Македонски легенди

Стале Попов

stale-popov

(25 мај 1902 – 10 март 1965)

stale-popovСтале Попов е македонски раскажувач и романсиер. Роден е во селото Мелница, Мариово. Произлегува од селска средина. Неговите стари, по традиција, биле земјоделци, но меѓу нив имало и школувани. Уште како дете бил сведок на тешкиот живот на своите соселани, кои живееле ропски живот под турските аги и бегови како обесправена раја. Неговите биле малку поимотни и културно поиздигнати, зашто од нив имало и свештеници. Основно образование завршил во с. Витолиште (Мариовско). Започнал да учи гимназија во Прилеп, а завршил богословија во Битола и Теолошки факултет во Белград. Сепак, тој никогаш не се запопил, а пред Втората светска војна работел како земјоделец, дрвар, овчар, трговец, бакал, службеник во тогашната Народна скупштина, општински чиновник, шумар, тутунски работник.

Во текот на НОБ го помагал партизанското движење, додека за време на бугарската окупација на Македонија бил интерниран во Неврокопско (Бугарија). По ослободувањето на земјата Стале Попов станува претседател на Околискиот народен одбор во Прилеп, потоа работи како управник на Шумската дирекција, за на крај, се до пензионирањето, да и се посвети на педагошката дејност како професор по македонски јазик во Прилеп и Скопје. Починал во Скопје на 10 март 1965. год.

Творештво

Стале Попов започнал многу рано да пишува, но како писател се оформил непосредно по ослободувањето. Првите раскази “Мице Касапче” и “Петре Андов” ги објавил во списанието “Современост”. Вистинска литературна афирмација доживеал со својот прв роман “Крпен живот” (1953). Веднаш потоа напишал цела серија свои дела и станал еден од најплодните романсиери и раскажувачи на нашата македонска литература. Следната година го издал вториот дел од “Крпен живот”, како и “Опасна печалба” (1954). Две години подоцна го објавил романот “Толе Паша”, а потоа и “Калеш Анѓа” (1958), “Дилбер Стана” (1958), “Мариовскиот панаѓур” (1961), “Мариовски раскази” и “Итар Пејо” (раскази). Во ракопис оставил богато литературно наследство од необјавена проза (раскази и романи). “Шаќир војвода” (роман), “Необично дете” (роман), “Доктор Орешкоски” (роман) и две збирки раскази.

Богатото и разновидно книжевно дело на Стале Попов по своите литературно-историски и уметничко-естетски вредности претставуваат значајна и валидна значенка на тековите и традицијата, движењата и резултатите на современета македонска литература. И повеќе од тоа, делото на Попов е веќе наша класика. Тоа е дел од вековната и неуништива трајност и опстојување, самобитност и непокор на македонскиот човек и на Македонија. Негов верен одраз, тестамент, авторот осознаен и препознат во својот народ и татковина и толкупати возвратната мерка на колективот кон својот автор и творец. Појавата и значењето на Стале Попов во современата македонска литература авторитетно и аргументирано Георги Старделов ги именува како историска неминовност. „Не ја бараше само Стале Попов нашата литература, туку и нашата литература го бараше својот Стале Попов. И го најде. И ни го донесе, бидејќи тој мораше да дојде, зашто него го подготувуваше историјата, која литературата не може да ја прескокне. Него го подготуваше овој народ со сите свои маки, радости и страдања, со сите свои напластени животни искуства низ времињата, овој народ, кој го бараше и исчекуваше својот запишувач. И народот го пронајде и го создаде него. И го запиша и откри Стале Попов својот народ, создавајќи ја со своето разновидно литературно дело големата македонска книга на легендите и преданијата, на обичаите и магиите, на песните и ората, на тажалките и клетвите, на таговнините и радоснините, големата македонска книга на долгите ропства и непрестајните бунтови, на отпорот и непокорот, на победите и поразите, обемната книга на севкупниот македонски етос, како што можеме да го наречеме литературното дело на Стале Попов, кој како за цело време да пишува само една единствена книга, можеби една од најмакедонските книги, книга која има едно единствено име: Македонија“.

Куќата на Стале Попов - с.Мелница, Мариово

Куќата на Стале Попов – с.Мелница, Мариово

Расказите на Стале Попов како жива народна традиција претставуваат извонредно значаен и вредносен материјал, непресушен извор кој постојано и секогаш одново при секое навраќање и ново толкување, открива сè нови и квалитетни значења и мноштво вистини од сопствената многуслоевитост и значност на односите меѓу индивидуалното, авторското и колективното чувствување и изразување. Се определивме на разгледување и толкување само на дел од расказите на Попов, на оние за неговите весели мариовци, Итар Пејо, за ловџиските приказни сместени меѓу кориците на првиот том „Раскази“ од Собраните дела на овој автор, на нивното прво издание.2 Не само затоа што тие претставуваат можеби најубавиот пример за вакви пристапи, туку и од секогаш одредениот број страници за вакви потреби и побуди, а и можноста нешто повеќе да се каже и остави од темата што е пред нас. Пишувајќи за нив Димитар Митрев констатира: „Кога ги читаме расказите на Стале Попов некако сосема природно ни се наложува асоцијацијата на нивната целосна сродност со народната приказна. Сето во нив е под знакот на она слободно, крајно едноставно раскажување во кое се карактеризира нашата фолклорна проза. И во потходот и во јазикот, овој раскажувач ја открива својата вродена афинитетност со народниот раскажувач. Со мнозинскиот број на расказите од овие два последни тома авторот нивен го примаме како уште еден од безбројот на усмените народни творци. Тој не црпи од фондот на тие творци, а самиот создава раскажувачки творби во народски дух и израз. Тоа е уште еден податок за изразитата самородност на таа елементарна творечка објава“.3 За тие први литературни чекори децитно е мислењето на Миодраг Друговац оти „Како и да е, сепак е извесно дека токму меѓу овие фолклорни материјали се наоѓаат и првите обиди на Стале Попов да проговори со свој глас за душата на мариовскиот човек, сеедно што кревкоста на тој глас, а по се изгледа и литературната неопитност, не го претставуваат идниот автор на „Крпен живот“ како писател со наметлива творечка физиономија, одложувајќи го мигот на неговата целосна утрешна афирмација“.4 Но, секако оти во тие раскази на Стале Попов останува вечно да живее свеста и совеста на мариовскиот човек, неговата традиција и филозофија, животот во својата севкупност и значност.

Песната на македонскиот човек е негова молитва, огледало на неговата душа и негова воздишка. Таа е едноставна и мудра, во неа има многу радост и тага, љубов и болка. Нејзината исконска чистота писателот извонредно функционално ја користи за да ја изрази базграничната радост за сите убавини и задоволства во еднаш и неповратно дадениот и толку краток човечен живот. За нив Итар Пејо му пее на Насрадин Оџа, (Итар Пејо и Насрадин Оџа се враќаат од Мариово.

Винце ле винце
Гроздово зрнце
Кој тебе љуби
Капата сигуби,
Кој те тебе сака
Без гаќи скака,
Кој те тебе пие, винце,
Без невеста спие
Кој по тебе ита
Се по светот скита
Кој те тебе шмрка
Ластегарки крка…“

Марко Китевски
Од книгата „Низ книжевниот континуитет“, Македонска книга, Скопје, 1996

Најново од: Македонски легенди

Ибе Паликуќа – една од најмладите народни хероини од Македонија

Ибе Паликуќа (Дебар, 1927 – Шутово, Кичевско, 22 септември 1944) била учесничка во Народноослободителната војна во Македонија и една од најмладите жени од Македонија прогласени за народни херои на Југославија. Како борец и политички активист, својот живот го загубила на само 17-годишна возраст. Ибе Паликуќа е родена во 1927 година во Дебар, во албанско семејство. […]

Христофор Жефарович – првиот македонски хералдичар

Христофор Жефарович (околу 1690 – 18 септември 1753) бил зограф, иконописец, бакрорезец, калиграф, калуѓер, трговец и печатар од Македонија. Се смета за прв македонски хералдичар и еден од најбараните уметници на просторот од Солун до Пешта во XVIII век. Во 1741 година во Виена ја објавил книгата „Стематографија“, во која се претставени грбовите на повеќе […]

„Македонија ќе биде слободна!“ – Александар Турунџев (1872–1905)

Александар Турунџев е роден во 1872 година во селото Горно Врбени, Леринско, а се самоубил 30 август 1905 година во Битола. Македонски револуционер, илинденец и војвода, тој останал запаметен како еден од симболите на непокорот и саможртвата во борбата за слободна Македонија. „Македонија ќе биде слободна!“ –тоа биле последните зборови на Александар Турунџев пред неговото […]

Драган Богдановски – живот посветен на слободна и независна Македонија

На 18 септември 1929 година во селото Клечовце, Кумановско, е роден Драган Богдановски, починал на 31 мај 1998 година во Данска, на пат од Шведска кон Германија. Подоцна бил погребан во Куманово Драган Богдановски е еден од најистакнатите македонски политички емигранти по Втората светска војна, долгогодишен борец за македонската национална кауза, претседател на ДООМ и […]

Лилјана Чаловска – писателка, борец и учесничка на АСНОМ

Лилјана Чаловска (3 декември 1920, Софија – 20 јули 1997, Скопје) е македонска писателка, учесничка во Народноослободителната борба и општествено-политичка дејка. Била делегат на Првото заседание на АСНОМ и член на Претседателството на АСНОМ, а значајна трага оставила и во македонското новинарство и литература. Лилјана Чаловска е родена на 3 декември 1920 година во Софија, […]

Владислав Ковачев – Македонец до срж, а малку познат меѓу Македонците

„Пет минути од деноноќието ѝ посветувам на маченицата Македонија, за да се соочам со мојата македонска свест и да се уверам дека не е ништо она што досега сум го сторил за неа. Ја сакам Македонија повеќе од сè друго на светот.“ Кој бил Владислав Ковачев? Владислав (Славчо) Михаилов Ковачев е роден на 5 јануари […]

Оскар Давичо – писателот што со перо сведочеше за борбата на партизаните на Маркос

Оскар Давичо е роден на 18 јануари 1909 година во Шабац, во еврејско семејство, а починал на 30 септември 1989 година во Белград. Бил истакнат српски и југословенски писател, поет, есеист, преведувач, новинар, револуционер и учесник во антифашистичката борба. Оскар Давичо потекнувал од сефардско еврејско семејство. Детството го минал во Шабац, а образованието го продолжил […]

Васил Ивановски – истраен борец за македонската национална посебност

Васил Ивановски (18 октомври 1906 – 1991) е македонски национален деец, комунист, публицист и историограф. Во своите трудови ги користел и псевдонимите Динко Динков и Бистришки. Васил Ивановски е роден на 18 октомври 1906 година во костурското село Ловраде, во Егејскиот дел на Македонија, а починал во 1991 година во Софија. Во 1907–1908 година, во […]

To top