При денешната посета на Дреново, Радиовце, Седларце и Брвеница, Мицкоски повика на поддршка за Радичевски на 1 ноември, а кандидатот за градоначалник се заблагодари за довербата и изрази очекување за победа во вториот круг.
Кандидатот за градоначалник на општина Брвеница од ВМРО-ДПМНЕ, Стојанчо Радичевски, заедно со премиерот и претседател на партијата, Христијан Мицкоски, денеска оствари теренска посета и средби со граѓаните во Дреново, Радиовце, Седларце и Брвеница.
Од средбите беа упатени пораки за обединување на жителите, зачувување на меѓусебната почит и продолжување на реализацијата на проектите во општината.
„Денеска од овде, од општина Брвеница, заедно со идниот градоначалник на општина Брвеница, Стојанче, нашиот Цоки, испраќаме порака во која зборуваме за единство, за заедништво, за обединување“, изјави Мицкоски.
Тој ги повика граѓаните на изборите на 1 ноември да го поддржат Радичевски, нагласувајќи дека резултатот ќе испрати порака и надвор од границите на општината.
„Би сакал да ги повикам жителите на општина Брвеница, кога ќе излезат на следните избори, да размислат добро за кого ќе гласаат, бидејќи пораката што ќе ја испратат не е само порака за општина Брвеница, туку е и порака за цела Македонија“, рече Мицкоски.
Во своето обраќање тој упати критики кон политичките противници, обвинувајќи ги за создавање поделби по етничка линија и за настојување да ги зачуваат сопствените политички кариери. Наспроти тоа, поддршката за Радичевски ја претстави како избор за развој и подобра иднина.
„Едната опција е опцијата што нуди криминал и поделби, а опцијата што ние ја промовираме, зад која застанавме, зад идниот градоначалник на општина Брвеница, Стојанче Цоки, е опција на развој, опција на обединување, опција на иднина“, истакна Мицкоски.
Посебно порача политичките разлики да не ги нарушат односите меѓу жителите, кои ќе продолжат да живеат заедно и по изборите.
„Немојте да дозволите да ве делат, затоа што после 1 ноември ќе дојде 2 ноември. Тие ќе заминат и можеби никогаш повторно нема да се вратат, а вие ќе останете да живеете едни покрај други и едни до други“, порача Мицкоски.
На крајот, тој ги повика гласачите на 1 ноември да го заокружат бројот 1.
„Затоа да ја препознаеме заедно оваа шанса, да го заокружиме бројот 1 и на 1 ноември да славиме заедно голема победа за Брвеница и за Македонија“, рече Мицкоски.
Радичевски, пак, истакна дека со поддршка на Владата и премиерот се реализираат повеќе проекти во општината. Тој му се заблагодари на Мицкоски за поддршката на активностите што се во тек, за кои, како што посочи, било говорено и во изминатите денови.
Кандидатот за градоначалник упати благодарност и до граѓаните што му ја дале довербата во првиот изборен круг.
„Очекувам поголема поддршка во вториот изборен круг, очекувам и победа да славиме сите заедно“, порача Радичевски.














