Премиерот Христијан Мицкоски порача дека државата го следи случајот со „Алта банка“ и уверува дека штедачите и доверителите ќе бидат целосно обесштетени, дури и доколку банката заврши во стечај. Тој ги повика граѓаните да останат спокојни и да не подлегнуваат на шпекулации и ширење паника.
Одговарајќи на новинарско прашање на 5 ноември, Мицкоски оцени дека станува збор за проблем пренесен од соседна Србија. Според него, случајот не може да се изедначува со пропаѓањето на „Еуростандард банка“, за кое упати обвинувања кон претходната власт.
Премиерот посочи две можни сценарија за „Алта банка“ во Македонија: обезбедување купувач кој ќе ја консолидира банката или, доколку тоа не успее, отворање стечајна постапка.
Неговата порака е дека и во најнеповолното сценарио, штедачите и компаниите што имаат побарувања од банката ќе бидат обесштетени.
„Секој доверител, дали е тоа штедач или компанија, ќе биде обесштетен до последниот цент“, изјави Мицкоски.
Според проверките на кои се повика премиерот, меѓу 95 и 96 проценти од штедачите имаат влогови до 30.000 евра, за кои рече дека се целосно загарантирани. За останатите доверители, чии побарувања би се наплатувале во евентуална стечајна постапка, тој оцени дека активата на банката е доволна за нивно намирување. Според неговите информации, таа е два до три пати поголема од побарувањата.
Мицкоски нагласи дека државата располага со инструменти и го следи процесот, повторувајќи го уверувањето дека никој нема да остане необесштетен.
Во однос на преземањето на поранешна „Стопанска банка Битола“ од српската „Алта банка“, премиерот рече дека, според информациите со кои располага, биле спроведени законските постапки и биле добиени позитивни мислења од надлежните институции. Тој објасни дека приватните акционери ги продале своите акции, по што следувало преземањето и ребрендирањето на банката.
Посебна загриженост изрази за можните последици врз македонските компании што соработуваат со партнери од Србија. Како што наведе, неколку домашни компании веќе побарале помош од Владата бидејќи нивните деловни партнери се соочувале со блокирани средства во српската банка.
Според Мицкоски, продолжувањето на ваквата состојба може да предизвика проблеми со наплатата, затворање бизниси и губење работни места, со последици и за македонската економија.
Премиерот ја обвини опозициската СДСМ дека преку јавните настапи создава страв кај граѓаните и го отежнува привлекувањето потенцијален купувач. Тој оцени дека случајот се користи за политички поени и го повика Јавното обвинителство да ги разгледа постапките што ги означи како „саботажа“.
Мицкоски го заврши обраќањето со повторен апел до граѓаните да бидат спокојни и со уверување дека државата ќе постапува за заштита на интересите на штедачите и доверителите