Досиеја

Мане Јаковлески и Ресторанот „Ново Скопје“ под надзор на Штази во поделениот Берлин

Македонска Нација

Македонска Нација

Повеќе од три децении не знаев дека источногерманската тајна служба – Штази – собирала информации за мене, за моите движења и контакти, како и за рестораните „Ново Скопје“ и „Македонија“ во Западен Берлин.

За тоа дознав дури во 2017 година, благодарение на мојот близок германски пријател Матија Дорнфелд, кој работеше во Министерството за надворешни работи на Германија. Денес, за жал, тој не е меѓу живите. Бог да го прости.

Матија беше искрен пријател на Македонија и човек кој со години ми помагаше во активностите за афирмација на Македонија во Берлин. Заедно со него и со тогашниот македонски амбасадор во Берлин Срѓан Керим, директорот на Европската академија, Штратеншулте, и неговиот заменик Шонка, организиравме трибини, изложби, помагавме на туристичката Берза, Зелена недела и други настани на кои пред германската јавност ги претставувавме Македонија, нејзината историја, култура и традиција.

Матија неколкупати ја посети Македонија. Ми помагаше и при промоцијата на македонските вина и други македонски производи што ги увезував и претставував во Берлин. Со негова помош беше остварено и едно за мене особено значајно културно гостување – доаѓањето на Националниот ансамбл „Танец“ во Берлин.

Нашето пријателство се градеше со години, преку бројни активности посветени на Македонија. Токму затоа имав доверба во него кога во 2017 година ми соопшти нешто што искрено ме изненади.

Ми рече дека има сознанија дека Штази водела досие за мене и дека во нејзините документи се наоѓало моето име и рестораните „Ново Скопје“ и „Македонија“.

До тој момент не знаев дека моето име и „Ново Скопје“ и „Македонија“ биле предмет на интерес на источногерманската тајна служба.

Таа информација беше причината да решам да ја побарам вистината директно од германските архиви.

Не сакав да останам на кажаното. Сакав да ги видам документите и самиот да дознаам зошто Штази се интересирала за мене.

Гојко и Мане Јаковлески во Ново Скопје во Берлин

Така, во 2017 година, започна моето истражување на едно досие создавано децении порано – без мое знаење.

На 30 ноември 2017 година побарав пристап до документите.

На 20 јуни 2018 година го добив одговорот. Предметот го носеше бројот 016824/17Z, а ми беа доставени првично дваесет страници од повеќе архивски единици.

Од §105 и „Kurier“, преку ZOV „Canaria“ и IMS „Toni“, до вистината што ја откриваат архивите.

Кога тие документи денес ќе се наредат хронолошки и ќе се споредат со дополнителните податоци што можат да се најдат во германските архиви, се појавува многу појасна слика.

Штази не го запишала моето име случајно.

Постоел конкретен налог за мое набљудување. Биле проверувани моите патувања и контакти. Моето име било поврзано со оперативниот предмет ZOV „Canaria“. Во документите се појавуваат §105 StGB и ознаката „Kurier“. Подоцна таен соработник со кодно име IMS „Toni“ ги проверувал рестораните „Ново Скопје“ и „Македонија“.

Но што точно барала Штази и зошто?

Најраниот документ што досега го имам и кој покажува конкретна оперативна мерка против мене е од 31 октомври 1982 година.

Станува збор за: „Auftragsersuchen – Beobachtung“

односно: „Барање за набљудување“.

На документот стои моето име: Јаковлески Манојло.

А задачата е формулирана директно: „In der Zeit von Einreise bis Ausreise beobachten.“

Односно: „Да се набљудува во периодот од влегувањето до излегувањето.“

Тоа е првата точка од која, врз основа на досега достапните документи, можам со сигурност да кажам: Штази наредила мое набљудување.

Можно е интересот за мене да започнал и порано. Но засега немам документ што би го докажал тоа.

Затоа 31 октомври 1982 година останува почетната точка на документарно потврденото следење. §105 и „Kurier“ – што барала Штази?

Во налогот стои уште нешто многу поважно: „Strafbare Handlungen gemäß § 105 StGB (Kurier)“

  • 105 се однесувал на она што комунистичкиот режим го нарекувал: „staatsfeindlicher Menschenhandel“.

Источногерманските власти ја користеле оваа категорија во борбата против организираното помагање при бегство и нелегалното префрлање луѓе од Исток кон Запад.

Во налогот од 1982 година се појавува уште една клучна ознака: ZOV „Canaria“.

Стои: „Im Rahmen des ZOV ‚Canaria‘ wurde bekannt…“

Долго време само од тие зборови не можев да знам што точно била „Canaria“.

Во архивскиот попис на Bundesarchiv предметот е опишан како: „Beobachtung, Aufklärung und Unterwanderung der Schleuserorganisation Schütz/Quasner“

односно, набљудување, разузнавање и инфилтрирање на организацијата Schütz/Quasner, која Штази ја третирала како организација за префрлање луѓе.

Уште позначајно е што во описот на „Canaria“ се наведуваат: IM–Berichte – извештаи на неофицијални соработници; Sachstandsberichte – извештаи за состојбата; и информации за: „geplante und verhinderte Schleusungen“ – планирани и спречени префрлања луѓе.

Schütz/Quasner – уште една коцка од мозаикот

Ова ново откритие помага да се разбере и еден тешко читлив дел од оригиналниот налог. Во него се појавува упатување на лице поврзано со Schütz/Quasner, кое Штази го третирала како курир.

Во документот се наведува дека во еден случај сум влегол во Источен Берлин заедно со лице што службата го поврзувала со тој оперативен контекст.

Кога порано го читавме документот, името Schütz/Quasner не можеше без дополнителна потврда сигурно да се протолкува.

Сега официјалниот архивски опис на „Canaria“ директно ја наведува: „Schleuserorganisation Schütz/Quasner“.

Тоа повторно не докажува дека јас сум бил дел од таа организација.

Но објаснува зошто контакт или заедничко патување со лице кое Штази го поврзувала со неа можело да предизвика оперативен интерес кон мене.

„Ново Скопје“ – место каде се среќаваа многу луѓе

Во тие години „Ново Скопје“ беше познато место на Македонците во Западен Берлин, но во него доаѓаа и многу други луѓе од тогашна Југославија.

Доаѓаа на јадење, на средби, на разговор, се разменуваа информации.

Во тие кругови се зборуваше и за луѓе што учествувале во префрлање жени и други лица од Источен во Западен Берлин. Некои воспоставувале врски со жени од Источен Берлин и подоцна склучувале брак, додека за други се зборуваше дека биле дел од нелегално префрлање луѓе за пари.

Многумина од тие луѓе доаѓаа и во „Ново Скопје“.

Тајните писма од затворите

Од овој период паметам уште нешто што денес добива сосема поинакво значење.

Некои луѓе што биле откриени од источногерманските органи биле уапсени и затворени. Од нив понекогаш до Западен Берлин стигнуваа тајни писма и пораки.

Некои од нив стигнуваа и во „Ново Скопје“. Пораката во суштина беше: Предупредете ги тие и тие луѓе да не влегуваат во Источен Берлин – може да бидат уапсени.

Според моето сеќавање, и мојот тогашен ортак со кого заедно го водевме „Ново Скопје“ бил поврзан со такви активности. Тој беше уапсен и осуден на повеќегодишна затворска казна поради префрлање на неговата тогашна девојка од Источен во Западен Берлин.

И тука се наметнува едно од централните прашања на целото досие: Дали Штази дознала дека преку „Ново Скопје“ се пренесуваат вакви пораки?

Во еден од оперативните записи постои уште една трага што не треба да се испушти: односно: „индиректна врска со KMB Schweiz (1983)“.

Ова покажува дека Штази забележала некаква индиректна врска со структура означена како KMB Schweiz.

Од материјалите што досега ги имам не може сигурно да се утврди што точно означува кратенката KMB, за која организација станувало збор и што подразбирала наведената „индиректна врска“.

Затоа тоа останува уште една трага за понатамошно истражување.

Следниот конкретен документ е од 11 мај 1984 година.

Во документацијата на HA VI стои: JAKOVLESKI, MANOJLO.

Регистрирани се моето влегување во источен Берлин и излегување, бројот на патната исправа и државјанството. Тоа покажува дека интересот што го гледаме во налогот од 1982 година не завршил тогаш.

Во 1984 година моите преминувања сè уште биле евидентирани.

Во други записи се појавува и: „Erfaßt für HA VI/1“ – евидентиран за HA VI/1.

11 јули 1984 – IMS „Toni“ го проверува „Ново Скопје“

 „Novo Skopje“
Kurfürstendamm 38
West-Berlin.

Во документот стои:

„Das Objekt wurde durch IMS ‚Toni‘ am 11.07.1984 aufgeklärt.“

Односно: „Објектот беше оперативно проверен од IMS ‘Toni’ на 11 јули 1984 година.“

Биле собрани податоци за мене, мојата адреса и телефон, персоналот во ресторанот, посетеноста, структурата на гостите и начинот на функционирање на ресторанот.

Особено е интересна забелешката дека: редовните гости и добрите познаници можеле да останат и по завршувањето на работното време.

Како ме опишувала Штази?

Во материјалот сум опишан како: „Macedonier und polit. Emigrant“ односно: „Македонец и политички емигрант“.

Во истиот запис постои и негативно тврдење дека наводно сум бил активен во „матни работи“.

Истовремено, во истиот документ стои: „Hinweise auf nationalist. Gruppen wurden nicht bekannt.“  Односно: „Не беа утврдени сознанија за националистички групи.“

Во оперативните белешки се појавува и упатување: „siehe auch ‘Makedonia’“ – „види и „Македонија“ вториот мој  ресторан во Берлин.

Ова покажува дека интересот на Штази кон мојата околина не бил ограничен само на една адреса и само на „Ново Скопје“.

Ноември 1984 – кои се моите контакти?

Во ноември 1984 година следува нов чекор.

Издадено е: „Auskunftsersuchen zur Person“ – барање за информации за лице.

Повторно: Јаковлески Манојло.

Овојпат конкретно се бараат: „Reisetätigkeit“ – патувањата,

И „Erfaßte Verbindungen“ – евидентираните врски и контакти.

Потоа: проверка на Рестораните „Ново Скопје“ и „Македонија“ преку IMS „Toni“.

И потоа: проверка на моите контакти.

На 20 март 1985 година, Abteilung XXII/4 составила поширок: „Sachstandsbericht“ за југословенските емигрантски сили и организации и за оперативните мерки на MfS.

Овој документ не е лично досие само за мене, но во него повторно се појавуваат: „Ново Скопје“ и моето име.

Под делот: „von Mazedoniern“ – „од Македонците“, Штази го опишува ресторанот со две исклучително значајни реченици:

„Ist ein Konzentrationspunkt in WB lebender Mazedonier.“ Односно: „Претставува собиралиште на Македонците што живеат во Западен Берлин.“

И: „In der Gaststätte wird in begrenztem Maße mazedonische Traditionspflege betrieben.“ Односно: „Во ресторанот во одредена мера се негува македонската традиција.“

Така настана една историска иронија.

Службата што го проверувала „Ново Скопје“ од оперативни причини, истовремено оставила писмено сведоштво за неговото место во животот на македонската емиграција во Западен Берлин.

И постои ли конечен извештај од моето набљудување во кој Штази запишала што навистина утврдила и зошто понатаму го продолжила или прекинала интересот за мене?

Одговорите на тие прашања можеби сè уште се наоѓаат во архивите во Берлин.

А дотогаш документите што ги имаме кажуваат доволно за една важна историска вистина: Штази се сомневала, проверувала и набљудувала. Но сомнението не е исто што и доказ.

И зад целата оперативна документација останува уште едно сведоштво што Штази веројатно никогаш немала намера да го остави за историјата:

„Ново Скопје“ било собиралиште на Македонците во Западен Берлин и место каде се негувала македонската традиција.

Има уште многу документи кои за сега не ми се достапни, продолжувам да истражувам.

Најново од: Досиеја

Предлог за пласирање информација во МНЕ и пошироко – обид преку интриги да се внесе раздор во ДООМ

Документ од Службата за државна безбедност од 1987 година открива разработен план преку Мане и Гојко Јаковлевски да се наруши угледот на Драган Богдановски во македонската емиграција и да се создадат недоверба и внатрешни поделби во круговите на македонското национално движење. Македонските безбедносни служби од своето формирање по Втората светска војна, па до осамостојувањето на […]

Киднапирањето на Драган Богдановски во Париз – операцијата на СДБ против претседателот на ДООМ

Во 1977 година, среде Париз, Драган Богдановски – претседател на Движењето за ослободување и обединување на Македонија (ДООМ) и еден од најактивните македонски политички емигранти – бил киднапиран и тајно пренесен во Југославија. Следувале 18 месеци изолација и истрага, судење зад затворени врати и пресуда од 13 години затвор. Документите од неговото досие откриваат до […]

Што видел Ниче Димовски-Македон додека седум дена бил во кома?

Во 1997 година, на 33-годишна возраст, Ниче Димовски-Македон, по тешка операција на хранопроводот во Германија, паднал во кома која траела седум дена. Преживеал, а подоцна пишувал за своите сеќавања од „другиот свет“. Години подоцна јавно изјавил дека доживеал клиничка смрт и дека имал необични визуелни слики, меѓу кои и визии поврзани со гробот на Александар […]

Членска книшка на Македонски женски сојуз од 1926 до 1934 година – сведоштво за стремежот кон слободна и независна Македонија

Членската книшка е печатена во Бугарија, а оригиналниот текст е на бугарски јазик и со тогашниот бугарски правопис, бидејќи женската организација била формирана и дејствувала во Бугарија. Македонскиот женски сојуз бил организација на жени бегалци од Македонија, формирана во Бугарија. Дејствувал во периодот од 1926 до 1934 година и одржувал контакти со ВМРО. Во почетокот […]

Вистината за „Сина птица“ – (Документи)

Патриоти вовлечени во опасна игра и видеокасетата што случајно ја откри аферата Аферата „Сина птица“ од 1992 година не може да се разбере ако се гледа само низ една видеоснимка или еден состанок во Кочани. За да се разбере што навистина се случуваше, мора да се вратиме во годините кога Југославија се распаѓаше, кога во […]

Тајните досиеја сведочат: Мане и Гојко Јаковлески членови на ДООМ под надзор поради македонската кауза во Берлин

Транскрипција на службена белешка од 16 октомври 1978 година РСВР на СРМ СДБ – Скопје Испостава на СДБ Струмица [прецртано] Струмица, 16.10.1978 год. Евиденција бр. 132/18-266 17.10.1978 год. СЛУЖБЕНА БЕЛЕШКА Извор: [прецртано] Објект: Емиграција Лица: Гојко Јаковлевски, емигрант во Берлин Мане Јаковлевски, емигрант во Берлин Стојан Ковачев од Струмица, на привремена работа во Париз – […]

Архивски документ: Љупчо Георгиевски го овластува Мане Јаковлески да ја претставува ВМРО-ДПМНЕ во Европа

ВМРО – Демократска партија за Македонско-национално единство Централен управен одбор Бр. 224/92 30.10.1992 год. Скопје ИЗВРШЕН КОМИТЕТ НА ВМРО-ДПМНЕ Скопје РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА Рег. бр. 38 [нечитлив знак] 3552/1 ГУВР–Скопје ПРЕДМЕТ: ПОЛНОМОШТВО Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ (Република Македонија), има чест да го ополномошти г. Манол Јаковлески (роден на 1.02.1951 год., во Гостивар, Република Македонија), кој сега […]

To top