ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека во вториот круг од изборите за градоначалник на Брвеница освоиле околу 4.200 гласа, односно 1.200 повеќе во споредба со првиот круг, но дека поддршката не била доволна за победа на нивниот кандидат.
Во соопштението од 2 ноември, партијата истакнува дека настапила со визија, програма и конкретни проекти за развој на општината и за подобар живот на сите граѓани.
„Една Брвеница за сите“ е концепт со кој, како што посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ, биле нагласени единството, соживотот, меѓусебната почит, инфраструктурните инвестиции и подобрувањето на условите за живот. Наспроти тоа, партијата ги обвинува политичките противници дека изборната трка ја насочиле кон етнички поделби, наместо кон натпревар на идеи и програми.
„Сами против сите“
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека во вториот круг се соочиле со обединет настап на политичките опоненти, при што упатуваат критики кон ДУИ, СДС, Левица и кон својот коалициски партнер ВРЕДИ.
„Ние сами против сите, и благодарение на довербата која ни ја дадоа имаме значителен раст на бројот на гласовите“, наведуваат од партијата.
Според бројките изнесени во соопштението, поддршката пораснала од околу 3.000 гласа во првиот на околу 4.200 гласа во вториот круг. Во споредба со парламентарните избори, од партијата наведуваат раст од 1.300 гласа.
ВМРО-ДПМНЕ ги обвинува СДС и Левица дека по четвртото и петтото место во првиот круг, во вториот круг дејствувале во корист на ДУИ. Посебни критики се упатени кон ВРЕДИ, за која велат дека ја пропуштила можноста да покаже поинаков пристап и да се издигне над етничкиот национализам.
Граѓаните очекуваат проекти и резултати
Во соопштението се нагласува дека по изборите сите жители на Брвеница, и Македонците и Албанците, очекуваат развој, конкретни проекти и подобри услови за живот.
Од партијата порачуваат дека резултатите и исполнувањето на потребите на граѓаните треба да бидат поважни од партиската или етничката припадност на градоначалникот.
„Брвеница нема да биде заборавена. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да инвестира, да вложува и да гради за развој на општината и подобри услови за живот на граѓаните“, се наведува во соопштението.