Дијаспора

И во Албанија Македонците се Македонци

И во Албанија Македонците се Македонци
Фото: Маја Јаневска-Илиева
Што значи за Македонците сѐ уште нефункционалниот закон за заштита на националните малцинства во Албанија, кој две години никако не може да профункционира? Ќе има ли унапредување на статусот на Македонците во оваа соседна држава? Зошто Македонците во Албанија се само делумно задоволни од најавените промени со Законот за националните малцинства во Албанија? Каква е улогата на нашата држава во однос на овие прашања?

Пратениците во албанскиот парламент, кои ги претставуваат грчката и македонската заедница во Албанија, минатата недела доставиле барање до претседателот на албанскиот законодавен дом, Грамоз Ручи, да го повика премиерот Еди Рама на пленарна седница и да објасни зошто се доцни со носењето на подзаконските акти за спроведување на Законот за заштита на националните малцинства во Република Албанија.

Албанските пратеници ги реактуализираа политички значајните прашања за етничките малцинства во Албанија

– На 13 октомври 2017 година, парламентот на Албанија го донесе Законот за заштита на националните малцинства во Република Албанија, 96/2017, кој требаше да го пополни правниот јаз за третман на малцинствата во Албанија и исполнување на критериумите за членство во Европската Унија. Со последните одредби на законот (член 23) се бара од Владата „да ги донесе подзаконските акти во согласност со овој закон во рок од 6 месеци од неговото стапување во сила“. Законот беше објавен во Службен весник на 9 ноември 2017 година и стапи во сила на 24-ти истиот месец. Значи, законот ја задолжи Владата да ги донесе сите подзаконски акти шест месеци по неговото стапување во сила, конкретно пред 24 мај 2018 година – пишува во писмото доставено до Ручи.

Претставниците од грчкото и од македонско малцинство во Албанија во својот допис додаваат и дека иако поминале две години од донесувањето на овој закон „околу 46 отсто од подзаконските акти сѐ уште не се донесени и овој закон не се применува“.
Народните пратеници, пак, во албанскиот парламент, во име на малцинствата што ги претставуваат, потсетуваат дека почитувањето на правата на националните малцинства е еден од петте главни критериуми што ЕУ ги постави за Албанија да ги започне преговорите за членство, а без нивно исполнување, мали се изгледите за започнување преговори на земјата со ЕУ во март 2020 година.

– За ова прашање има најголема загриженост од малцинствата во нашата земја, но и од Европската комисија, која во својот извештај за напредокот на Албанија 2019 вели дека Албанија треба да донесе подзаконски акти, да воспостави потребни механизми и да ги разгледа постојните релевантни законодавства, како неопходни чекори за обезбедување примена на сите принципи и права утврдени со законот за заштита на националните малцинства – се наведува во барањето.

Законот за малцинствата нефункционален, но подзаконските акти се подготвувале!?

„Нова Македонија“ побара размислувања во врска со овие прашања од претставниците на Македонците во Албанија, како и од македонските државни власти.
Од македонското МНР потврдија дека им е познат донесениот закон за малцинствата, усвоен во албанскиот парламент на 13.10.2017 год. Оттаму додаваат дека исто така им е познато дека надлежните органи во Албанија во моментов подготвуваат подзаконски акти, кои ќе бидат составен дел на Законот за заштита на националните малцинства во Република Албанија.
– Со наведените подзаконски акти, меѓу другото, се планира и формирање редакции за емитување емисии на јазиците на малцинствата; да биде објавен конкурс за избор на нови членови на Комитетот за малцинства, а во новиот комитет ќе има претставници од сите девет малцинства, кои се признаени со новиот закон, и тоа Македонци, Грци, Власи, Срби, Црногорци, Роми, Египќани, Босанци и Бугари – велат од МНР.

Оттаму подвлекуваат дека МНР очекува Владата на Албанија и другите надлежни институции што поскоро да го заокружат донесувањето на подзаконските акти и со тоа успешно да го спроведуваат законот, односно правата на малцинствата на целата територија на Република Албанија.
Нашето МНР, исто така, во својот одговор за нашиот весник, подвлече дека има информација дека годинава во Албанија ќе има попис на населението и ќе постои графа во која Македонците ќе можат да ја искажат својата етничка и конфесионална припадност.
– Во 2020 година, албанскиот институт за статистика ќе спроведе попис на населението, домаќинствата и земјоделските стопанства, при што, првпат, во пописниот формулар ќе постои графа на која граѓаните ќе можат да ја искажат својата етничка и верска припадност – се вели во одговорот од МНР на темава.

Претставниците на Македонците во Албанија задоволни од исчекорот, но ги истакнуваат и проблемите

Претседателот на македонското друштво „Илинден“ од Тирана, Никола Ѓурѓај, актуелните случувања ги толкува како исклучително значајни за Македонците во Албанија, но и за преостанатите заедници во оваа држава.
Ѓурѓај објаснува дека Законот за малцинствата е многу значаен за нас. Со неговото стапување во сила се решаваат голем број од прашањата што ги мачат Македонците во Албанија, а сепак останува нерешливата енигма за односот на матичната македонска држава кон нив.

Според Ѓурѓај, носењето на законот е битно и за самата земја, бидејќи ако не се донесе тогаш Албанија не би можела да ѝ се приклучи на Европската Унија. Но Ѓурѓај објаснува и дека законот самиот по себе има и „проблематични“ моменти.
– Во законот првпат се внесува и непостојно малцинство во Албанија, а тоа е бугарското. Тоа е извршено под притисок на Бугарија кон Албанија, иако во земјата по сите пописи нема Бугари, а истото тоа го заклучи и Министерство за надворешни работи на Тирана во голем број пригоди. Но од непознати причини во последен момент тоа беше уфрлено во текстот на актуелниот закон – вели Ѓурѓај.
Претставникот на Македонците во оваа земја вели дека по донесувањето на текстот на Законот за малцинства во 2017 година, многу работи останале отворени и недовршени.

– Законот во практика никогаш не се спроведе и многу од подзаконските планирани акти за реформи во Албанија по ова прашање не се донесоа – објаснува Ѓурѓај.
Тој потсетува дека македонското друштво „Илинден“ неколкупати досега има апелирано до Владата да се примени овој закон и тој да започне целосно да функционира, бидејќи на тој начин ќе се изрази целосната волја на граѓаните во земјата.

Претседателот на здружението резимира дека за волја на вистината од тамошната влада добиле охрабрувачки сигнали дека употребата на овој закон ќе започне наскоро, бидејќи оваа работа е еден од главните услови за влез на земјата во Унијата, а самиот процес е под константен мониторинг на меѓународната заедница.
Дали албанската држава навистина ќе направи суштински исчекор и ќе направи квалитетна промена во односот кон етничките заедници, особено кон Македонците, или ќе биде мотивирана само да направи „фасада“ да задоволи некои европски „критериуми“, останува да видиме во блиска иднина.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите

https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/

Најново од: Дијаспора

Браќа и сестри Македонци, каде и да сте!

Оваа порака доаѓа од вашата татковина – од Македонија. Од земја со древна историја, богата култура и дух што никогаш не се откажал. Вашата врска со Македонија е крвна, духовна и семејна. Таа тече низ јазикот што го зборуваме, писмото што го пишуваме, песните што ги пееме и спомените што ги носиме со себе. Тоа е […]

Академик Ферид Мурат – американски нобеловец и пријател и Македонија

Академикот Ферид Мурат е познат лекар и фармацевт во Соединетите Американски Држави. Најголемиот дострел на полето на науката го постигнал во 1998 година, кога ја добил Нобеловата награда за физиологија и медицина. Тој е роден во Вајтинг, Индијана, мајка му е Американка родена во Алтон, Илиноис, а татко му е Албанец од село Лакавица, Гостиварско. […]

Македонските православни верници во Салцбург добија нова црковна општина

Со првата Света Архиерејска Литургија, отслужена по повод празникот Рождество на Пресвета Богородица, на 19 септември беше означен почетокот на организираниот црковен живот на македонските православни верници во Салцбург и околината. Новата црковна општина ќе дејствува во рамките на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Македонските православни верници во Салцбург и околината добија нова црковна […]

Реџиналд де Бреј – угледен славист, поет, научник и македонист

Д-р Реџиналд Артур де Бреј беше составувач на новиот „Македонско-англиски толковен речник“. При посетата на главниот град на Австралија во 1992 година, авторот на овие редови, Славе Катин, го посети и домот на професорот д-р Реџиналд Артур де Бреј, член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав и професор на Австралискиот […]

Патот до успехот на Македонецот Роб Спасевски од Мелбурн

Од врвен фудбалер до успешен фудбалски тренер – тоа е пат исполнет со талент, дисциплина, жртви, искуство и постојана желба за победа. Додека кариерата на теренот бара физичка подготвеност, инстинкт и фудбалска умешност, преминувањето на тренерската клупа носи нови предизвици: тактичко знаење, психолошка зрелост, способност за мотивирање и, пред сè, лидерство. Таков пат изодел Роб […]

Соопштение на Централниот совет на Македонците во Германија против актуелните антимакедонски напади во бугарскиот парламент

Берлин, 13 септември 2026 Централниот совет на Македонците во Германија (Zentralrat der Makedonen in Deutschland e.V.) најостро ги осудува најновите историско-ревизионистички и шовинистички изјави, како и официјалната парламентарна иницијатива на бугарскиот пратеник Костадин Костадинов, поднесена на 11 септември 2026 година. Под изговор на спортски настан, Костадин Костадинов ја искористи говорницата на Народното собрание на Република […]

Академик Виктор Фридман – американски лингвист и бранител на македонската вистина

Пријатели на Македонија Виктор Фридман е американски лингвист, славист, македонист, балканист, граматичар и социолингвист, еден од најпознатите балкански слависти во светот. Ученик на Збигњев Голомб, еден од основачите на американската македонистика, Фридман работи во рамките на функционалната структуралистичка теорија на јазикот. Тој е надворешен член на Македонската академија на науките и уметностите од 1994 година […]

Лиана Коњарски од Мелбурн – најдобра одбојкарка во Премиер 1 лигата на Викторија

Македонката Лиана Коњарски од Мелбурн постигна голем спортски успех во Австралија. Со својот клуб „Yarra Ranges Volleyball Club“ ја освои шампионската титула во женската Премиер 1 конкуренција, а нејзините одлични игри беа крунисани со две големи индивидуални признанија – за највреден играч (MVP) и за најдобар техничар (Best Setter) во лигата. Гордост и радост владеат […]

To top