Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Брисел порача дека проширувањето на Европската Унија треба да се темели на заслугите на земјите кандидати, на спроведените реформи и на конкретните резултати. Тој се обрати на Форумот за проширување на ЕУ („EU Enlargement Forum 2026“), во организација на Европската комисија.

Мицкоски истакна дека Македонија е посветена на спроведувањето на Реформската агенда и на модернизацијата на институциите. Тој посочи дека земјата е целосно усогласена со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и дека реформите треба да придонесат за поодговорни, поефикасни и потранспарентни институции.
Како конкретни придобивки за граѓаните, премиерот ги наведе учеството на Македонија во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА) и претстојната примена на принципот „Роаминг како дома“.
Во обраќањето Мицкоски се осврна и на условувањата поврзани со уставните измени, кои, според него, задираат во идентитетски прашања и го потиснуваат вреднувањето на реформскиот напредок. Тој нагласи дека Македонија останува конструктивна и посветена на изнаоѓање решенија и дека нејзината европска перспектива треба да биде јасна, предвидлива и заснована на европските принципи и критериуми.