„Пет минути од деноноќието ѝ посветувам на маченицата Македонија, за да се соочам со мојата македонска свест и да се уверам дека не е ништо она што досега сум го сторил за неа. Ја сакам Македонија повеќе од сè друго на светот.“
Кој бил Владислав Ковачев?
Владислав (Славчо) Михаилов Ковачев е роден на 5 јануари 1875 година во Штип, во познатото револуционерно семејство Ковачеви.
Неговиот татко, Михаил Антонов Ковачев, бил раководител на Штипскиот револуционерен комитет и учесник во Илинденското востание. Истовремено работел како учител во Штип, Скопје и Солун.
Неговата мајка Елена, покрај Владислав, родила уште седум машки и едно женско дете – Катја. Владислав имал брат близнак, Владимир, кој починал мошне млад. Неговиот чичко Јосиф Антонов Ковачев бил основач на првото машко педагошко училиште во Штип и во Македонија.
Како млад потпоручник, Владислав Ковачев во 1895 година се вклучил во македонското револуционерно движење. Павел Шатев за него ќе запише дека „целосно му се предаде на македонското ослободително движење“.
Од 1899 до 1901 година Ковачев бил секретар на Врховниот македонско-одрински комитет, на чие чело тогаш стоел Борис Сарафов. Бил задолжен за организирање на револуционерните комитети во Македонија и Одринско.
Во тој период бугарската држава почнала сè поотворено да се меша во македонското ослободително дело. Наоѓајќи се во средиштето на идејните судири во раководството на Комитетот во Софија, Ковачев јасно се изјаснил против врховистичката политика на бугарскиот генерал Иван Цончев.
Борец во Илинденското востание
Во 1902 година Владислав Ковачев заминал за Македонија. Во Горна Џумаја, денешен Благоевград во Пиринска Македонија, со својата чета се спротивставил на врховистите, обидувајќи се да го спречи предвременото кревање на Џумајското востание.
Во следниот период престојувал во Штипско, Светиниколско и Кочанско, каде што се ангажирал во вооружувањето на населението и бил иницијатор на неколку поголеми вооружени акции.
На почетокот од 1903 година Владислав се наоѓал во Софија, во времето кога на седниците на Централниот комитет на ТМОРО се решавало за кревањето на Илинденското востание. Тој застанал на страната на Гоце Делчев и Ѓорче Петров и се изјаснил против предвремено востание, иако во душата бил подготвен за борба.
За време на Илинденското востание, Ковачев со својата чета дејствувал во Штипско и Кочанско, каде што во една од борбите бил ранет. Се вклучил и во борбените дејства во Кратовско, заедно со четата на војводата Атанас Бабата.
Од тој период е зачувана и народната песна посветена на четата на Ковачев:
„Огин избухна штипската каза,
штипската каза, село Карбинци,
тамо се бијат млади јунаци,
млади јунаци, сите Македонци.
Најнапред беше Славчо Ковачев,
по него беше Гено кумита.
Гено кумита веле и говоре:
Станвајте, браќа, станвајте, не спијте,
огин ќе го горе селото Карбинци…“
Од револуционер до доктор по право
По задушувањето на Илинденското востание, Ковачев кратко време бил скопски војвода, а потоа на неколку години ја напуштил Македонија.
Од 1904 до 1909 година студирал правни науки во Париз, а во 1911 година докторирал во Брисел.
Неговото враќање се совпаднало со почетокот на Балканските војни, во кои учествувал во редовите на бугарската армија, верувајќи дека се бори за слободата на Македонија.
Како и околу 100.000 други Македонци, кои војувале во бугарската, српската или грчката војска, и тој верувал дека се бори за ослободување од Османлиската Империја. Но наместо слобода, Македонија била поделена и ставена под ново ропство од оние што се претставувале како нејзини „ослободители“.
Подоцна, во „Политичкото верују на Македонците“, Ковачев многу прецизно ги опишал погубните последици од Балканските војни за Македонија:
„Царот Фердинанд ја донесе на власт полтронската конзервативно-цанковистичка влада, која свесно и доброволно ја потпиша смртната пресуда на македонската независност со создавањето на таканаречената ‘спорна’ и ‘неспорна’ зона, со што во принцип почна поделбата на Македонија меѓу нејзините алчни соседи! Секоја од нив, со исклучок на херојската Црна Гора, го очекуваше ветениот богат плен од распадот на Хамидовата Турција. Оттука произлегоа факторите што го погребаа македонскиот идеал: единствена и целосна, слободна и независна Македонија!“
„Автономна Македонија“
По завршувањето на Балканските и Првата светска војна, Ковачев работел како адвокат, а потоа и како судија во Софија. Заедно со дејците од левицата на ВМРО, активно се вклучил во политичкиот живот на македонската емиграција во Бугарија.
Во 1919 година ја објавил брошурата „Автономна Македонија“, во која јасно и недвосмислено застанал зад идејата за создавање автономна македонска држава.
Во брошурата, напишана во пресрет на Париската мировна конференција, Ковачев барал од бугарската власт:
„Јасно и категоричко прифаќање на идејата за создавање автономна Македонија како одделна, самостојна политичка единица во нејзините географски граници, под гаранција на Лигата на народите.“
Истовремено апелирал до бугарската влада и до бугарските политички партии да ги задолжат своите делегати на Париската мировна конференција да се застапуваат за решавање на македонското прашање преку создавање самостојна Македонија.
Брошурата ја завршил со пророчките зборови:
„А ако, наспроти нашите очекувања, македонското прашање не биде решено, ние ќе најдеме сила и верба само во нашата еднодушност, за повторно да ја продолжиме борбата за извојување човечки правдини, какви што може да ни ги гарантира само една самостојна Македонија.“
Против поделбата и братоубиствата
Веднаш по донесувањето на одлуките на Париската мировна конференција, Ковачев бил меѓу првите што најостро протестирале против „големата неправда што беше направена кон нас Македонците“.
Особено бил активен во обидите за консолидирање и обединување на македонските емигрантски и бегалски маси, како и на македонските револуционерни сили во Бугарија. Тоа било време на силен идеолошки и пропаганден притисок од страна на Извршниот комитет на македонските братства во Бугарија, кој потпаднал под влијание на бугарската власт.
На 4 декември 1921 година била формирана Македонската емигрантска федеративна организација – МЕФО, чиј главен идеолог и гласноговорник станал Владислав Ковачев. Тој бил избран за член на Политичката комисија и станал еден од раководителите на организацијата.
Главната идеја на федералистите била:
„Создавање на Македонија во нејзините географски и економски граници, како самостојна политичка единица и како етапа за остварување Балканска федерација.“
Развивајќи ја политичката мисла на МЕФО, Ковачев ги разработил и ги дефинирал поимите: Македонци, македонски народ, македонско население, македонска душа и македонска борба.
Како жесток приврзаник на идејата за создавање одделна држава на македонскиот народ, Ковачев истакнал:
„Ние треба еднаш засекогаш да разбереме дека нашиот спас е исклучително во нашите раце. Впрочем, ослободувањето на Македонија, пред сè, е дело на сите нејзини синови, без разлика на вера и националност. Од нашата силна волја, од нашата длабока верба во светлата иднина, како и од нашата сплотеност и еднодушност, во значителен степен зависи реализирањето на нашиот идеал – создавање самостојна Македонија!“
Ковачев најостро реагирал и против братоубиствата меѓу Македонците во Организацијата.
Во името на „Штипската колонија во Софија“, на 28 февруари 1923 година, тој испратил писмо-декларација до Тодор Александров, апелирајќи:
„Да престанат еднаш засекогаш прогонувањата и братоубиствата меѓу нашите сограѓани.“
Посочувајќи ги примерите со Стојан Мишев и Ване Арсов, Ковачев му укажал на Александров:
„Ние треба нашите заеднички и сложни усилби да ги насочиме кон спасувањето на нашата Татковина од нејзините денешни поробувачи.“
Доследен на идеалот за независна Македонија
Како искусен револуционер, Владислав Ковачев со воодушевување ја прифатил политичката платформа на ВМРО (Обединета) на Димо Хаџи Димов, изложена во Мајскиот манифест од 1924 година.
Главната цел била:
„Обединување на македонските сили во единствен револуционерен фронт за ослободување и обединување на независна и самостојна Македонија во нејзините природни, географски и етнографски граници.“
И во своите последни писма, испратени на 2 септември 1924 година до весникот „Независна Македонија“, само неколку дена пред неговата смрт, Владислав Ковачев останал доследен на својот животен идеал:
„Да ја видиме побргу нашата Татковина слободна и независна!“
Владислав Ковачев бил Македонец до срж – револуционер, војвода, правник, публицист и идеолог на борбата за самостојна Македонија. Неговиот живот бил целосно посветен на македонското ослободително дело, а неговите зборови и денес одекнуваат како завет до идните генерации.
Неговото име заслужува достојно место во македонската историја и во колективната меморија на македонскиот народ.