Дијаспора

СТИВ ПАКАС ВО ПОСЕТА НА ПИРИНСКА МАКЕДОНИЈА И ГРОБОТ НА ЈАНЕ САНДАНСКИ (48)

1231 copy

1231 copy

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА “СТИВ ПЉАКАС“ ОД СЛАВЕ КАТИН

Кога Стив Пљакас пристигна во Скопје, изрази желба да ја посети Пиринска Македонија, а за тоа имал договорено уште од Канада да подари средства на ОМО „Илинден“ во Сандански, а најмногу сакаше да го посети гробот на Јане Сандански „Пиринскиот цар“.

Затоа, заедно со бизнисменот Стив Пљакас сакавме да се увериме, да го потврдиме тоа и да се информираме за дел од вистината на Пиринска Македонија. Така, во утринските часови на едно августовско утро, тргнавме да го посетиме градот Горна Џумаја, денешен Благоевград, а потоа да одиме во Сандански.

Гога стасавме во Пиринска Македонија видовме како во далечината горделиво се издигаше Пирин, убавецот и највисоката од сите планини во Македонија. Чиниш со раце ќе ја допреш славната планина на Јане Сандански за која се врзани безброј легенди на Македонците од овој крај.

Нашето патување го продолживме кон градот Сандански (поранешен Свети Врач) или кон „Пиринскиот убавец“, како што често го нарекуваат.  Од далечините ги гледавме станбените згради лоцирани на една височинка, чиј број се зголемуваше со самото приближување. Влеговме во Сандански, чија популација брои околу триесет илјади жители и се движевме по живописниот булевар во чија средина има зимзелени дрвја кои ја разубавуваат глетката и градот го прават пријатно катче за посетителите.

Тука го видовме споменикот на Спартак. Како што нè информира еден нашинец од ОМО „Илинден“, со кого се сретнавме во центарот на градот, според еден германски научник долината на реката Струма меѓу Пирин и Малешевските Планини е место од каде што потекнува овој водич на робовите, за кого се напишани многу легенди.

Во еден од рестораните лоциран на плоштадот минавме неколку пријатни часови со неколку членови на ОМО „Илинден“, со кои ги посетивме нивните простории, кои, за жал, се наоѓаа во еден подрум. Таму, гостинот од Канада, Стив Пљакас се покажа како хуманист и поклони одредена сума пари за организацијата, за што членовите на ОМО „Илинден“ му се заблагодарија.

Во близина на ресторанот  имаше еден стар чинар кој не потсети како на оној во Охрид. Градот Сандански е мошне уреден чист,  со нови архитектонски градби. Големо богатство за Сандански се минералните извори кои течат од памтивека. Нив ги има повеќе: едни во Градскиот парк, а други на десниот брег на реката Санданска Бистрица, чија температура достигнува и над 80°C, а има и лековита кал.

Градот Сандански со околината е едно од најтоплите и најсончевите места во Пиринска Македонија. Овде многу ретко врне снег и речиси никогаш не паѓа магла и, поради поволните климатски услови и природните бањи, тука се лекуваат хронични и бронхијални болести, поради што градот е посетен од многубројни туристи.

Сандански го напуштивме во попладневните часови и се упативме на југ кон Мелник, кого често случајните намерници го нарекуваат „град легенда“, „град на виното“, „град на минатото“, а тој, всушност е најмалиот град во Пиринска Македонија и на Балканот, ако не и во Европа. Во него живеат едвај 400-500 жители.

Меѓутоа, Мелник пленува со својот необично живописен изглед и архитектонски остварувања. Сместен е меѓу песочните пирамиди на двете страни на Мелничката и Роженската Река и претставува град-музеј, бидејќи секоја куќа е музеј за себе, а се зачувани и манастирот „Света Богородица“ и црквата „Свети Никола“, кои зборуваат за богатиот црковен живот на овие простори.

Мелник има многу интересно минато. Уште во времето на цар Самуил бил важен воен центар, а подоцна станал привлечно место, бидејќи тука континенталната клима се преточува во планинска, а и во алпска погоре кон Пирин Планина. Во минатиот век Мелник бил многу значаен трговски центар и град на престиж меѓу трговците каде што се отворале широки перспективи.

Затоа во него, покрај Македонци – Пиринци се доселиле бројни Елини (Грци), Турци, Ерменци, Власи, Евреи и други, чиј број на крајот од XIX век достигнал до 20.000. Во тој период градот доживува голем растеж и напредок на трговско поле; карвани од коњи и камили натоварени со буриња и мешини мелничко вино секојдневно заминувале на сите страни на светот. Така, карваните на југ оделе до Египет, на запад до Париз и Мадрид, а на север до Будим и Пешта.

12312 copy Гробот на Јане Сандански

Во Мелник застанавме да се одмориме во кафеаната под големиот чинар што се наоѓа во центарот до Мелничка Река, од каде што се гледа еден дел од градот, во кој се реновираат бројни стари куќи со различна архитектура и во кои започнува нов живот. По кратка починка со нашиот познајник поминавме покрај споменикот на Јане Сандански што е сместен во паркот под патот, во непосредна близина на автокампот, во кој имаше бројни туристи и се упативме кон селото Рожен, кое е оддалечено десетина километри од Мелник.

Инаку, Рожен е мало село сместено на двата брега на Роженска Река, во кое живеат околу дваесетина семејства. Селото е поврзано со асфалтен пат, а животот се одвива пред ресторанот на големиот паркинг. Оттаму до Роженскиот манастир се оди по асфалтниот пат што стрмно и како змија се извива кон ридот на чија рамна височина се наоѓа манастирот и гробот на Јане Сандански. Прво го посетивме манастирот кој датира уште од 1220 година, на чии темели е изградена црквата „Раѓање на Света Богородица“.

Манастирот е заграден од сите страни со високи манастирски конаци, чии чардаци го привлекуваат секој посетител, а се влегува само од источната страна низ дебелата дабова врата. Црквата има живописни фрески и икони, а највреден е иконостасот направен од рацете на македонските мајстори од Дебарската школа, кои не само тука, туку ширум Македонија оставиле трајни и многу вредни дела во резба.

На оддалеченост од стотина метри од манастирот кон исток се наоѓа црквата „Свети Кирил и Методиј“, пред чиј олтар е гробот на Јане Сандански. Се поклонивме и му оддадовме почит на македонскиот легендарен војвода, кого што често го нарекуваат „Пирински цар“.

Бевме информирани дека во минатото гробот на Сандански на кој пишувало дека Јане се борел за човекови права и слобода на Македонија и, особено на македонскиот народ во пиринскиот дел на Македонија, бил на неколку километри далеку од црквата „Раѓање на Света Богородица“. Меѓутоа, ние се уверивме дека на сегашната надгробна плоча на „Пиринскиот цар“ Јане Сандански го пишува следното:

Јане Сандански 1872-1915

„Да живееш, значи да се бориш – робот за слобода, а слободниот за совршенство“.

Стив Пљакас, кој дојде специјално да го види гробот се вртеше околу споменикот на Јане, нешто размислуваше, потоа повторно се поклонивме пред големиот „Пирински цар“ и без збор го напуштивме гробот на војводата. Молчешкум се спуштивме по патот и се упативме кон Петрич, најјужниот град на овие македонски простори.

Се движевме по главната улица којашто Петрич го дели на два дела и ја гледавме и се восхитувавме на оваа убава македонска населба, која со високите костенови, јаворови, дабови и букови стебла уште во XVII век оставила силен впечаток на патеписецот Евлија Челебија.

На петнаесетина километри западно од Петрич, во непосредна близина на Струмешница, којашто името го добила по реката Струмешница, се наоѓа месноста Клуч. Тука, непосредно до патот, на десниот брег на реката се пронајдени остатоци од тврдина. Токму на тие простори, во 1014 година се одиграла најстрашната крвава битка меѓу македонскиот цар Самуил, кој го посеал  македонското семе и ја формирал Охридската архиепископија, и византискиот цар (Македонецот) Василиј II. Војската на Василиј II за одмазда им ги ископала очите на Самуиловите војници, а на секој стоти војник му оставиле по едно око за да ги поведе своите ранети другари кај царот во моите Преспа и во Охрид. Кога Самуил ја видел страшната трагедија од болка починал.

Продолжува

slavek 1 copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Најново од: Дијаспора

Семакедонска средба на 14 ноември во Штип

Традиционалната Семакедонска средба годинава ќе се одржи на 14 ноември 2026 година, сабота, со почеток во 12:00 часот, во хотелот „Оаза“ во Штип. Организатори на средбата се Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија „Мирка Гинова“ од Штип и Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија „МАКЕДОН“. За […]

Македонија и Македонците ширум светот, поврзани под едно сонце

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) ги повикува Македонците ширум светот да се вклучат во „МК Конект“ – платформата на волонтери-дописници на Македонската радио-телевизија и Агенцијата за иселеништво. Платформата произлезе од меморандумот за заемна соработка меѓу двете институции, со цел посилно поврзување на македонските иселеници со татковината. ОМД со гордост ја поддржува иницијативата и го поздравува нејзиниот […]

„Заветна“ — песна за нераскинливата врска со Македонија

Постојат песни во кои љубовта кон татковината се изразува како ветување. Таква е „Заветна“, во изведба на Пепи Бафтировски, со музика на Миле Барбаровски и текст на Георги Барбаровски — песна за страдањето, истрајноста и длабоката поврзаност на човекот со македонската земја. Уште во почетните стихови се навестуваат обидите Македонија да биде премолчена, сокриена и […]

Македонската дијаспора е нераскинлив дел од татковината и партнер во градењето на нејзината иднина

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска во Солинген, Сојузна Република Германија, заедно со членови на Извршниот комитет, присуствуваше на Третата конференција на задграничните комитети на ВМРО-ДПМНЕ. Пред присутните делегати, Мицкоски ги претстави актуелните состојби во Македонија, економските резултати, инфраструктурните инвестиции и предизвиците со кои се соочува државата во услови на глобални енергетски и економски неизвесности. […]

„Повод“ – македонски глас од Сиднеј што ја поврзува дијаспората со татковината

Фиданка Танаскова Најновиот, 79. број на списанието на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, Австралија носи богат мозаик од книжевни осврти, културни настани и иселенички сведоштва, во служба на македонскиот јазик, култура и идентитет. Списанието „Повод“, едно од најреномираните македонски иселенички гласила во светот,  што го издава Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, […]

„Т’га за југ“ — песна за секое македонско срце далеку од дома

„Т’га за југ“ од Константин Миладинов е длабоко лична исповед за копнежот по родниот крај. Во неа, далечината се чувствува како студ во душата, а споменот на татковината носи светлина и топлина. Наспроти мракот, маглите и мразовите стојат Охрид, Струга, езерото и родните предели — места во кои поетот чувствува дека припаѓа. Желбата да добие […]

„Чувари на верата и македонскиот идеал“ – во Мелбурн одбележан Денот на македонската револуционерна борба

Со панихида, положување цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев и културна програма, македонската заедница оддаде почит на националните дејци и на архиепископот Ангелариј. Под мотото „Чувари на верата и македонскиот идеал“, Македонската православна општина за Мелбурн и Викторија на 24 октомври го одбележа Денот на македонската револуционерна борба – 23 Октомври. На настанот беше одбележана […]

Крис Петровски – од Битола до Холивуд

Актерот со македонски корени ја продолжува филмската приказна на својот роден град и ги охрабрува младите да веруваат во сопствениот талент. Кога ќе се спомене Битола, првите асоцијации се Градот на конзулите, браќата Манаки, филмот, театарот и препознатливата боемска култура. Но, културното богатство на еден град не се мери само со неговото минато. Неговата вистинска […]

To top