Ковачки: ВМРО-ДПМНЕ воведува прв целосно дигитален процес на зачленување
ВМРО-ДПМНЕ од 1 септември започнува голема кампања за ажурирање на постојното членство и прием на нови членови. Кампањата ќе трае до 30 ноември, а за првпат во Македонија една политичка партија воведува целосно дигитален процес на зачленување и ажурирање на членството, соопшти генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, Драган Ковачки.
„Заедно за иднина – приклучи се!“
Со оваа порака ВМРО-ДПМНЕ од 1 септември започнува голема кампања за ажурирање на постојното членство и отворање на партијата за нови членови.
Во следните три месеци, до 30 ноември, сакаме да направиме уште еден голем чекор во развојот на ВМРО-ДПМНЕ – да изградиме посовремена, поорганизирана и уште посилна политичка организација, подготвена за иднината.
ВМРО-ДПМНЕ има повеќедецениска историја, силна организација и големо членство. Нашата сила се луѓето.
Тоа се луѓето кои со децении се дел од ВМРО-ДПМНЕ, кои верувале кога било тешко, работеле, се бореле и придонесувале. Но тоа се и новите генерации, кои денес имаат знаење, идеи, енергија и желба да учествуваат во создавањето на иднината на Македонија.
Затоа нашата порака е едноставна: обнови го членството, биди активен и биди дел од иднината.
Од 1 септември до 30 ноември секој постоечки член ќе може да ги потврди или ажурира своите податоци.
Истовремено, ги отвораме вратите на ВМРО-ДПМНЕ за секој граѓанин кој ја прифаќа нашата програма и сака да ни се приклучи.
Без препорака. Без потреба некој да ве воведе.
Ако имаш идеја – има место за тебе. Ако имаш знаење – има место за тебе. Ако имаш енергија и сакаш да придонесеш – има место за тебе.
Твоето место е со нас.
ВМРО-ДПМНЕ е отворена за нови знаења, нови вештини и нова енергија. Сакаме да го зачуваме она што сме го изградиле, но и дополнително да го надградиме.
Затоа правиме уште еден важен исчекор. За првпат во Македонија, една политичка партија воведува целосно дигитален процес на зачленување и ажурирање на членството.
Партиската Комисија за информатичка технологија изработи веб-апликација, која веќе е ставена во функција во општинските комитети. Мобилната верзија е доставена до „Гугл“ и „Епл“, а по нејзиното одобрување ќе биде достапна и на мобилните телефони, за што дополнително ќе ја известиме јавноста.
Тоа значи дека пријавувањето, верификацијата, прифаќањето на Статутот и потврдата на членството ќе можат да се завршат дигитално, преку телефон, за само неколку минути.
Тоа е ВМРО-ДПМНЕ која се менува во чекор со времето, ги користи новите технологии и гради модерна организација за новите генерации.
Но никого не оставаме зад себе.
Дигитализацијата е дополнителна можност, а не замена за досегашниот начин. Секој што сака лично да го ажурира своето членство или да се зачлени ќе може тоа да го направи во општинските комитети.
Од 1 септември до 30 ноември, секој ден од 17 до 20 часот, нашите општински комитети ќе бидат отворени за членовите и за сите граѓани кои сакаат да ни се приклучат.
Личните податоци, како и досега, ќе се обработуваат во согласност со Законот за заштита на личните податоци.
Во ВМРО-ДПМНЕ ги поврзуваме искуството и традицијата со новата енергија. Ги обединуваме луѓето кои со децении се дел од ВМРО-ДПМНЕ со оние кои денес првпат сакаат активно да придонесат.
Затоа ги повикувам нашите членови: ажурирајте го своето членство.
До сите оние кои досега не биле дел од ВМРО-ДПМНЕ, а веруваат дека можат да придонесат за посилна и поуспешна Македонија, нашата порака е:
Твоето место е со нас.
Заедно сме посилни. Заедно одиме напред. Заедно за иднина – приклучи се!
За ВМРО-ДПМНЕ. За Македонија, порача Ковачки.