
Фиданка Танаскова
Посети и дружење за незаборав
Д-р Ицо Најдовски Перин од Мелбурн помина два месеца во родната земја, исполнети со средби, патувања и дружење.
Летово, во своја Македонија, на балканската крстосница во јужниот дел на Европа, допатуваа илјадници наши сонародници од различни генерации, кои низ годините заминале на разни страни од светот. Оживеаја многу места, се отворија закатинчени порти и се обновија стари пријателства. Многумина со гордост истакнуваа дека долго ќе ги паметат деновите поминати таму каде што им се корените, исполнети со патувања, видувања и дружби со најблиските, со пријатели и другари, со знајни и незнајни.
Меѓу нив беше и д-р Ицо Најдовски Перин од Мелбурн, познат активист, родољуб, истражувач, професор, автор на бројни научни трудови и книги и радиоводител. Со години во Австралија тој се занимава со историјата и животот на македонските доселеници, со нивното организирање и со нивните културни и образовни активности. Во својата работа ги бележи и успесите и тешкотиите на македонската заедница во таа мултиетничка средина на Петтиот континент.

Ицо Најдовски Перин се сретна со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија, каде што првпат беа претставени документарниот филм „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“, дел од проектот на Петро Алексовски, Македонец кој живее во Полска.
За време на престојот разговараше и со наши сонародници од Егеј, Пирин и Мала Преспа, присуствуваше на свеченото одбележување на јубилејот на Матицата на иселениците од Македонија и учествуваше на предавања и промоции на книги. Имаше и повеќе медиумски настапи, меѓу кои и во проектот „Колегиум“ на ТВ Алфа.
Најпрво, во своето Оптичари, близу Битола, Ицо се прошета низ роднокрајните атари, присетувајќи се на деновите од детството и младоста, поминати со другарите и комшиите. Во бабам Битола, седенките со кафе и локум на Широк сокак и одењето, нога за нога, низ старата чаршија и многубројните сокаци, секогаш му биле мерак. Посетуваше историски и културни знаменитости и духовни храмови, се задржуваше крај Драгор и на Тумбе Кафе, а од Пелистер уживаше во панорамата на Пелагонија.
Ицо Најдовски Перин ги посети и Прилеп, Охрид, Ресен, Љубојно, Велес, Струмица и други градови и села ширум Македонија. Во Скопје го посети и Институтот за национална историја, каде што докторирал на тема „Македонско-австралиски народен сојуз (1946–1958)“.
Во главниот град имаше средби со роднини и пријатели, со политичари, бизнисмени, соработници, историчари и новинари. Со колегите од медиумите го поврзува и неговата долгогодишна работа како водител и уредник на „Трипл зед“ во Мелбурн, Викторија, една од најслушаните радиопрограми на македонски јазик.
Сè на сè, нашиот сонародник Ицо, кој со децении живее на Петтиот континент, ќе ги памети тие два месеца од 2026 година во својата родна, библиска Македонија.