Дијаспора

85 ГОДИНИ ОД ЖИВОТОТ И ДЕЛОТО НА ГОЈКО ЈАКОВЛЕСКИ, АЛИАС ГОЦЕ МАКЕДОНСКИ (11)

6.2

6.2

ВО БАВАРСКАТА ШУМА  И МИНХЕН

За Гојко првата дестинација во Германија од Белград за Западна Германија бил градот Минхен. Тој лежи на висорамнините во Горна Баварија, околу 50 километри северно од северната граница на Алпите, на надморска височина од околу 500 метри. Минхен е познат по големиот отворен плоштад именуван според столбот, кој е во центарот на плоштадот во чија близина се наоѓаат Стариот и Новиот градски дом (ратхаус). Минхен е главен град на германската покраина Баварија. Градот лежи на реката Изар, северно од Баварските Алпи. Тој е третиот најголем град во Германија по Берлин и Хамбург.

Веднаш по пристигнувањето во Минхен на 5. август 1961 година, Гојко Јаковлески се префрлил во возот за Кам, во Баварската Шума, каде што требало да специјализира, најмногу три месеци. Во тој дел на Германија дрвната индустрија е исклучително добро организирана и многу развиена. Тука ја извршувал практичната работа, за што добивал бесплатно сместување, храна и извесна сума пари.

Значи, прво, ја завршил специјализацијата, односно со задачата за која бил испратен во Германија, а за што се стекнал со потврда, сертификат, за потоа сите документи да ги испрати до Шумарскиот факултет во Скопје.

Инаку, покраината Баварија каде Гојко ја започнал својата специјализација е една од двете најјужни сојузни покраини во Германија, а нејзин главен град е Минхен. Таа има меѓународни граници со Австрија и Чешка. Нејзини соседни германски покраини се Баден-Виртемберг, Хесен, Тирингија и Саксонија. Низ Баварија течат двете поголеми реки Дунав и Мајна. Баварските Алпи ја дефинираат границата со Австрија, а на нив се наоѓа и највисокиот врв во Германија – Цугшпице. Поголеми градови во Баварија се Минхен, Нирнберг, Аугсбург, Регенсбург, Вурцбург, Инголштат, Фирт и   Ерлнген.

Во Кам, во Баварската Шума, каде што бил на специјализација, му било доста интересно, се дружел и често излегувал со колеги Германци,  оделе во блиските места на игранки. Контактите и комуникацијата му овозможиле да го усоврши германскиот јазик. Во рамките на „Шумското стопанство“ биле сместени во таканаречен „колпихгхаус“, еден вид студентски дом каде што спиеле во големи простории со по неколку студенти кои, исто така,  биле практиканти.

По завршувањето на специјализацијата, Гојко отишол во Минхен каде се пријавил на Шумарскиот институт. Таму се заинтересирал за можностите дали за него има соодветно работно место, бидејќи сакал да остане уште некое одредено време, додека му биле валидни документите за престој. Со големо задоволство го прифатиле и му овозможиле да работи научна, стручна работа.

6.3

Почнал со работа која за него била многу интересна. Пресметувал како се развивале исечоците од дрвјата, трупците, според годишните прстени, односно како растело дрвото и врз основа на тоа, од повеќе трупци го пресметувал прирастот на еден цел реон на една шума.

Работата многу го исполнувала, за што добивал 2,5 германски марки за сработен еден час. По некое време, се заинтересирал за тоа дали би можел да преполага некои испити или да повтори некоја година за да се стекне со соодветната диплома како „шумарски инженер“ токму тука во Минхен. Му било објаснето дека и да го заврши тука факултетот, дипломата нема да може да му користи, бидејќи шумата во Германија е државна сопственост и можат да работат само германски државјани. Затоа се откажал од таа идеја.

Тој нашироко говори за убавините на Минхен и за тоа како Германците се мошне практични и добро организирани. Вели дека специјализацијата во Германија му отворила нови видици, нов поглед на светот. За Минхен Гојко, меѓу другото, ќе рече:

„Шетајќи по минхенските улици и булевари, одев како зашеметен, се чувстував како да се наоѓам на друга планета. Си размислував, каква разлика има од она што го гледав во Софија. Сѐ до тогаш си мислев дека Софија е најубавиот град на светот, со убавите паркови, со цвеќињата, чистите улици, а најмногу ми се допаѓаа улиците со жолтите камења, околу паметникот на царот „Ослободител“, што се наоѓаше кај Народното собрание, потоа Руската црква, Дворецот, па мавзолеот на Георги Димитров и Катедралата „Александар Невски“ и друго …“

Кога го напуштил Институтот во Минхен, почнал да размислува што да прави. Дали да се врати во Југославија или да остане во емиграција. Шетајќи низ улиците и булеварите во Минхен, по Леополдштрасе, Банхофштрасе, Штахус, Шилерштрасе, Хауптбанхоф, одел како омајан. Се шетал и истовремено размислувал што да правам? Да се врати во родниот крај каде што ќе има една средна егзистенција, ќе биде шумарски инженер, или, да остане во туѓина и да започне сѐ од почеток.

Печалбарството, гурбетлукот, не им бил туѓ на неговите предци. Имале долга традиција, дедо му Петко, прадедо му Маноил, прастрико му Илко, сите во Истанбул, Јане во Чикаго, САД, Јорде во Софија, Бугарија. А, и тој од седумгодишна возраст отишол во Софија, каде што останал тринаесет години.

Во кус период во Минхен се рашетал низ градот и ја видел црквата „Свети Петар“ која е најстарата црква во центарот на градот, а се наоѓа во близина на Мариен плац. Изградена е во романски архитектонски стил и во неа биле сместени монасите уште пред официјалното основање на градот во 1158 година. Во близина на „Свети Петар“ е и Црквата на „Светиот Дух“ изградена во готски стил, која во 1724 година била претворена во барокен стил и истата гледа кон најпознатиот пазар во Минхен.

6.4

Црквата Света Богородица во Минхен

Црквата „Света Богородица“ е најпознатата градба во центарот на метрополата Минхен и служи како катедрала на Минхенско-франзиншката архиепископија. Во близина на оваа црква се наоѓа и црквата „Свети Михаел“ која е и најголемата ренесансна црква северно од Алпите, додека, пак, „Театинеркирхе“ е базилика од доцниот италијански барок и истата имала огромно влијание на јужно- германската барокна архитектура.

Исто така, во Минхен Гојко запознал многу луѓе кои доаѓале од југословенските простори, Срби, Хрвати, Босанци, Црногорци и Македонци кои биле во мал број. Германија, после изгубената Втора светска војна имала потреба од работна сила. Исто така, имала многу емигранти, политички бегалци, огорчени противници на титовото „братство и единство“, таканаречени усташи, четници, ванчомихајловисти, балисти, а имало и бегалци од Бугарија, Полска, Чехословачка, Романија. Значи, Минхен бил шаренолик, измешан со луѓе од сите европски и балкански земји и народи.

За време на престојот во Минхен, многу работи на Гојко му станале појасни, како, на пример, неприродниот воен пакт од 1954 година помеѓу Југославија, Турција и монархо-фашистичка Грција кој бил директно вперен против интересите на македонскиот народ. Во Минхен се запознал со многу демократски образовани и настроени патриоти, кои не биле екстремисти, а кои се бореле со демократски средства за едно демократизирање на Југославија.

Според кажувањата на Гојко, во тоа време, сите оние кои не биле поддржувачи на титовата политика, биле обележувани како „усташи“, „четници“, додека Македонците како „ванчомихајловисти“.  Голем број од нив биле вклучени во битката за поубава демократска иднина во рамките на „Јужнословенскиот демократски сојуз“ во кој имало Црногорци, Срби, Хрвати од Босна, Словенци, Бугари … Тие ветувале дека ќе му помогнат во средувањето на неговите документи за азил, на што тој се согласил и станал „тајник“, односно, таканаречен секретар на македонската секција.

Му излегле во пресрет, му помогнале и го советувале дека, пред сѐ, треба да се пријави во бегалскиот лагер (логор) Цирнодорф кај Нирнберг и дека, потоа, треба да ја започне целата процедура за испитување и проверување.

Во тоа време, во Германија можело да останат и да живеат само оние кои претходно биле прогонувани и затворани поради политички и религиозни причини. А Гојко во Минхен почнал да работи и во една градежна фирма, која му доделила и стан, чист и добро загреан. Затоа, тешко му било да се одлучи за својата иднина и место на живеење.

Се двоумел дали да се врати во Македонија или, пак, да остане во Германија и да започне нов живот во туѓина, како емигрант. Размислувал долго време, ставајќи ги на вага предностите и негативните страни. Сепак, после многу непроспиени ноќи кога требало да ja донесе одлуката, во калкулациите што ги правел натежнале фактите и интуицијата, па се одлучил да остане во Германија.

Продолжува

 B3

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Најново од: Дијаспора

Браќа и сестри Македонци, каде и да сте!

Оваа порака доаѓа од вашата татковина – од Македонија. Од земја со древна историја, богата култура и дух што никогаш не се откажал. Вашата врска со Македонија е крвна, духовна и семејна. Таа тече низ јазикот што го зборуваме, писмото што го пишуваме, песните што ги пееме и спомените што ги носиме со себе. Тоа е […]

Академик Ферид Мурат – американски нобеловец и пријател и Македонија

Академикот Ферид Мурат е познат лекар и фармацевт во Соединетите Американски Држави. Најголемиот дострел на полето на науката го постигнал во 1998 година, кога ја добил Нобеловата награда за физиологија и медицина. Тој е роден во Вајтинг, Индијана, мајка му е Американка родена во Алтон, Илиноис, а татко му е Албанец од село Лакавица, Гостиварско. […]

Македонските православни верници во Салцбург добија нова црковна општина

Со првата Света Архиерејска Литургија, отслужена по повод празникот Рождество на Пресвета Богородица, на 19 септември беше означен почетокот на организираниот црковен живот на македонските православни верници во Салцбург и околината. Новата црковна општина ќе дејствува во рамките на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Македонските православни верници во Салцбург и околината добија нова црковна […]

Реџиналд де Бреј – угледен славист, поет, научник и македонист

Д-р Реџиналд Артур де Бреј беше составувач на новиот „Македонско-англиски толковен речник“. При посетата на главниот град на Австралија во 1992 година, авторот на овие редови, Славе Катин, го посети и домот на професорот д-р Реџиналд Артур де Бреј, член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав и професор на Австралискиот […]

Патот до успехот на Македонецот Роб Спасевски од Мелбурн

Од врвен фудбалер до успешен фудбалски тренер – тоа е пат исполнет со талент, дисциплина, жртви, искуство и постојана желба за победа. Додека кариерата на теренот бара физичка подготвеност, инстинкт и фудбалска умешност, преминувањето на тренерската клупа носи нови предизвици: тактичко знаење, психолошка зрелост, способност за мотивирање и, пред сè, лидерство. Таков пат изодел Роб […]

Соопштение на Централниот совет на Македонците во Германија против актуелните антимакедонски напади во бугарскиот парламент

Берлин, 13 септември 2026 Централниот совет на Македонците во Германија (Zentralrat der Makedonen in Deutschland e.V.) најостро ги осудува најновите историско-ревизионистички и шовинистички изјави, како и официјалната парламентарна иницијатива на бугарскиот пратеник Костадин Костадинов, поднесена на 11 септември 2026 година. Под изговор на спортски настан, Костадин Костадинов ја искористи говорницата на Народното собрание на Република […]

Академик Виктор Фридман – американски лингвист и бранител на македонската вистина

Пријатели на Македонија Виктор Фридман е американски лингвист, славист, македонист, балканист, граматичар и социолингвист, еден од најпознатите балкански слависти во светот. Ученик на Збигњев Голомб, еден од основачите на американската македонистика, Фридман работи во рамките на функционалната структуралистичка теорија на јазикот. Тој е надворешен член на Македонската академија на науките и уметностите од 1994 година […]

Лиана Коњарски од Мелбурн – најдобра одбојкарка во Премиер 1 лигата на Викторија

Македонката Лиана Коњарски од Мелбурн постигна голем спортски успех во Австралија. Со својот клуб „Yarra Ranges Volleyball Club“ ја освои шампионската титула во женската Премиер 1 конкуренција, а нејзините одлични игри беа крунисани со две големи индивидуални признанија – за највреден играч (MVP) и за најдобар техничар (Best Setter) во лигата. Гордост и радост владеат […]

To top