Доказ за „демократијата“ во Бугарија, членка на ЕУ?
Во аудиоснимките што ги објави бугарскиот новинар Станислав Цанов, Ива Михаилова зборува за притисок од бугарската служба ДАНС и за закани дека ќе ѝ биде ускратена рехабилитацијата.
Случајот на Ива Михаилова, кој дел од бугарските политичари и медиуми го претставуваа како пример за дискриминација во Македонија, сега отвора прашања за постапувањето на институциите во самата Бугарија. Во разговорите со Цанов, Михаилова тврди дека лица од бугарската Државна агенција за национална безбедност (ДАНС) ѝ одредувале кај кој новинар да гостува и за што смее да зборува.
Дали рехабилитацијата била условена со интервју?
Михаилова раскажува дека веќе имала договорено снимање со Цанов кога ѝ било кажано дека прво мора да гостува кај бугарскиот новинар Мартин Карбовски. Според неа, предупредувањето било конкретно. Ако сними интервју на друго место пред да гостува кај Карбовски, снимката ќе биде избришана, а таа ќе остане без рехабилитацијата што ѝ е потребна.
Станувало збор за специјализирана и скапа рехабилитација, чии трошоци, според нејзиното раскажување, бугарската држава претходно ветила дека ќе ги покрие. Ветената поддршка ги опфаќала и адвокатските трошоци. Михаилова вели дека потоа ѝ било кажано дека може да ја загуби и таа помош.
„Рехабилитацијата ми зависи од нив“, му вели Михаилова на Цанов. Со тие зборови објаснува зошто, според нејзиниот исказ во разговорот, ги прифатила барањата за тоа каде и кога ќе зборува јавно.
„Како да си заложник“
Во разговор снимен по гостувањето кај Карбовски, Михаилова му кажува на Цанов дека го исполнила својот дел. За деновите пред настапот зборува како за период на тежок психички притисок. Вели дека по телефон не може да зборува слободно и дека од неа било побарано одредени работи да премолчи.
„Ова звучи како да си некаков заложник кој го прави она што тие го сакаат“, ѝ одговара Цанов.
„Изгледа сите сме така, ние што сме се заплеткале со државата“, возвраќа Михаилова.