оживеаја многу […]

Градот Мелбурн им се извини на Македонците

Градскиот совет ги покани македонските играорци повторно да настапат на парадата Мумба во 2027 година, со дозвола да го истакнат знамето со Ѕвездата од Кутлеш.   Градот Мелбурн на 16 ноември 2026 година официјално ѝ се извини на македонско-австралиската заедница поради одлуката со која во март на македонските учесници на парадата Мумба им беше забрането […]

Мито Алексовски од Полска во 2010 година: Името Македонија му припаѓа на македонскиот народ

Името и другите државни вредности на Македонија не се приватни сопствености на политичарите а, ни на било која партија. Тоа се сопствености на целиот македонски народ. Исто така тоа не е стока за продавање и не постои  начин не можат да бидат тема на политички разговори или дипломатски трговии. Кој го прави тоа е предавник […]

Се одржа Јубилејна „Егејска вечер“ и семакедонската средба во Штип

Јубилејната „Егејска вечер“ и семакедонската средба во Штип ги собраа Македонците од Грција, Бугарија и Албанија, како и Македонците од Егејска Македонија кои денес живеат во Република Македонија. Од средбата беше упатена порака за зачувување на македонскиот идентитет, поцврсти врски меѓу заедниците и поголемо внимание од институциите кон нивните права. Едмонд Темелко, поранешен градоначалник на […]

Апел на Друштвото на Македонците во Полска од 28 мај 1994 година

Друштво на Македонците во Полска Гдањск, 28 мај 1994 година До Претседателот, Владата и Парламентот на Република Македонија АПЕЛ Ние, Македонци – бегалци од егејскиот дел на Македонија, здружени во Друштвото на Македонците во Полска, апелираме до Претседателот, Владата и Парламентот на Република Македонија да не се откажуваат од името „Република Македонија“, знамето, сонцето – […]

To top