Дијаспора

85 ГОДИНИ ОД ЖИВОТОТ И ДЕЛОТО НА ГОЈКО ЈАКОВЛЕСКИ, АЛИАС ГОЦЕ МАКЕДОНСКИ (5)

94

94

ЗУБОВЦЕ – РОДНОТО СЕЛО НА ГОЈКО

Гојко Јаковлески, алиас Гојко Делчев-Рафкин – Гоце Македонски иако бил надвор од дедовиот праг, меѓутоа, тој постојано се интересирал за напредокот на Зубовце. Така, во разговорот во врска со некои прашања и проблеми во селото, меѓу другото ни кажа дека и покрај очигледните благодати што ги добило селото со изградбата на регионалниот водовод, во многу зубовски дворови и денес се чуваат некогашните бунари и тулумби. И сега, колку за мерак, се вади вода од бунарите и од тулумбите, за која велат дека е послатка и постудена.

Како спомен на времето и на годините кога Зубовце со вода за пиење се снабдувало од маалските чешми, во поново време се изградени две нови маалски чешми, Ѕунина чешма  сред село и Рафкина чешма во Долното маало.

Инаку, селото Зубовце е од збиен тип и има две маала – Долно и Горно Маало, со подмаала. Маалото во кое е роден Гојко е Долно Маало, со подмаало Марковци, кое го добило името по прапрадедото на Гојко, Марко, кој се доселил од Порече. Се претпоставува дека дошол од селото Волч и останал да живее во Зубовце, кое денес е убаво и големо село.

Зубовце е чисто христијанско, православно село. Главна слава на селото е Света Марија, односно Марена, ден кога во црковниот двор се собираат сите мештани, а доаѓаат и гости од другите околни села, во поново време и од цела Македонија. Тогаш за дојденците се готви вкусен грав во казан, се послужуваат разни свежи летни салати, се пие, пее и игра до доцна навечер. Зубовските семејства си имаат и куќни слави. Петковден (27 октомври) е куќна слава на повеќе фамилии. Овој ден со векови го слави и фамилијата на Гојко. Во еден период Јаковлеви го славеа и Свети Никола – зимен (19 декември).

Од нашиот пријател Гојко Јаковлески, алиас Гојко Делчев-Рафкин – Гоце Македонски бевме информирани дека куќата во која се родил во Зубовце била изградена во 1905 година, кога Македонија била под турско владеење, како провинција. Куќата била на два ката. Во горниот кат имале мало одајче и чардак. Била изградена со цел во неа да живеат двајцата браќа: помладиот Делче и повозрасниот Јордан (кој подоцна заминал на печалба во Софија, Бугарија). И покрај тоа што татко му починал млад, на 10-годишна возраст останал без татко, сепак, неговиот дедо (мој прадедо Маноил) им оставил во наследство доста имот.

Маноил им оставил многу голема куќа со простран двор во кој имале амбар, кош за пченки, голем овоштарник, а погоре од куќата имале клет за говедата – кравите, воловите, телињата, коњите… Тие имале и кокошарник, а и кучиња кои им го чувале дворот. Во овоштарникот имале: ореви, лешници, костени, сливи, круши, јаболкници, круши – ранки, дудинки или црници… Опкружувањето било богато и со разни други дрвја како: даб, бука, дрен, леска, а било богато и со разни житни култури како пченица, ’рж, јачмен, овес, просо, мешункасти растенија: грав, леќа и друго. Овците и говедата ги носеле на пасење на планина и на поле.

Во тоа време, во селото немало одвод и довод на вода во самата куќа, немало ни струја, немало машини за перење алишта, шпорети на струја, фрижидери, миксери, тостери и други електрични уреди и удобности кои ги има денес. Се готвело на оган на дрва. Над огништето бил закачен долг синџир на кој висело котле во кое се варело млеко и други работи, а зиме на огништето печеле костени.

95

Света Марена

Зубовце е современо село, со идеална местоположба и поставеност на куќите во просторот и со воспоставен современ начин на живеење кој во ништо не заостанува зад градскиот начин на живеење. Селото постојано се гради и се доградува. Се градат нови куќи, со модерни архитектонски решенија.

Наспроти присутната современа стварност, во Зубовце и денес, со својата изворност, интересот го привлекуваат повеќе стари градби кои ги зачувале белезите на старата македонска архитектура. Овие куќи, со своите автентични фасадни решенија, со чардаците, со големите гостински одаи и слично, нагласено доминираат во просторот пркосејќи му на едно време што полека, но сигурно, одминува. Спојот на старото со новото му дава посебна убавина на ова горнополошко село.

Денес до Зубовце се стигнува по регионалниот асфалтен пат што ги поврзува сите населби распространети во потшарпланинскиот појас.  Главната улица што минува низ средината на селото и ги поврзува сите шест маала е асфалтирана. Асфалтирани се и повеќето сокаци и улици. Во селото работи основно училиште, до четврто одделение. Изградена е и амбуланта, а има три продавници и неколку кафеани и забавни катчиња кои се омилени собиралишта на зубовчани, во попладневните и во вечерните часови.

Зубовце е електрифицирано во средината на педесеттите години на минатиот век. Зачадените газиени ламби, свеќите, фенерите и другите примитивни средства им го отстапија своето место на електричните светилки. Светнаа куќите во Зубовце. Електрификацијата, наедно, го означи и новиот, современиот начин на живеење.

При нашата посета на Зубовце се уверивме дека Зубовската Река е скротена. Бучавата  или речните сукови сега се заменети со прекрасно оформени и поплочени речни каскади. Речното корито долж селото е уредено. Од двете страни на коритото се направени шеталишта, поплочени со бекатон плочки. Целиот простор е озеленет. Засадени се и повеќе млади иглолисни дрвца. На платото пред новоизградениот Божји храм „Свети апостол Тома“ се поставени клупи за седење и за починка. Уредениот кеј му дава посебна убавина на селото.

96

Зубовчани на Свети Трифун

Треба да се нагласи дека Зубовце и зубовчани активно биле вклучени во славната Народноослободителна војна и дале драгоцен придонес во сеопштата борба против фашистичкиот окупатор и неговите домашни слуги и предавници. Во летото, во 2003 година, зубовчани открија Спомен-обележје на кое е запишано: Во знак на сеќавање на значајните настани во деновите на НОВ – формирањето на Првиот народно ослободителен одбор во 1942 година, организирањето на Првата ќелија на КПМ во 1943 година и сеќавање на паднатите борци во НОВ, Јордан Ристевски, Миле Д. Димитриевски, Тодор С. Огњановски, Бранко А. Таневски и Драге Д. Апостоловски.

Спомен обележјето кое е поставено сред село, веднаш над  Зунина чешма, трајно ќе потсетува на едно бурно и пресвртно време кога беше извојувана и толку посакуваната и очекуваната слобода и беа поставени темелите на државноста и на самобитноста на Македонија и на македонскиот народ – вековен сон на многу македонски генерации.

Не случајно се вели дека Зубовце е село, но во него се живее градски живот. Денес, во Зубовце се создадени сите услови за нормално и удобно живеење. Затоа зубовчани си го сакаат своето село. Активно учествуваат во реализирањето на сите иницијативи што ги презема Месната заедница. Но родното огниште не го забораваат ни иселените. Редовно доаѓаат да се видат со своите, да се потсетат на времето кога и тие биле дел од зубовското секојдневие, кога заедно го делеле и доброто и злото, минатото и иднината.

Продолжува

 B3

Пишува: СЛАВЕ  КАТИН

Најново од: Дијаспора

Браќа и сестри Македонци, каде и да сте!

Оваа порака доаѓа од вашата татковина – од Македонија. Од земја со древна историја, богата култура и дух што никогаш не се откажал. Вашата врска со Македонија е крвна, духовна и семејна. Таа тече низ јазикот што го зборуваме, писмото што го пишуваме, песните што ги пееме и спомените што ги носиме со себе. Тоа е […]

Академик Ферид Мурат – американски нобеловец и пријател и Македонија

Академикот Ферид Мурат е познат лекар и фармацевт во Соединетите Американски Држави. Најголемиот дострел на полето на науката го постигнал во 1998 година, кога ја добил Нобеловата награда за физиологија и медицина. Тој е роден во Вајтинг, Индијана, мајка му е Американка родена во Алтон, Илиноис, а татко му е Албанец од село Лакавица, Гостиварско. […]

Македонските православни верници во Салцбург добија нова црковна општина

Со првата Света Архиерејска Литургија, отслужена по повод празникот Рождество на Пресвета Богородица, на 19 септември беше означен почетокот на организираниот црковен живот на македонските православни верници во Салцбург и околината. Новата црковна општина ќе дејствува во рамките на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Македонските православни верници во Салцбург и околината добија нова црковна […]

Реџиналд де Бреј – угледен славист, поет, научник и македонист

Д-р Реџиналд Артур де Бреј беше составувач на новиот „Македонско-англиски толковен речник“. При посетата на главниот град на Австралија во 1992 година, авторот на овие редови, Славе Катин, го посети и домот на професорот д-р Реџиналд Артур де Бреј, член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав и професор на Австралискиот […]

Патот до успехот на Македонецот Роб Спасевски од Мелбурн

Од врвен фудбалер до успешен фудбалски тренер – тоа е пат исполнет со талент, дисциплина, жртви, искуство и постојана желба за победа. Додека кариерата на теренот бара физичка подготвеност, инстинкт и фудбалска умешност, преминувањето на тренерската клупа носи нови предизвици: тактичко знаење, психолошка зрелост, способност за мотивирање и, пред сè, лидерство. Таков пат изодел Роб […]

Соопштение на Централниот совет на Македонците во Германија против актуелните антимакедонски напади во бугарскиот парламент

Берлин, 13 септември 2026 Централниот совет на Македонците во Германија (Zentralrat der Makedonen in Deutschland e.V.) најостро ги осудува најновите историско-ревизионистички и шовинистички изјави, како и официјалната парламентарна иницијатива на бугарскиот пратеник Костадин Костадинов, поднесена на 11 септември 2026 година. Под изговор на спортски настан, Костадин Костадинов ја искористи говорницата на Народното собрание на Република […]

Академик Виктор Фридман – американски лингвист и бранител на македонската вистина

Пријатели на Македонија Виктор Фридман е американски лингвист, славист, македонист, балканист, граматичар и социолингвист, еден од најпознатите балкански слависти во светот. Ученик на Збигњев Голомб, еден од основачите на американската македонистика, Фридман работи во рамките на функционалната структуралистичка теорија на јазикот. Тој е надворешен член на Македонската академија на науките и уметностите од 1994 година […]

Лиана Коњарски од Мелбурн – најдобра одбојкарка во Премиер 1 лигата на Викторија

Македонката Лиана Коњарски од Мелбурн постигна голем спортски успех во Австралија. Со својот клуб „Yarra Ranges Volleyball Club“ ја освои шампионската титула во женската Премиер 1 конкуренција, а нејзините одлични игри беа крунисани со две големи индивидуални признанија – за највреден играч (MVP) и за најдобар техничар (Best Setter) во лигата. Гордост и радост владеат […]

To top