„Една Брвеница за сите“ е визија за рамномерен развој, еднакви можности и почит кон секој човек, порача кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник, Стојанчо Радичевски, на завршниот митинг пред вториот круг од локалните избори.

Обраќајќи им се на присутните, Радичевски истакна дека нивната сплотеност е порака оти Брвеница сака развој, напредок и подобри услови за живот, но и обврска довербата да се оправда со конкретни дела.
„Вечерва ви се обраќам како ваш пријател, познаник и сосед, како човек кој ја сака Брвеница и сака нашата општина да биде успешна“, рече Радичевски.
Тој нагласи дека секој разговор со граѓаните и секоја искажана потреба носат одговорност што бара посветеност, присуство на терен и конкретна работа. Меѓу приоритетите ги издвои водоснабдувањето, локалните патишта, зимското одржување, условите во училиштата и можностите за младите.
Општината им припаѓа на сите, без исклучок
Радичевски упати порака дека Брвеница не припаѓа на една партија или на една етничка заедница, туку на сите граѓани, без разлика на нивната етничка, верска или политичка припадност.
„Сакам да бидам јасен, оваа општина не припаѓа на една партија, ниту на една етничка заедница. Брвеница е на сите што живеат овде во Брвеница, Седларце, Стенче, Волковија, Блаце, Милетино, Радиовце, Челопек и Гургурница, на сите без исклучок“, порача тој.
Според него, никој не смее да биде исклучен, потценет или заборавен. Граѓаните и по изборите ќе продолжат да живеат едни покрај други, да ги споделуваат истите предизвици и да работат за подобра иднина. Затоа, нагласи, неопходни се дијалог, меѓусебна почит и заедничка одговорност.
Македонците, Албанците, Турците и припадниците на сите други заедници, додаде Радичевски, треба да имаат еднакви можности, достоинствени услови за живот и перспектива за своите семејства.
„Развојот на општината не смее да познава поделби. Секое населено место заслужува внимание, секој граѓанин заслужува почит, а секоја добра идеја заслужува поддршка“, истакна Радичевски.
Можности за младите да останат на своето огниште
Квалитетното образование, подобрата инфраструктура и создавањето услови за економски развој, според Радичевски, бараат долгорочна посветеност. Целта е младите да можат да работат, да создаваат и да ги градат своите домови во општината во која пораснале, покрај своите родители и семејства.
Тој посочи дека „Една Брвеница за сите“ е визија за долгорочен и рамномерен развој што ги опфаќа сите населени места, сите генерации и сите граѓани. Нејзиното остварување, нагласи, бара соработка, јасни приоритети и конкретни проекти што ќе донесат подобар живот.
На крајот, Радичевски ги повика граѓаните во недела, на 1 ноември, да излезат на гласање и да го поддржат бројот 1.
„За нашата општина, за нашите деца и за нашите идни генерации, во недела ве повикувам да ја продолжиме идејата за една Брвеница за сите, да гласаме за бројот 1, да ја заокружиме заедничката победа, да ја сочуваме силата на единството. Една Брвеница за сите“, порача Радичевски.
