Дијаспора

Македонските православни цркви во Шведска (3)

svedska3-1

svedska3-1

ОД ПАТУВАЊАТА ПО СВЕТОТ – ШВЕДСКА

При нашата посета на Шведска се уверивме дека Македонците се добро организирани на културно и на црковно-национално поле. Притоа, тие се сплотени во македонските православни цркви „Свети Кирил и Методиј“ во Гетеборг и „Свети Наум Охридски“ во Малме. Затоа, со право се вели дека тие се едни од најорганизираните македонски асоцијации во Европа.

Инаку, Гетеборг, или Јетеборј, е втор град по големина (после метрополата Стокхолм) и претставува важно пристаниште на најсеверната земја во Европа – Шведска. Сместен на утоката на реката Јете, којашто го поврзува морскиот простор Категата со најголемото шведско езеро Ванер, претставува значаен центар на бродоградбата, автомобилската, металната, машинската,  текстилната и други индустриски гранки.

Во него уште во 1889 година е основан Универзитетот, а подоцна и други институции од областа на културата и науката, со што се вбројува во еден од најзначајните центри на оваа земја со најнапредно социјално законодавство и со големи перспективи за работа и живеење.

При нашата посета на  градот на „Волво“, како што често го нарекуваат Гетеборг, инаку оддалечен околу 300 километри северно од Малме на западниот брег на Категата, бевме информирани дека таму живеат повеќе од 700.000 жители. Поради високиот степен на индустриската развиеност во Гетеборг, како и во Векше, Скара и Гиславд се доселиле голем број Европејци, меѓу кои и неколку илјади Македонци, кои се организирани во повеќе македонски асоцијации.

Духовното живеење во Шведска започнало уште во 1972 година, најпрвин во Малме, а подоцна и во Гетеборг, каде се родила иницијативата за формирање македонска православна црква. Наредната година беше формиран Иницијативен одбор кој беше одобрен и благословен од Светиот синод на Македонскaта православна црква, при што беше испратен свештеник од Богословскиот факултет „Свети Климент Охридски“ од Скопје да ги посети Македонците во Шведска.

Тоа, всушност, беше почеток на духовното живеење на Македонците во Шведска. На 16 март 1973 година, Синодот на Македонскaта православна цркваго одобри формирањето на црковниот одбор во Гетеборг, со што започнаа многуте активности, особено за собирање парични средства за изградба на првиот македонски духовен дом во Шведска, и воопшто во западноевропските земји.

Најзначајна е Македонскaта православна црква „Свети Кирил и Методиј“ што го доби името на сесловенските учители. Црквата во своето опстојување минала бурни времиња и осцилации во зависност од членовите кои управувале со неа. Нејзиниот позначаен дел од историјата започнал на 21 ноември 1981 година, кога било осветено местото, на кое на 7 јануари 1983 година, за време божиќните празници, во присуство на бројни верници била осветена оваа прва изградена македонска православна црква во Шведска и во Европа.

svedska3-2
Митрополитот Европски г.Пимен и свештениците Блажо Кожарски и Евтим Велковски со македонските верници во МПЦ „Св. Кирил и Методиј“ во Гетеборг

За жал, црквата изгорела до темел во јуни 1987 година. Но, со помош на шведската влада,

Како и со помош на  Македонците кои вложиле големи напори и средства и за две години на истата локација изградиле нова црква, во која, за време на божикните празнувања во 1988 година е извршено скромно осветување. Оттогаш до денес во црквата се вршат сите црковни богослужења и бројни духовни, национални, културни и други манифестации.

Инаку, Македонскaта православна црква „Свети Кирил и Методиј“ се наоѓа на една височинка меѓу двете приградски населби Картедала и Берша на десетина километри од Гетеборг. Таа се состои од храм, со бројни икони, сала, помошни простории, кујна, библиотека и голем простор околу црквата. Посебно место за изградбата, активностите и црковното живеење во овој македонски црковно-национален дом имаат бројни членови на управите и секциите и многу други верници во вистината за Македонија кои имаат значајна улога и придонес за афирмација на Светиклиментовата македонска православна црква и на македонскиот народ во новите средини во Шведска.

Втората македонска православна црква што ја посетивме го носи името на „Свети Наум Охридски“ и се наоѓа во Малме. А Малме е град и пристаниште на брегот на Сунди на јужниот дел од државата и е еден од најзначајните индустриски, трговски и културни центри на Шведска, на неутралната, демократска и перспективна држава, како често ја нарекуваат таа богата и значајна скандинавска земја.

Во Малме е развиена бродоградбата, машинската, металската, прехранбената, дрвната и други индустриски гранки и претставува „индустриска мека“, место каде што се доселиле голем број дојденци од европските и други земји. Градот е формиран во XII век и еден долг период претставувал големо рибарско пристаниште. Малме е град со изобилство на паркови, спортски терени, стари и нови архитектонски постигнувања и е пријатно и интересно место за живеење и работа.

svedska3-3
МПЦ „Свети Наум Охридски“ во Малме

Бевме информирани дека во Малме живеат околу 400.000 жители, меѓу кои повеќе илјади од Република Македонија. Поголемиот број од нив се Македонци, а има голема концентрација од турското национално малцинство, особено од Преспа, како и други малцинства од Републиката. Денес меѓу Македонците во Шведска има бројни стручњаци кои, даваат значаен придонес во напредокот на шведската индустрија и стопанство, заземајќи важни и одговорни места во индустриските капацитети на таа високоиндустриски развиена земја.

Уште со пристигнувањето во Малме, Македонците започнале да се организираат во Македонскиот клуб „Македонија“, каде се застапени фолклорната, спортската и други групи и асоцијации, кои денес се значаен фактор во културното, националното и целокупното живеење и кои претставуваат вистински афирматори, пред сèна македонските доселеници кои свиле гнездо во  демократска Шведска, а потоа и на нивната прва татковина – Македонија.

Македонците во Шведска почнале да се организираат на верска основа, односно преку активностите во Македонската православна црква и да се афирмираат како значајна етничка групација. Како резултат на сè поголемото влијание на религијата и пробивот на Македонскaта православна црква во странство, и во европските земји започнаа да се градат Светиклиментови духовни храмови, во кои покрај словото Божјо, се слуша и македонскиот збор. Денес во нив се крштеваат и венчаваат младите македонски генерации на тие европски простори.

Еден од таквите македонски духовно-национални центри во Шведска е Македонскaта православна црква „Свети Наум Охридски“ во Малме. Тоа е неодминливо место за собирање, тоа е значајно духовно катче за Македонците што живеат во Малме, Хелсинборг, Еслев, Телеборг, Лунд и други места. До формирањето на оваа црква, Македонците во регионот на Малме посетувале други православни светилишта. Но, од 1985 година во времето кога се прославуваше 1100-годишнината од смртта на свети Методиј, кога е купена зградата на црквата, Македонците станаа побогати за уште еден духовен храм надвор од татковината, сместен во централниот дел на градот.

svedska3-4
Малме

Македонскaта православна црква „Свети Наум Охридски“, со сиот свој имот е своина на Собранието, односно на членовите на црквата. Таа е исклучително религиозна и културно-просветна установа, која покрај верските обреди, организира и часови по национална историја, македонски јазик, веронаука, компјутерски курсеви и други активности за сите возрасти, меѓу кои женската секција игра значајна улога.

Го напуштивме Малме напладне кога сонцето беше далеку на југ, а на пристаништето каде беше по­с­тавен бродот имаше голем  број патници за Ко­пен­хаген. Велат дека Швеѓаните повеќе го сакаат да­н­ското пиво, кое, патем, е и поевтино, затоа  тие често „се прошетуваат“ кон запад, кон Данска.

Бродот како да лебдеше над морската по­вр­шина, овој пат, во спротивна насока од Малме кон Копенхаген. Повторно го гледавме мос­тот Оресунд што ги поврзува овие два града и двете балтички земји. Повторно се одушевувавме на постигнатиот тех­ничко-технолошки напредок и на прекрасната глет­ка што ја имавме од прозорецот на белата лаѓа. Посакувавме так­ви и слични мостови да се градат насекаде, па и на нашите простори, за да можат да ги поврзуваат и приб­лижуваат луѓето и земјите во ова наше „глобално село“.

Продолжува

slave-katin-svedska
Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Најново од: Дијаспора

Крис Петровски – од Битола до Холивуд

Актерот со македонски корени ја продолжува филмската приказна на својот роден град и ги охрабрува младите да веруваат во сопствениот талент. Кога ќе се спомене Битола, првите асоцијации се Градот на конзулите, браќата Манаки, филмот, театарот и препознатливата боемска култура. Но, културното богатство на еден град не се мери само со неговото минато. Неговата вистинска […]

ВО АВСТРАЛИЈА ЖИВЕЕ УШТЕ ЕДНА МАКЕДОНИЈА

Фиданка Танаскова   Во Скопје на 14 октомври промовирана антологијата со поезија „Илинден во нашите срца“ од членовите на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј Промотор на антологијата на овој свечен чин во Националната библиотека „Св. Климент Охридски“ на македонските поети од петтиот континент беше проф. д-р Виолета Ачкоска. Прекрасна октомвриско-роднокрајно-иселеничка промотивна вечер беше […]

Весникот „Македонија“ во Торонто – македонскиот збор далеку од татковината

На 15 октомври 1984 година во Торонто, Канада, излегол првиот број на весникот „Македонија“, наменет за Македонците во Канада. Овој датум останува забележан во историјата на македонскиот иселенички печат и во настојувањата да се зачуваат јазикот, културата и врските со татковината. За Македонците што живееле илјадници километри од родниот крај, печатениот македонски збор имал особено […]

Академик Синиша Станковиќ – вљубеник во Охридското Езеро и Охрид

Животниот и развојниот пат на научникот од светски глас, биолог, еколог, револуционер и општественик, академикот проф. д-р Синиша Станковиќ, е тесно поврзан со изучувањето на Охридското Езеро, со Охрид и Македонија, со развојот на биолошките науки и со афирмацијата на научната мисла во македонското општество. Неговото име е поврзано и со постоењето и конституирањето на […]

Михајло (Мајкл) Пупин – светски научник со македонски корени од Вевчани

Михајло Идворски Пупин бил професор на Универзитетот Колумбија во Њујорк. Тој бил научник кој, во текот на својата експериментална работа, го задолжил светот со своите откритија на полето на безжичната телеграфија и телефонија, како и рендгенологијата, а имал и големи заслуги за развојот на електротехниката. За својата работа Михајло Пупин добил многу научни признанија и […]

На 2 ноември 1984 година – Весникот „Македонија“ во Торонто, македонски збор далеку од татковината

Излегувањето на првиот број на весникот „Македонија“ во Торонто е значаен датум во историјата на македонскиот иселенички печат и во негувањето на јазикот, културата и врските со татковината. На 2 ноември 1984 година, во Торонто, Канада, излегол првиот број на весникот „Македонија“, наменет за Македонците во Канада. Потоа весникот излегувал редовно, секој 15-ти во месецот, […]

ОМД: 85 години од народното востание – Честит 11 Октомври!

Слободата, македонскиот идентитет и единството се завет што ги поврзува Македонците во татковината и во светот. Денес го одбележуваме 11 Октомври – Денот на народното востание, еден од најзначајните датуми во македонската историја. На овој ден во 1941 година започна народното востание против фашистичката окупација. Храбрите синови и ќерки на Македонија ја поведоа борбата, водени […]

Покана за промоција на антологијата „Илинден во нашите срца“ во Скопје

Поезијата на Македонците од Австралија пред домашната публика – на 14 октомври, во 19:30 часот, во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“. Агенцијата за иселеништво и Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје упатуваат покана за промоција на поетската антологија „Илинден во нашите срца“, со песни од членовите на Литературното друштво „Григор […]

To top