Дијаспора

Душан Ристевски-Македон: БЛАГОЈА БОЖИНОСКИ-ОПШТЕСТВЕНИК И ПИСАТЕЛ

1br12345

1br12345

Нови книги

Неодамна во Библиотеката „Григор Прличев“ ни беа донирани две книги од познатиот општественик, здравствен работник и литературен деец Благоја Божиноски кој живее и твори во градот Њукастел кој е оддалечен 150 километри од Сиднеј.

 Благоја Божиноски е роден во селото Единаковци кое се наоѓа во Демир-Хисарската општина и е четврто дете од седумте на Стојан и Стојанка Божиноски. Основното училиште го завршува во родното место, осмо одделение во Демир Хисар, а во 1967 година во битолската гимназија “Браќа Миладиновци“ завршува прва година. Наредната година продолжува во средното Дрвно-Техничко училиште „Трајко Бошковски-Тарцан“ во Прилеп.

Благоја како средношколец пројавува желба кон пишаниот збор посебно кон поезијата и со свои творби учествува на повеќе меѓуградски литературни кружоци во Прилеп и околината.

По завршувањето на средното образование, во 1972 година се доселува во Сиднеј, а во 1977 година се населува во индустрискиот град Њукастел каде има голема македонска колонија.  Неколку години работи во дрвната и градежната  индустрија, а потоа во 1985 година се вработува во државната Етничката здравствена служба (Migrant Health Service) за македонската Заедница во Њукастел.  Работи како Здравствен работник (Ethnic Health Worker, Health Liaison Officer in Age and Disability and Interpreter).  Останува во оваа здравствена установа повеќе од 37 години.

Неговото работно место како и желбата да биде нераскинлив дел од македонската заедница го поттикна активно да делува во заедницата на општествено-културно-литературно поле. Негова желба беше да ја воздигне македонската заедница на културен план за да биде рамноправна етничка заедница во мултикултурното општество на индустрискиот град Њукастел и целиот Ханта регион. Македонците беа ценети работници во локалната Железара и едни од главните носители на економскиот развој на овој град.

Понесен од оваа желба токму пред 40 години го започна издавањето на весникот „Копнеж“ кое беше единствен од овој вид во Њукастел и државата Нов Јужен Велс. Уредувањето на весникот и желбата да го промовира животот на македонската заедница на Благоја му стана трајна-животна определба. Тој почна да собира податоци за првите македонски доселеници во овој град, за нивната судбина, траума и радост, желби и копнежи, сонови и љубов. Во исто време преку весникот ги промовира здравствените и социјалните служби, ги информира и просветува Македонците  и да ги поттикнува активно се вклучат во промовирање на својот јазик и култура.

Исто се вклучува во управниот одбор во Македонската црковна општина каде     повеќе од 20 години зазема клучни места како благајник, секретар и председател.

Благоја беше иницијатор за воспоставување на повеќе огранизации во македонската заедница меѓу кои и оформувањето на Австралиско-Македонската Ассоцијација за Култура и Човекови Права, (Australian/Macedonian Cultural and Human Rights Association)  и иницијатор за издавањето на книгата “The Real Macedonian“ од Др. Џон Шеи и книгата “Macedonia and Greece-The Struggle to Define a New Balkan Nation“ која беше издадена од McFarland& Company, London. 

Приходите од книгата ‘The Real Macedonians’  беа дадени за одржување на Македонскиот јазик во Маквори Универзитетот во Сиднеј и формирањето на агенцијата МИЛС со претставништво во Брисел. Исто така беа воспоставени часови за изучување македонски јазик во редовна настава, часови по религија во основните училишта каде имаше ученици од македонско потекло, саботни часови за изучување македонскиот јазик во средното училиште Мериведер (Merewether High School) кои беа внесени во програмата и признати како дел од завршната 12 гимназиска година.

Благоја исто така го воспостави Македонското пензионерско друштво и Центарот за дневна  нега (Day Care Centre) за Македонците со посебни потреби, а беше оформена и Доброволна работна група (Charity Welfare Group)  која имаше за цел да ги посетува осамените и изолирани Македонци кои се наоѓаа во старски домови, болници или своите домови.

После 30 годишна работа во македонската заедница се јави идејата за книгата “Четврта Генерација“. Сите податоци од многубројните интервјуа се умешно собирани и документирани во оваа книга која беше издадена во 2012 година во соработка со уметникот Владо Крстевски, а истата во 2021 година беше ревидирана и преведена на  англиски јазик под име ‘Fourth Generation’

Книгата “Единаковци-Моето Село“ е двојазично издание, посветено на неговото родно село Единаковци и на неговите родители Стојан и Стојанка. Во книгата Благоја ја опишува љубовта кон родниот крај, кон родното огнишште, поширокото семејство, роднини и пријатели како и кон неговите соселани.  Неговата желба е да го зачува народното предание, историјата на селото, семејствата кои се распрскани насекаде низ светот но во кои сеуште тлее желбата да се вратат и копнеат сите да бидат заедно, да нема разделби.

Копнеж

Живот оддалечен

Неподнослив мачен

Копнеж затемелен

Ненадејно здрачен

Во душата наша

копнееме тајно

Носталгија мачна

Безнадежна трајно

Таковина мила

Копнежот е наш тој

Со нашата сила

Непобедена стој

Тука сме, а не нема!?

Името и јазик мајчин наш

Го продаде муртински маж

Македонска земја мила

Ќе ја зема, без мака и сила

Само родот наш, а не други

Станавме ние свeтски слуги

Ни треба се’млади борци

Без сонце, сите сме ќорци

Историјата наша стара

Секој ја сака, и бара

До Гоце од понов век

Замина се, по речен тек

Време врви, застој нема  

Избори пред нас се спрема

Опстанок се бара сега

Без победа, стоиме во спрега.

За спас на сите нас 

Кој дојде да даде помош 

Живот  го направи полош

На нож остар нас не стави

Бега назад и прав се прави

Мачени векови цели

Со невидени денови бели

Македонци браќа мои

Не знаеме што ни се крои

Слушам како народ вреска

Од страв се треси како треска

Без победа, не ми треба оро

Без слобода се е глуво и ќоро

Македонска земја наша стара

Политички сега не се бара 

Барајте браќа избор и начин

За спас на име и јазик мајчин 

Најново од: Дијаспора

Браќа и сестри Македонци, каде и да сте!

Оваа порака доаѓа од вашата татковина – од Македонија. Од земја со древна историја, богата култура и дух што никогаш не се откажал. Вашата врска со Македонија е крвна, духовна и семејна. Таа тече низ јазикот што го зборуваме, писмото што го пишуваме, песните што ги пееме и спомените што ги носиме со себе. Тоа е […]

Академик Ферид Мурат – американски нобеловец и пријател и Македонија

Академикот Ферид Мурат е познат лекар и фармацевт во Соединетите Американски Држави. Најголемиот дострел на полето на науката го постигнал во 1998 година, кога ја добил Нобеловата награда за физиологија и медицина. Тој е роден во Вајтинг, Индијана, мајка му е Американка родена во Алтон, Илиноис, а татко му е Албанец од село Лакавица, Гостиварско. […]

Македонските православни верници во Салцбург добија нова црковна општина

Со првата Света Архиерејска Литургија, отслужена по повод празникот Рождество на Пресвета Богородица, на 19 септември беше означен почетокот на организираниот црковен живот на македонските православни верници во Салцбург и околината. Новата црковна општина ќе дејствува во рамките на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Македонските православни верници во Салцбург и околината добија нова црковна […]

Реџиналд де Бреј – угледен славист, поет, научник и македонист

Д-р Реџиналд Артур де Бреј беше составувач на новиот „Македонско-англиски толковен речник“. При посетата на главниот град на Австралија во 1992 година, авторот на овие редови, Славе Катин, го посети и домот на професорот д-р Реџиналд Артур де Бреј, член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав и професор на Австралискиот […]

Патот до успехот на Македонецот Роб Спасевски од Мелбурн

Од врвен фудбалер до успешен фудбалски тренер – тоа е пат исполнет со талент, дисциплина, жртви, искуство и постојана желба за победа. Додека кариерата на теренот бара физичка подготвеност, инстинкт и фудбалска умешност, преминувањето на тренерската клупа носи нови предизвици: тактичко знаење, психолошка зрелост, способност за мотивирање и, пред сè, лидерство. Таков пат изодел Роб […]

Соопштение на Централниот совет на Македонците во Германија против актуелните антимакедонски напади во бугарскиот парламент

Берлин, 13 септември 2026 Централниот совет на Македонците во Германија (Zentralrat der Makedonen in Deutschland e.V.) најостро ги осудува најновите историско-ревизионистички и шовинистички изјави, како и официјалната парламентарна иницијатива на бугарскиот пратеник Костадин Костадинов, поднесена на 11 септември 2026 година. Под изговор на спортски настан, Костадин Костадинов ја искористи говорницата на Народното собрание на Република […]

Академик Виктор Фридман – американски лингвист и бранител на македонската вистина

Пријатели на Македонија Виктор Фридман е американски лингвист, славист, македонист, балканист, граматичар и социолингвист, еден од најпознатите балкански слависти во светот. Ученик на Збигњев Голомб, еден од основачите на американската македонистика, Фридман работи во рамките на функционалната структуралистичка теорија на јазикот. Тој е надворешен член на Македонската академија на науките и уметностите од 1994 година […]

Лиана Коњарски од Мелбурн – најдобра одбојкарка во Премиер 1 лигата на Викторија

Македонката Лиана Коњарски од Мелбурн постигна голем спортски успех во Австралија. Со својот клуб „Yarra Ranges Volleyball Club“ ја освои шампионската титула во женската Премиер 1 конкуренција, а нејзините одлични игри беа крунисани со две големи индивидуални признанија – за највреден играч (MVP) и за најдобар техничар (Best Setter) во лигата. Гордост и радост владеат […]

To top