Дијаспора

Импонзантна прослава на 35 години од Македонскиот Просветно Училишен Одбор за НЈВ

Zaklina_Mihajlova-Img_5899a

Македонскиот Просветно Училишен Одбор (МПУО) за Нов Јужен Велс – Австралија е непрофитна организација, која се грижи за изучување на македонскиот јазик веќе 35 години.

35 години македонскиот јазик им е достапен на илјадници Македончиња, чии што родители неуморно ги носат да го изучуваат македонскиот јазик и македонската култура. Македонската заедница е пионер во зачувувањето на јазиците на заедниците во НЈВ. Пред 35 години, кога е формиран, по бројот на учениците во НЈВ Македонците беше на првото место. За тоа секако се одговорни родителите, нив треба да им се честита. Заслужни се и првиот Претседател, Г-динот Перо Кикереков, по него Претседатели беа: Г-динот Тоде Кабровски, кој 25 години го водеше Одборот, Ѓорги Ѓоргиев, Цвета Чумковска, Зора Јанева и Жаклина Михајлова, која е актуелен Претседател на Одборот. Заслужни се и сите други членови на Одборот, кои во текот на годините имаа разни задачи како потпретседатели, секретари, благајници, членови на школските одбори и многу други пријатели на македонскиот јазик. Во овие 35 години Македонскиот Просветно Училишен Одбор е оригинално организиран. Имено, под закрилото на МПУО работат сите етнички училишта во НЈВ, а се води грижа и за редовните основни и средни училишта каде што се изучува македонскиот јазик. Одборот ја координира работата на училиштата, ги вработува и доедуцира на специјални семинари учителите, се грижи за афирмирање и промоција на училиштата, за зголемување на бројот на учениците. МПУО има подготвено соодветен Наставен план и Програма за работа во училиштата, а наставата се изведува на три нивоа: почетен, среден и напреден курс.

Во текот на годината МПУО има неколку големи манифестации на кои се промовира македонскиот јазик, нашата култура и традиција и кај учениците се всадува љубовта кон македонските корени:

Свечената Академија за Кирил и Методиј, на која се доделуваат Награди за најдобрите ученици и поединци- волонтери во училиштата, Натпреварот по рецитирање на македонски јазик во НЈВ, на кој децата од 5 – 12 годишна возраст рецитираат на македонски јазик и Годишниот Концерт кој традиционално се одржува на крајот на учебната година, а на кој децата пејат, глумат и го покажуваат тоа што го научиле низ годината, Матурска вечер на матурантите што го изучуваат македонскиот јазик, а МПУО доделува и една бесплатна карта за Македонија, за еден матурант, кој најмалку 5 години го изучувал македонскиот јазик во средното училиште. МПУО одржува часови по  македонски јазик за возрасни. МПУО е врската помеѓу училиштата и Министерството за образование на НЈВ, како и врска со училишта од Македонија. МПУО издава учебници по македонски јазик, помошен материјал за учителките и за учениците. Работата на сите ентузијасти е доброволна, а Одборот е  непрофитна организација и се финансира исклучиво од доброволни средства. МПУО е составен дел од Федерацијата за јазици на заедниците на НЈВ и учествува на сите државни прослави за образование.

Оваа година Одборот ја доби големата и престижна Награда, Повелба на Македонија, што ја доделува Претседателот на Македонија, Г-динот Ѓорге Иванов.

Прославата на 35 годишнината на МПУО се одвиваше во три дена, а започна во петокот, кога гостите – учителки од цела Австралија имаа Семинар по македонски јазик, на кој ги изучуваа новите методи во наставата по македонски јазик, употребата на ајпед во класовите, а разменија и практични искуства меѓусебно. Главното предавање го одржа Г-динот Алекс Де Принцио, советник во Министерството за Образование на НЈВ.

Во саботата се одржа традиционалната матурска вечер во прекрасниот амбиент во Emporium Reception во Bankstown во присуство на многу гости, родители и наставници се прослави матурската вечер. Вечерта им беа врачени дипломите на 22 матуранти за успешно завршено изучување на македонскиот јазик во средното училиште.
Вечерта присуствуваа: Заменик – Директорката на Саботните центри за јазици во НЈВ со своите соработници. И оваа година големо изненадување предизвика доделувањето на наградата која ја доделува Македонскиот Просветно Училишен Одбор за НЈВ – Авионска карта за Македонија, овојпат за најсреќниот ученик кој најмалку 5 години го изучува македонскиот јазик во средното образование. Среќата му се насмевна на Дилан Богдановски, која ќе патува за Македонија бесплатно. Врачувајќи ја наградата Претседателката на Македонскиот Просветно Училишен Одбор, Г-ѓа Михајлова истакна дека: “…изучувањето на македонскиот јазик е света работа. Со изучувањето на македонскиот јазик се изучува и нашата илјадници години стара традиција и култура, а со тоа се едуцираат младите да си ги сакаат и почитуваат корените…“

Матуранти по македонски јазик оваа година беа: Андреј Јосифовски, Ангела Ничоска, Дилан Богдановски, Гоге Спасевски, Клеопатра Јовческа, Кристина Коруновска, Маја Мицевска, Натали Талевска, Памела Марковска, Стефани Недановска, Стивен Најдовски, Анабела Николиќ, Арна Лешанска, Даника Митревска, Димитрија Димитровски, Кристијан Трајковски, Натали Бакрданиковска, Стефан Божиноски, Теодора Димитрова, Изабела Бојковска и Кристина Николовска.

Централната прослава на 35-годишнината на Македонскиот Просветно Училишен Одбор се одржа во неделата, во Културниот центар “Илинден“, што се наоѓа веднаш до Црквата Света Петка во Рокдаел. Во преполната сала беше организирана одлична свеченост, достојна на јубилејот, со прекрасна Изложба што ја подготвија учениците и учителките.

На сите свечености, како и на Главната во неделата присуствуваа и Г-ѓата Љубица Талеска, Претседател на Учителската Асоцијација на Викторија, Г-ѓата Кети Лазаридис- член на Управниот Одбор на македонското училиште во Перт, Г-ѓата Лидија Нарашанова Смилевска – советник по македонски јазик во Викторија, како и првите организатори на училиштата во НЈВ, Кире Пашовски, Панде Кондовски, Душко Марковски, Илија Велјановски – Чорба, како и многу сегашни родители, ученици и пријатели на македонскиот јазик. Присутните ги поздрави членот на Парламентот на НЈВ, Господинот Марк Кури, кој меѓу другото истакна дека: “…..македонската заедница е значаен фактор во НЈВ и дека изучувањето на мајчиниот јазик е една од најважните работи што се организира во македонската заедница.

Поздравувајки ги присутните, Претседателката на МПУО, Жаклина Михајлова рече:

„На сите, нека ни е честит Празникот, Јубилејот 35 години македонски јазик во НЈВ. Господ, да ни даде сила, разум, трпение и добри учители, да го одржиме изучувањето на македонскиот јазик на овие простори и да го имаме уште долго овој Одбор“.

На Свеченоста говореше и младиот Филип Михајлов, млад говорник – мотиватор, кој им кажа на присутните дека иако е роден во Сиднеј, зборува шест јазици. Јас денеска зборувам како што сакам, а луѓето што зборуваат само еден јазик, зборуваат како што можат, рече Филип и им порача на учениците да го изучуваат мајчиниот јазик, затоа што тоа ќе им помогне да бидат поуспешни на повеќе полиња во животот.

Потоа гостите ја разгледаа богатата и огромна Изложба на детски ракотворби, базирани на македонскиот фолклор и традиција, а беа прикажани и филмови што ги подготвија учениците и учителките во училиштата каде што се изведува македонскиот јазик.

Честитки за сите што ја подготвија оваа прослава, а и за оние коишто во текот на годините помагаа да се сочува изучувањето на македонскиот јазик во Нов Јужен Велс.

Zaklina_MihajlovaЖаклина Михајлова

Најново од: Дијаспора

Михајло (Мајкл) Пупин – светски научник со македонски корени од Вевчани

Михајло Идворски Пупин бил професор на Универзитетот Колумбија во Њујорк. Тој бил научник кој, во текот на својата експериментална работа, го задолжил светот со своите откритија на полето на безжичната телеграфија и телефонија, како и рендгенологијата, а имал и големи заслуги за развојот на електротехниката. За својата работа Михајло Пупин добил многу научни признанија и […]

На 2 ноември 1984 година – Весникот „Македонија“ во Торонто, македонски збор далеку од татковината

Излегувањето на првиот број на весникот „Македонија“ во Торонто е значаен датум во историјата на македонскиот иселенички печат и во негувањето на јазикот, културата и врските со татковината. На 2 ноември 1984 година, во Торонто, Канада, излегол првиот број на весникот „Македонија“, наменет за Македонците во Канада. Потоа весникот излегувал редовно, секој 15-ти во месецот, […]

ОМД: 85 години од народното востание – Честит 11 Октомври!

Слободата, македонскиот идентитет и единството се завет што ги поврзува Македонците во татковината и во светот. Денес го одбележуваме 11 Октомври – Денот на народното востание, еден од најзначајните датуми во македонската историја. На овој ден во 1941 година започна народното востание против фашистичката окупација. Храбрите синови и ќерки на Македонија ја поведоа борбата, водени […]

Покана за промоција на антологијата „Илинден во нашите срца“ во Скопје

Поезијата на Македонците од Австралија пред домашната публика – на 14 октомври, во 19:30 часот, во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“. Агенцијата за иселеништво и Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје упатуваат покана за промоција на поетската антологија „Илинден во нашите срца“, со песни од членовите на Литературното друштво „Григор […]

Македонците во Њујорк го кренаа знамето среде дожд и невреме за 35 години независност

Можат да се обидуваат да нè избришат. Но, и во еден ваков бурен и мрачен ден… ние сме тука. Над сто Македонци и пријатели на Македонија се собраа во срцето на Њујорк, покажувајќи дека љубовта кон татковината е посилна од дождот и невремето. На 26 септември 2026 година, и покрај дождот и силното невреме што […]

Никола Тесла – светски научник чии пронајдоци ја променија модерната цивилизација

Големиот научник Никола Тесла се почитува и слави и во Хрватска и во Србија и во Соединетите Американски Држави и во целиот свет. Тоа го потврдуваат современите проучувачи на ликот и делото на Никола Тесла, кои го нарекуваат “Човекот што го измислил дваесеттиот век“ и “светецот – заштитник на модерниот електрицитет.“ Никола Тесла беше научник, […]

Вратени 16.952 текста објавувани од 2009 до 2026 година на порталот „Македонска нација“

Зачуван е најголемиот дел од богатата архива на порталот — текстовите повторно се достапни за читателите, а со нови материјали продолжуваме да го збогатуваме македонското историско и културно наследство. Во април 2026 година порталот „Македонска нација“ стана недостапен. Не знаеме со сигурност дали стануваше збор за хакерски напад или за друг проблем. За да продолжиме […]

Браќа и сестри Македонци, каде и да сте!

Оваа порака доаѓа од вашата татковина – од Македонија. Од земја со древна историја, богата култура и дух што никогаш не се откажал. Вашата врска со Македонија е крвна, духовна и семејна. Таа тече низ јазикот што го зборуваме, писмото што го пишуваме, песните што ги пееме и спомените што ги носиме со себе. Тоа е […]

To top