Дијаспора

Академикот Реџиналд де Бреј – македонист од светски глас

tolkoven-recnik

tolkoven-recnik

При посета на главниот град на Австралија, го посетивме и домот на професорот д-р Реџиналд Артур де Бреј, член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работиот состав и професор на Австралискиот национален универзитет во Канбера. Тој е угледен славист, поет, македонист, научник, кој во своите трудови има пројавено интерес за изучување на области од повеќе словенски јазици и литератури, како што се српскохрватскиот акцент, руската фонетика и фразеологија, стилитиката на словенските јазики, словенската поезија и друго.

Професорот де Бреј беше љубезен и со задоволство прифати да го посетиме и да разговараме во неговиот дом што беше сместен во еден од најубавите квартови на Канбера. Притоа, разговаравме за минатото, сегашноста, иднината, научниот интерес, македонскиот јазик и литература, подготовките на македонско-англискиот толковен речник и за сè она што овој угледен научник и врвен славист го поврзува со македонскито народ и Македонија.

Вљубеник во македонскиот јазик

Во разговорот што траеше неколку часа, дознавме дека тој е роден во 1912 година во Петроград, во британско семејство. Студирал во Англија, каде и докторирал на Лондонскиот универзитет, на тема од областа на фонетиката на српкохрватскиот јазик. Подолг период предавал компаративна граматика на словенските јазики на Лондонскиот универзитет. Потоа, предавал на Универзитетот во Мелбурн и на Австралискиот национален универзитет во Канбера. Од 1974 година станал член-соработник на Австралиската академија за хуманистички науки. 

Професорот Реџиналд де Бреј, покрај другото, е автор на познатата обемна публикација „Водич на словенски јазики“, отпечатена во Лондон во 1951 гоидна, со која тој го заслужи епитетот славист од светски глас. Во ова познато дело, видно место му посветува на македонскиот јазик. Имено, околу осумдесетина страници се посветени на развојниот пат на македонскиот литературен јазик, на граматичките структури, а дава избор на македонски текстови, како и се осврнува на прашањата сврзани со (не)признавањето на македонскиот јазик.

manu
МАНУ

Исто така, професорот де Бреј беше благороден како човек, хуман и со широки човечки и духовни хоризонти. Во неговиот дом кој беше исполнет со многу книги од целиот свет, како и од Македонија, се запознавме и со неговата сопруга која беше од итаијанско потекло, а која нè послужи со англиско кафе. Неговиот дом за живеење и работа беше еден вид градина. Беше сместен меѓу многубројни дрвја и огромен зелен простор зад куќата и наликуваше на оттргната оаза.

Во собата во која разговаравме, на централно место беше сместен постерот на ангелот во црквата „Св. Ѓорѓи“ од Курбиново. Во разговорот дознавме дека професорот де Бреј е вљубеник во кулутрно-историските споменици на Македонија, особено во Курбиново, „Св. Софија“ и „Св. Спас“, како и во македонскиот народ, неговиот јазик и литература.    

Во пријатниот разговор, покрај другото, професорот де Бреј рече: „Знаете, јас ја посетив Македонија, односно Скопје, во триесеттите години уште кога бев студент. Во тој период, тој дел на Македонија се викаше Јужна Србија. Меѓутоа, при мојата посета се убедив во посебностите на македонскиот јазик, бидејќи слушнав различен јазик кој не беше ниту српски, ниту бугарски, ниту грчки, туку посебен јазик што за мене претставуваше откритие.

Тој јазик што јас го слушнав пред војанта, стана познат и признат како посебен јазик во новата Република Македонија. Многу се заинтересирав за јазикот во Македонија и направив опис на македонскиот јазик врз база на граматиката на Круме Кепевски, а потоа тој материјал го приклучив во мојата книга „Водич на славјанските јазици“. Во публикацијата ги опишувам сите посебни славјански јазици, а започанав со стариот црковен славјански јазик па сè до сите јужнословенски, западнословенски и источнословенски јазици. Македонскиот јазик е еден од овие јазици и ги има сите посебности на другите славјански јазици.“, рече академикот де Бреј

Составувач на македонско-англиски речник 

Последните осум години од животот професорот Реџиналд де Бреј работњшњ врз еден опширен македонско-англиски толковен речник во соработка со Институтот за македонски јазик во Скопје, особено со македонските научници Трајко Стаматовски, Благоја Корубин и Тодор Димитровски. Ни покажа дел од изработениот речник кој го подготвува во асистенција на д-р Питер Хил и други соработници. Видовме седумсто шеесет и пет готови страници, што навистина претставува обемно и капитално дело. Во врска со речникот, професорот рече дека за период од две години ќе ги завршат сите работи околу ова дело и додаде: „Верувам дека во 1993 година ќе бидеме готови со македонско-англискиот речник и, живот и здравје, ќе дојдам повторно во Македонија.“

Инаку, д-р де Бреј нè информира дека проектот за македонско-англискиот речник го финансира австралиската влада, преку Австралиската програма за доделување стипендии за научни испитувања што претставува признание на македонскиот народ и неговата држава Република Македонија, која во овие моменти се бори да си го добие своето мест под сонцето како суверена и независна држава.

avioni

Истакнатиот славист, македонист, поет, преведувач и интелектуалец со широки хуманитарни хоризонти, професорот Реџиналд де Бреј за своите заслуги на полето на науката ја има добиено ласкавата титула заслужен професор (emeritus professor) од страна на Австралискиот универзитет. Исто така, тој се има пројавено и на полето на преведувачката дејност од македонски автори на англиски јазик. Преведувал поезија од Радован Павловски и од Анте Поповски, а и самиот пишува пезија.

За своите извонредни залуги кон македонистиката и кон македонскиот народ, професорот де Бреј е удостоен со изборот за член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав. При неговата последна посета во 1988 година тој, меѓу другото, одржа беседа на тема „Проблемите во составувањето на еден нов македоснко-англиски речник и во преводот од македонски на англиски“, што значеше уште еден прилог кон македонската наука.   

Го напуштивме домот на љубезниот домаќин, човекољубец и миротворец, професорот Реџиналд де Бреј, со желба пак да се видиме во Скопје или во Охрид и да држиме во рацете по еден примерок од Македонско-англискиот толковен речник, кој ќе биде значаен прилог кон македонската книжнина и афирматор на македонскиот јазик и литераура, како и на македонската нација пред светот.

slave-katin-2
Пишува: СЛАВЕ КАТИН
www.slavekatin.com

Најново од: Дијаспора

Крис Петровски – од Битола до Холивуд

Актерот со македонски корени ја продолжува филмската приказна на својот роден град и ги охрабрува младите да веруваат во сопствениот талент. Кога ќе се спомене Битола, првите асоцијации се Градот на конзулите, браќата Манаки, филмот, театарот и препознатливата боемска култура. Но, културното богатство на еден град не се мери само со неговото минато. Неговата вистинска […]

ВО АВСТРАЛИЈА ЖИВЕЕ УШТЕ ЕДНА МАКЕДОНИЈА

Фиданка Танаскова   Во Скопје на 14 октомври промовирана антологијата со поезија „Илинден во нашите срца“ од членовите на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј Промотор на антологијата на овој свечен чин во Националната библиотека „Св. Климент Охридски“ на македонските поети од петтиот континент беше проф. д-р Виолета Ачкоска. Прекрасна октомвриско-роднокрајно-иселеничка промотивна вечер беше […]

Весникот „Македонија“ во Торонто – македонскиот збор далеку од татковината

На 15 октомври 1984 година во Торонто, Канада, излегол првиот број на весникот „Македонија“, наменет за Македонците во Канада. Овој датум останува забележан во историјата на македонскиот иселенички печат и во настојувањата да се зачуваат јазикот, културата и врските со татковината. За Македонците што живееле илјадници километри од родниот крај, печатениот македонски збор имал особено […]

Академик Синиша Станковиќ – вљубеник во Охридското Езеро и Охрид

Животниот и развојниот пат на научникот од светски глас, биолог, еколог, револуционер и општественик, академикот проф. д-р Синиша Станковиќ, е тесно поврзан со изучувањето на Охридското Езеро, со Охрид и Македонија, со развојот на биолошките науки и со афирмацијата на научната мисла во македонското општество. Неговото име е поврзано и со постоењето и конституирањето на […]

Михајло (Мајкл) Пупин – светски научник со македонски корени од Вевчани

Михајло Идворски Пупин бил професор на Универзитетот Колумбија во Њујорк. Тој бил научник кој, во текот на својата експериментална работа, го задолжил светот со своите откритија на полето на безжичната телеграфија и телефонија, како и рендгенологијата, а имал и големи заслуги за развојот на електротехниката. За својата работа Михајло Пупин добил многу научни признанија и […]

На 2 ноември 1984 година – Весникот „Македонија“ во Торонто, македонски збор далеку од татковината

Излегувањето на првиот број на весникот „Македонија“ во Торонто е значаен датум во историјата на македонскиот иселенички печат и во негувањето на јазикот, културата и врските со татковината. На 2 ноември 1984 година, во Торонто, Канада, излегол првиот број на весникот „Македонија“, наменет за Македонците во Канада. Потоа весникот излегувал редовно, секој 15-ти во месецот, […]

ОМД: 85 години од народното востание – Честит 11 Октомври!

Слободата, македонскиот идентитет и единството се завет што ги поврзува Македонците во татковината и во светот. Денес го одбележуваме 11 Октомври – Денот на народното востание, еден од најзначајните датуми во македонската историја. На овој ден во 1941 година започна народното востание против фашистичката окупација. Храбрите синови и ќерки на Македонија ја поведоа борбата, водени […]

Покана за промоција на антологијата „Илинден во нашите срца“ во Скопје

Поезијата на Македонците од Австралија пред домашната публика – на 14 октомври, во 19:30 часот, во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“. Агенцијата за иселеништво и Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје упатуваат покана за промоција на поетската антологија „Илинден во нашите срца“, со песни од членовите на Литературното друштво „Григор […]

To top