Дијаспора

ПОЗНАТИОТ ИСЕЛЕНИК Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ ГО ПРОСЛАВИ 90. РОДЕНДЕН СО ФОРМИРАЊЕ ФОНДАЦИЈА

33

33

Познатиот иселеник д-р Лефтер Методиев Манче кој е дете прогонето од Егејска Македонија, а кој постана светски естетски  хирург, трансплантер и асистент университетски професор, на 28 септемсри 2025 година, во хотелот „Мериот“ во Скопје, заедно со бројни роднини, другари, колеги, и пријатели од сите делови на Македонија, го прослави неговиот 90. Роденден  со промоција на Фондацијата “Доктор Лефтер Манче”.

По интонирањето на македонската национална химна, реч за животот и делото на доктор Лефтер Манче одржа претседателот на Светскиот Македонски Конгрес и генерален секретар на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН, Тодор Петров.

Пригодно обраќање со евоции од неговиот живот и историјата на Егејскиот дел од Македонија одржа доктор Лефтер Манче, а свечената трпеза ја благослови Неговото Високопреподобие отец Никодим Царкњас, архимандрит мегленски.

Присутните ги забавуваше музичката група “Егејска рапсодија” од Штип, со песни и ора од Егејот – душата на Македонија, како и Марија Ташевска и Ленче Димовска со народна носија од костурско, кои отпејаа три македонски народни песни од Егејот: “Мори чупи костурчанки”, “Луда ми тера коњи” и “И ние сме деца на мајката земја”.

Во Фондацијата, доктор Лефтер Манче ќе вложи околу 40 милиони денари сопствени средства. Од дивидентата на акциите во Алкалоид АД Скопје, ќе се доделува годишна награда на најдобрите студенти од трета студиска година на Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје – и на Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет “Блаже Конески“ во Скопје.

Во Одборот на Фондацијата свои претставници ќе имаат Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и Јустинијана Прва, Универзитетот “Свети Кирил и Методиј” во Скопје и Македонската академија на науките и уметностите.

Доктор Лефтер Манче како најдобри студени на трета година во учебната 2024/2025 година ги награди студентот Жан Павлов од Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје со просек 10, и студентите Стефан Спасовски и Алма Шемо од Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет “Блаже Конески“ во Скопје со просек 9,92.

На прославата присуствуваа Македонци и претставници на македонските здруженија и заедници од сите делови на Македонија – од Пиринскиот и Егејскиот дел од Македонија, како и од Албанија, Косово и Србија.

Д-р Лефтер Манче е еден од малите великани, кои го поминаа македонскиот дел од пеколот, ги изодеа македонските планини, Европа и светот, но никогаш, каде и да се, не заборавија дека тие им припаѓаат на своите села, градови и на својата родна грутка Македонија. Како Македонец и патриот, д-р Манче често учествувал со помош за добротворни цели на институции и поединци во Македонија.

Тој е основач на „Здружението на Македонците од Загоричани”, Костурско, Егејска Македонија и спонзор на Загоричанската вечера која секоја година, под негово покровителство, ја организира ова здружение. Исто така, тој е голем донатор и хуманист кој ги помага Македонците и нивните организации и списанија во сите делови на Македонија.

Лефтер Манче е роден на 29 септември 1935 година во револуционерното  село Загоричани, Костурско, во егејскиот дел на Македонија. Се родил како петто, од шест деца во семејството Џидрови. Неговиот татко Методи, заедно со 72 мажи од селото бил затворен од монархофашистите во април 1945 година и осуден на 101 година робија на егејските острови (1945 – 1961).

Во текот на Ѓраѓанската војна во Грција, неговата мајка Александра (Цана) и тројцата браќа (Димитар, Стево и Харила) загинале како партизани, а Лефтер го пораснала неговата тетка Јана Манчева (сестра на мајка му) и тетинот Стево, по кои го носи и презимето

По жестоките бомбардирања на македонските села во 1948 година, заедно со други деца од егејскиот дел на Македонија, Лефтер како тринаестогодишник бега преку преспанското село Љубојно и Битола во Будимпешта, Унгарија. Неколку месеци по доаѓањето во Будимпешта, децата бегалци биле распределени во прифатилишта во повеќе градови и села во Унгарија, а Манче бил со група од 21 дете од Загоричани.

Во Унгарија, Лефтер Манче завршил основно и гимназиско образование, а потоа како добар спортист го завршил Факултетот за физичка култура (1955-1959). Веднаш потоа ја остварил големата љубов кон медицината . Во 1959 година се запишал на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Дебрецен. По дипломирањето со одличен успех во 1965 година, Лефтер Манче, најпрво, работи четири години како помошник доктор, а по положувањето на испитите во октомври 1969 година и со стекнувањето на титулата доцент,  работи како асистент-професор на Универзитетската хируршка клиника.

Во 1973 година, тој бил испратен од Универзитетот во Киев, тогашен СССР, и откако се појавила неговата студија за рак на дојката во Германија, во април истата година бил поканет на водечкиот Институт за истражување на ракот Финсен во Копенхаген, Данска. Таму останал два месеца, а потоа решава својата специјализација да ја продолжи во Канада.

Во јуни 1973 година, Лефтер Манче емигрирал во Канада. Објавувањето на неговите студии во меѓународни реномирани медицински списанија, му овозможуваат од канадските власти да добие трајна виза за престој, по што ја започнал битката да го доведе и своето семејство. По долги шест месеци, унгарската влада дозволила неговата сопруга и двата сина да дојдат во Канада.

Меѓутоа, во Канада не му биле признати испитите, па морал да почне од почеток. Во текот на наредните две години ги положува американските испити, а од 1975 до 1979 година работи на Катедрата за општа хирургија на Универзитетската клиника во Отава. Во 1979 година ги положил канадските хируршки испити и во 1980 година Лефтер Манче ја отворил првата приватна клиника за естетска хирургија во Канада.

Согледувајќи дека може многу повеќе да придонесе во естетската хирургија, почнал да патува по светот, посетувајќи познати специјалисти од оваа област. Тој го собира потребното знаење, по што почнува да работи како оператор-специјалист за трансплантација на коса, липосукција, пластика на лице, на очи и на гради.

Во 1984 година заминал за Кан каде присуствувал на Првиот светски конгрес на пластичари за липосукција, по што започнал да извршува хируршки интервенции. Неговото име се појавило на канадските медиуми, а во 1986 година го пишува првиот вовед по липосукција кој истовремено е прва ваква статија од областа на естетската хирургија во Канада.

Истата година во Будимпешта, одржал предавање на оваа тема, а неговите написи за липосукција се појавуваат во канадските, унгарските и француските медицински списанија. По 1987 година, на оваа тема Лефтер Манче одржал повеќе предавања ширум светот, а доктори од целиот свет доаѓале кај него бесплатно да се обучуваат.

Д-р Манче ги обучувал и првите унгарски и македонски пластични хирурзи. Во 1995 година, на Клиниката за пластична хирургија во Скопје, тој во соработка со сега веќе починатиот проф. д-р А. Мишковски, ги извршил првите операции за липосукција и трансплантација на коса. Потоа соработува и со други македонски колеги, а вршел операции и на приватната клиника „Ре Медика”.

Во 2002 година, заедно со син му ја отворил и меѓународната Клиника за трансплантација на коса „Атлантик” во Будимпешта (Atlantik Hajatultetesi Klinika, Budapest), па оперирал паралелно во Канада и Унгарија, како и во Скопје. Д-р Лефтер Манче до 2006 година, само во Канада извршил повеќе од 10.000 оперативни зафати на трансплантација на коса, липосукција, естетика на гради, пластика на лице и очи.

Член е на угледните друштва и институции: The Royal College of Surgeons of Canada; The International Society of Cosmetic Surgery; The American Academy of Facial Plastic & Reconstructive Surgery и член основач на The American Academy of Cosmetic Surgery и на The International Society of Hair Restoration Surgery.

Иако е познат светски хирург за естетска и пластична хирургија, д-р Лефтер Манче никогаш не го заборавил своето македонско потекло. Повеќе од две децении тој со својата кореспонденција ја промовира вистината за Македонија. Од осамостојувањето на Македонија во 1991 година, па сè до денес, тој се вклучува во борбата за признавање на Македонија. Пишува писма до Советот за безбедност (1992) и има преписка со бројни и значајни личности на политичката сцена, меѓу кои и со поранешниот премиер на Велика Британија, Тони Блер, кој го уверува дека Македонија ќе го добие кандидатскиот статус на ЕУ. Тој се допишува со Ван дер Штул, Солана, Робертсон, како и со други владини министри на Унгарија, Канада и Австралија.

Значајно е да се одбележи дека д-р Лефтер Манче е автор на голем број научни трудови објавени во светот. Во исто време, тој е автор и на делото „Културно однесување” на автобиографијата „Патот до врвот” и на најновата книга „Мојата борба за македонското име“.

4 copy copy copy copy copy

Монографијата „Патот до врвот” (2015) е негово автобиографско дело на македонски јазик, со 460 страници и со голем број фотографии,. Тој во делото се јавува како љубопитен патеписец, ангажиран репортер на сè она што го памети на своите многугодишни патувања, средби и разделби. Во автобиографијата се дадени бројни документи за средбите и преписките со голем број видни личности од светот, бројни значајни податоци за Македонија, за Канада, за светот, текстови од неговиот живот како хирург, хуманист и светски патник.

На промоцијата на неговото автобиографско дело беше нагласено дека д-р Лефтер Манче е роден во Егејска Македонија, израснал во Будимпешта, а живее во Отава. Меѓутоа, иако тој го прокрстарил целиот свет, секаде се чувствувал како Македонец. Затоа, со право се вели дека д-р Лефтер Манче е еден од големите познати бранители на уставното име на Република Македонија и на вистината за македонскиот народ и етничка Македонија.

Но, се чини најзначајно е тоа што д-р Лефтер Манче живее со спомените на неговите браќа Димитар, Стево и Харила од село Загоричани, Костурско, кои своите животи ги дадоа за Егејска Македонија и беа жртви во Граѓанската војна во Грција,

Со одлука на Четвртото генерално собрание одржано на 10 и 11 август 1996 година, Светскиот македонски конгрес, како неформален Светски парламент на Македонците од сите делови на Македонија и во целиот свет, му го додели највисокото светско семакедонско признание на доктор Лефер Манче за живот и дело, почесната титула „Македонски сенатор”.

slavek 1 copy copy copy copy copy copy copy

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Најново од: Дијаспора

Македонските православни верници во Салцбург добија нова црковна општина

Со првата Света Архиерејска Литургија, отслужена по повод празникот Рождество на Пресвета Богородица, на 19 септември беше означен почетокот на организираниот црковен живот на македонските православни верници во Салцбург и околината. Новата црковна општина ќе дејствува во рамките на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Македонските православни верници во Салцбург и околината добија нова црковна […]

Реџиналд де Бреј – угледен славист, поет, научник и македонист

Д-р Реџиналд Артур де Бреј беше составувач на новиот „Македонско-англиски толковен речник“. При посетата на главниот град на Австралија во 1992 година, авторот на овие редови, Славе Катин, го посети и домот на професорот д-р Реџиналд Артур де Бреј, член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав и професор на Австралискиот […]

Патот до успехот на Македонецот Роб Спасевски од Мелбурн

Од врвен фудбалер до успешен фудбалски тренер – тоа е пат исполнет со талент, дисциплина, жртви, искуство и постојана желба за победа. Додека кариерата на теренот бара физичка подготвеност, инстинкт и фудбалска умешност, преминувањето на тренерската клупа носи нови предизвици: тактичко знаење, психолошка зрелост, способност за мотивирање и, пред сè, лидерство. Таков пат изодел Роб […]

Соопштение на Централниот совет на Македонците во Германија против актуелните антимакедонски напади во бугарскиот парламент

Берлин, 13 септември 2026 Централниот совет на Македонците во Германија (Zentralrat der Makedonen in Deutschland e.V.) најостро ги осудува најновите историско-ревизионистички и шовинистички изјави, како и официјалната парламентарна иницијатива на бугарскиот пратеник Костадин Костадинов, поднесена на 11 септември 2026 година. Под изговор на спортски настан, Костадин Костадинов ја искористи говорницата на Народното собрание на Република […]

Академик Виктор Фридман – американски лингвист и бранител на македонската вистина

Пријатели на Македонија Виктор Фридман е американски лингвист, славист, македонист, балканист, граматичар и социолингвист, еден од најпознатите балкански слависти во светот. Ученик на Збигњев Голомб, еден од основачите на американската македонистика, Фридман работи во рамките на функционалната структуралистичка теорија на јазикот. Тој е надворешен член на Македонската академија на науките и уметностите од 1994 година […]

Лиана Коњарски од Мелбурн – најдобра одбојкарка во Премиер 1 лигата на Викторија

Македонката Лиана Коњарски од Мелбурн постигна голем спортски успех во Австралија. Со својот клуб „Yarra Ranges Volleyball Club“ ја освои шампионската титула во женската Премиер 1 конкуренција, а нејзините одлични игри беа крунисани со две големи индивидуални признанија – за највреден играч (MVP) и за најдобар техничар (Best Setter) во лигата. Гордост и радост владеат […]

Дијаспората заборавени од историската слика за 8-ми септември

Идејата за самостојна Македонија не се роди непосредно пред референдумот во 1991 година. Таа долго живееше меѓу македонците во дијаспората, дури и кога јавното залагање за независност можеше да донесе прогон, затвор и уништен живот. По повод 8 Септември – Денот на независноста и 35-годишнината од создавањето на самостојната македонска држава, под покровителство на претседателката […]

Европратеничката Ирена Јовева – бранител на македонскиот јазик и македонскиот идентитет

Европската Унија е наднационален и меѓувладин сојуз на европски држави. Под ова име е основана во 1993 година, со Договорот за Европската Унија, познат како Договорот од Мастрихт. Сепак, голем број нејзини институции и механизми постоеле и претходно, врз основа на договорите што датираат уште од 1951 година. Активностите на Европската Унија опфаќаат бројни области […]

To top