Состојбата со водата е значително подобрена, а последните лабораториски наоди покажуваат позитивни резултати. Сепак, потребно е дополнително време пред таа официјално да биде прогласена за исправна за пиење, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Тој посочи дека конечната одлука ќе ја донесе Агенцијата за храна и ветеринарство, откако надлежните испитувања ќе потврдат дека водата ги исполнува сите пропишани услови.
„Состојбата со водата е значително подобрена, последните наоди се подобри, но потребно е време таа да биде прогласена за исправна за пиење. АХВ ќе го направи тоа кога ќе биде потврдено дека водата е и хемиски и бактериолошки исправна“, изјави Ангелов.
До официјалното известување од надлежните институции, граѓаните треба да продолжат да ги почитуваат издадените препораки и водата да не ја користат за пиење.