Европа не може од кандидатите да бара европско однесување, а од членките да прифаќа секое условување
Македонија заслужува јасен одговор: дали патот кон Европската Унија се отвора со исполнување на европските критериуми или со бескрајно прифаќање нови политички услови?
Од одговорот на ова прашање зависи довербата во европската идеја. Граѓаните треба да знаат што се очекува од нивната држава и што ќе следува кога таа ќе ги исполни обврските. Без таа предвидливост, секое ново ветување станува потешко за верување.
Ако правилата се европски, тогаш мора да важат еднакво за сите.
Владеење на правото, функционални институции, борба против корупцијата, независно судство и почитување на човековите права — тоа се обврски што Македонија треба да ги исполнува. Пред сè поради сопствените граѓани, кои заслужуваат праведна и уредена држава. Но тие имаат право да очекуваат дека ЕУ чесно ќе го вреднува постигнатиот напредок.
Кога во пристапниот процес се внесуваат билатерални спорови и барања што навлегуваат во националниот идентитет, се нарушува смислата на оценувањето според заслуги. Тогаш реформите можат да станат недоволни, затоа што напредувањето зависи и од политичката волја на соседот.
И во областа на безбедноста и одбраната, Македонија има што да покаже. Усогласувањето со заедничката надворешна, безбедносна и одбранбена политика на ЕУ е дел од пристапниот процес, а нашата држава е полноправна членка на НАТО од 27 март 2020 година. Македонија веќе презема сојузнички обврски и придонесува за заедничката безбедност.
Ако сме партнери во одговорноста за одбраната на Европа, заслужуваме и чесно вреднување на нашиот напредок кон европското членство.
Истото прашање се поставува и кога станува збор за граничната безбедност. Македонија, во соработка со европските партнери и Фронтекс, учествува во управувањето со нерегуларните миграциски текови и во борбата против криумчарските мрежи што пренесуваат луѓе кон ЕУ. За таа соработка добива признанија и пофалби. Но како таа доверба се преточува во нејзината европска перспектива?
Кога треба да се преземе товарот за заедничката безбедност, Македонија е потребен и доверлив партнер. Кога треба да се вреднува нејзиниот напредок кон рамноправно членство, повторно се испречуваат политички условувања. Зарем европската одговорност не треба да биде проследена и со европска доследност?
Токму тука е одговорноста на Европската Унија. Таа мора да покаже дека нејзините критериуми имаат тежина и дека исполнувањето на договореното навистина отвора врата.
Не може од кандидатите да се бара европско однесување, а од членките да се прифаќа секое условување како неприкосновено право.
Членството носи и одговорност кон вредностите врз кои почива Унијата. Правото на една држава да учествува во заедничките одлуки треба да се користи за заштита на тие вредности. Кога тоа право станува средство за наметнување сопствени историски и идентитетски толкувања, се нарушува и кредибилитетот на самата Унија.
Македонија треба да разговара со Бугарија. Соседи сме и ќе останеме соседи. Имаме обврска да бараме соработка, да ги намалуваме недовербата и тензиите и да создаваме подобри услови за идните поколенија. Но одржливото добрососедство бара заемно почитување. Македонскиот народ има право на сопствено национално чувство, јазик и историска меморија, исто како и секој друг народ.
Европското решение мора да го почитува тоа достоинство и да обезбеди сигурност дека по исполнувањето на една обврска нема да се појави нова пречка, придружена со веќе познатото: „Само уште ова.“
И владеењето на правото мора да се мери со ист аршин. Ако од Македонија се бараат одговорност и еднаквост пред законот, тие начела треба доследно да се почитуваат и во односите меѓу државите. Судските постапки и прашањата на правдата бараат институционална соработка, ослободена од дневнополитички пресметки.
Предолгата неизвесност има цена. Таа ја троши довербата, го обесхрабрува човекот што сака да ја гледа иднината дома и создава чувство дека вложениот труд нема да биде праведно вреднуван. Европа треба сериозно да ја сфати таа фрустрација.
Европската перспектива мора да биде доволно јасна за граѓаните да можат во неа да ја препознаат сопствената иднина.
Јас ја поддржувам Македонија како полноправна членка на Европската Унија. Сакам нашите деца да живеат во држава со европски можности, сигурни институции и заштитени права. Токму затоа очекувам Унијата да биде доследна на сопствените принципи.
Нашата обврска е да ја уредуваме Македонија.
Обврската на Европската Унија е чесно да го вреднува направеното и да стои зад преземените ветувања.