Дијаспора

Меѓу Македонците во пријателска Хрватска (7)

croatia

croatia

ОД ПАТУВАЊАТА ПО СВЕТОТ – ХРВАТСКА

Хрватска е една од светски познатата и призната пријателска земја за посетителите и патниците – намерници кои доаѓаат од Македонија. Таа е држава на Балканскиот Полуостров која географски е сместена на раскрсницата на патиштата за Средна  Европа и Средоземјето. Хрватска граничи со  Словенија и  Унгарија на север, со Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора на исток, а го зазема најголемиот дел на источниот брег на убавото и светски познатото Јадранското Море.

Хрватска беше една од значајните републиките во рамките на СФР Југославија, а во 1991 година прогласи независност. Таа е полноправен член на организацијата НАТО и членка на Европската унија.

Според историските факти, првите познати племиња на територијата на денешна Хрватска биле Илирите и Келтите во внатрешноста, а  Хистрите, Либурните, Далматините и други на јадранскиот брег. Во IX век меѓу Цетине и Велебит се создало јадрото на хрватската држава, од каде за време на владеењето на домашните кнезови од семејството наследници на кнезот Трпимир постепено се проширила на далматинските градови. Кнезот 

Томислав го запрел навлегувањето на  Унгарците, меѓутоа во 1102 година унгарскиот крал Коломан со семејството Арпадовиќ ја освоил цела Хрватска. Оттогаш па сè до 1918 година Хрватска се развила како повеќе или помалку автономна државна творба во составот на Унгарската држава.

Хрватска се протега од подножјето на Јулиските Алпи на северозапад и Панонската Низина на исток, преку планината Динара во централниот регион, до јадранскиот брег на југ. Во неа живеат околу 4,5 милиони, главно, Хрвати, со римокатоличка вероисповед, а нејзин главен град е Загреб, во кој живеат околу осумстотини илјади жители.

Ако Загреб е типична, централна европска метропола, со архитектура од XIX век, тогаш Ровин е стар венецијански град, а пристаништа се Пула, Задар, Сплит и Дубровник се значајни морски центри. Затоа, со право се вели дека Хрватска е благословена со славно крајбрежје и прекрасни острови, со што се смета за една од најважните светски туристички дестинации.

zagreb
Загреб

А, да се биде во Загреб кој е главен, административен, политички, културен и економски центар на Република Хрватска, значи да се почувствува пулсот, напредокот, престижот и иднината на оваа европска држава.

Најголемиот центар на Хрватите – Загреб, е распослан во котлината на реката Сава и во благите падини на подножјето на планината Сљеме, чија местоположба го прави да биде еден од најзначајните европски центри што го поврзуваат Балканот со Европа преку железница, автопат или воздухопловна врска.

Загреб е центар со богат културен живот, универзитетски меѓународен центар, престолнина на музиката и убавата уметност, познат по школата на наивците од Хлебиње, по анимираните филмови… Тоа е град во кој во текот на годината се организираат и се одржуваат бројни изложби, концерти, саеми и други манифестации.

И покрај тоа што првите пишани документи за Загреб датираат од 1094 година, сепак, овој град отсекогаш постоел на истото место, по должината на реката Сава и зад гребените на планината Медведница. Според историските податоци, по падот на Римското Царство, Загреб бил освојуван од различни племиња, меѓу кои од Хуните и Аварите, за во VII век да дојдат прадедовците на Хрватите од зад Карпатите и засекогаш да се населат на тие простори.

Инаку, македонската црковна историја има многу сличности со хрватската. Имено, ако црковно-националното живеење на Македонците започнало под тврдините на цар Самуил во Охрид и Преспа, во Хрватска црковната историја започнува во Градец, каде е изградена првата тврдина, а на падините, покрај ова значајно здание, ќе никне црква која ќе стане средиште на духовното живеење на северозападна Хрватска.

zagreb-crkva
Црквата „Свети Марко“ во Загреб

Подоцна, во 1094 година била основана првата бискупија, која заедно со населбата и со црквата станала град чија повелба за камен-темелникот од таа година, всушност, е најстариот документ за градот и се одбележува како година на формирањето на Загреб.

Историјата на Загреб е многу бурна. Така, за првпат се споменува како главен хрватски град во 1557 година, кога бил нападнат од војската на Османлиското Царство, за потоа да биде опожарен и разурнат од неколку земјотреси. Од ноември 1662 година со првото предавање на професор Стјепан Гавач во новата Академија, станува универзитетски град, а со изградбата на железничката пруга Ѕидани Мост – Загреб – Сисак станува и железнички јазол во овој дел на Европа.

Меѓутоа, најважен период за Загреб, па и за Хрватска, секако, е XX век, кога се постигнати врвни резултати на сите полиња во животот и кога се остварени повеќе соништа на хрватскиот народ. Конечно, Хрватска станува самостојна, независна и меѓународно призната држава, а Загреб метропола за сите Хрвати, нејзин главен град кој во 1994 година го прослави своето деветстолетие од постоењето.

Република Хрватска е земја каде што на Македонците им се гарантирани сите права како национално малцинство. Таа е земја каде што Владата, преку материјална и финансиска помош, го помага развојот на малцинствата за афирмација на нивните национални, културни и јазични вредности. Со тоа Македонците служат како мост за развивање на пријателството помеѓу Хрватска и Македонија афирмирајќи ја, на тој начин, Република Хрватска како демократска и граѓанска земја.

Во Хрватска Македонците се организирале во Хрватско–македонската заедница, заедничка организација на културно–уметнички душтва во поголемите градови во оваа пријателска земја. Потоа има црковни општини на Македонската православна црква и тоа во: Загреб, Сплит и Пула, а од 1993 година, Заедницата го издава и списанието „Македонски глас“.

Преку сите тие асоцијации, Македонците во Хрватска остваруваат богат културно, просветен, спортски и духовно–верски живот, настојувајќи да го задржат и да го развиваат својот македонски идентитет. Притоа, конечно, Македонците се наоѓаат на најразлични врвни места во науката, високото образование, културата, судството, стопанството и во други подрачја на општественото живење во Хрватска. 

Продолжува

slave-katin-svedska
Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Најново од: Дијаспора

Крис Петровски – од Битола до Холивуд

Актерот со македонски корени ја продолжува филмската приказна на својот роден град и ги охрабрува младите да веруваат во сопствениот талент. Кога ќе се спомене Битола, првите асоцијации се Градот на конзулите, браќата Манаки, филмот, театарот и препознатливата боемска култура. Но, културното богатство на еден град не се мери само со неговото минато. Неговата вистинска […]

ВО АВСТРАЛИЈА ЖИВЕЕ УШТЕ ЕДНА МАКЕДОНИЈА

Фиданка Танаскова   Во Скопје на 14 октомври промовирана антологијата со поезија „Илинден во нашите срца“ од членовите на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј Промотор на антологијата на овој свечен чин во Националната библиотека „Св. Климент Охридски“ на македонските поети од петтиот континент беше проф. д-р Виолета Ачкоска. Прекрасна октомвриско-роднокрајно-иселеничка промотивна вечер беше […]

Весникот „Македонија“ во Торонто – македонскиот збор далеку од татковината

На 15 октомври 1984 година во Торонто, Канада, излегол првиот број на весникот „Македонија“, наменет за Македонците во Канада. Овој датум останува забележан во историјата на македонскиот иселенички печат и во настојувањата да се зачуваат јазикот, културата и врските со татковината. За Македонците што живееле илјадници километри од родниот крај, печатениот македонски збор имал особено […]

Академик Синиша Станковиќ – вљубеник во Охридското Езеро и Охрид

Животниот и развојниот пат на научникот од светски глас, биолог, еколог, револуционер и општественик, академикот проф. д-р Синиша Станковиќ, е тесно поврзан со изучувањето на Охридското Езеро, со Охрид и Македонија, со развојот на биолошките науки и со афирмацијата на научната мисла во македонското општество. Неговото име е поврзано и со постоењето и конституирањето на […]

Михајло (Мајкл) Пупин – светски научник со македонски корени од Вевчани

Михајло Идворски Пупин бил професор на Универзитетот Колумбија во Њујорк. Тој бил научник кој, во текот на својата експериментална работа, го задолжил светот со своите откритија на полето на безжичната телеграфија и телефонија, како и рендгенологијата, а имал и големи заслуги за развојот на електротехниката. За својата работа Михајло Пупин добил многу научни признанија и […]

На 2 ноември 1984 година – Весникот „Македонија“ во Торонто, македонски збор далеку од татковината

Излегувањето на првиот број на весникот „Македонија“ во Торонто е значаен датум во историјата на македонскиот иселенички печат и во негувањето на јазикот, културата и врските со татковината. На 2 ноември 1984 година, во Торонто, Канада, излегол првиот број на весникот „Македонија“, наменет за Македонците во Канада. Потоа весникот излегувал редовно, секој 15-ти во месецот, […]

ОМД: 85 години од народното востание – Честит 11 Октомври!

Слободата, македонскиот идентитет и единството се завет што ги поврзува Македонците во татковината и во светот. Денес го одбележуваме 11 Октомври – Денот на народното востание, еден од најзначајните датуми во македонската историја. На овој ден во 1941 година започна народното востание против фашистичката окупација. Храбрите синови и ќерки на Македонија ја поведоа борбата, водени […]

Покана за промоција на антологијата „Илинден во нашите срца“ во Скопје

Поезијата на Македонците од Австралија пред домашната публика – на 14 октомври, во 19:30 часот, во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“. Агенцијата за иселеништво и Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје упатуваат покана за промоција на поетската антологија „Илинден во нашите срца“, со песни од членовите на Литературното друштво „Григор […]

To top