Дел од западните научници што порано ја критикувале македонската историографија денес покажуваат поголемо разбирање за нејзините ставови, откако увиделе дека нивните критики се користат за политички цели. Ова го истакна историчарот Далибор Јовановски на конференцијата по повод 80 години од постоењето на Институтот за историја.
Настаните поврзани со евроинтеграцијата на Македонија влијаеле врз начинот на кој дел од западните историчари, политиколози, антрополози и фолклористи гледаат на македонската историографија, оцени Далибор Јовановски, раководител на Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје.
Тој говореше на научната конференција „Од национални приказни до испреплетени истории“, со која Институтот го одбележа својот 80-годишен јубилеј.
Јовановски потсети дека по падот на Берлинскиот ѕид, кога македонската историографија се осамостоила од пошироката југословенска историографија, таа се соочила со силни критики од западните научни кругови. Меѓутоа, настаните поврзани со нашата евроинтеграција ја променија таа критика. Сега ја имаме нивната поддршка и големи симпатии и треба да ја искористиме во наша полза, во иднина, со активно учество на меѓународни конференции надвор од Македонија и со активно учество во пишувањето статии или делови на книги. Секако, надвор од Македонија за да остане нивната поддршка, која многу ни значи во овој момент – нагласи Јовановски.
Тој посочи дека поголемото разбирање отвора простор за соработка и за пошироко претставување на македонските истражувања. За да се одржи таа поддршка, смета Јовановски, македонските историчари треба почесто да учествуваат на меѓународни конференции и да објавуваат научни трудови и поглавја во книги во странство. Притоа, нагласи дека ставовите треба да се потпираат на аргументи и да бидат отворени за научна проверка.
Испреплетените истории како предмет на научно истражување
Одговарајќи на новинарско прашање, Јовановски рече дека народите што во одредени периоди живееле во иста држава имаат испреплетени истории. Таа поврзаност, посочи тој, се гледа во политичкиот, општествениот, економскиот и културниот живот, па и во спортот.
„Проблемот е кога се сака да се исполитизира тоа заедништво и да се оттргне нашиот дел од тоа заедништво“, рече Јовановски.
Тој објасни дека темата на конференцијата е избрана за да се истражат тие историски врски и да се отворат за научна расправа. Како што нагласи, задачата на историчарите е да поставуваат тези и да ги проверуваат врз основа на достапните извори и аргументи.